+ 389 2 609 0218 contact@lblaw.com.mk

4ри Битни работи што треба да ги знаете за вонбрачна заедница

За Македонското право вонбрачната заедница не е непознат правен институт, колку што е веројатно недоволно јасен и познат за очите на јавноста. Меѓутоа и покрај недоволното познавање на предизвиците кои ги носи се себе вонбрачниот живот, во денешни услови голем број парови полесно донесуваат одлука да започнат заеднички живот, наспроти одлука да стапат во брак.

Неформалноста на ваквата заедница прави истата да биде привлечна, но истовремено треба да имате предвид дека Вашите лични интереси ќе може да ги остварите и заштите само во однос на точно определени правни односи.

Од друга страна, мошне често, живеењето заедно со партнерот/ката води кон поставување на прашањата:

  • „Дали живеењето заедно со мојот/а партнерот/ката, значи дека имаме исти права, како и кога би биле во брак?“ или
  • „Кои права ги имам доколку со вонбрачниот партнер заедно купиме недвижен имот?“

Од овие причини, во продолжение Ве запознаваме со се што треба да знаете за вонбрачната заедница и правните последици можат да произлезат од истата.

  1. Заеднички живот најмалку една година

Започнувањето на заеднички живот со партнерот е предизвик кој со себе носи предности и недостатоци. Сепак, живеењето заедно само неколку недели или месеци не значи дека сте стапиле во вонбрачна заедница (иако сте на добар пат истата да го добие таквиот правен статус).

За разлика од други држави, во Република Северна Македонија никој нема да Ви даде потврда или било каков друг документ кој би потврдил дека Вашиот заеднички живот добил статус на „вонбрачна заедница“.Ова значи дека не постојат услови, овој момент да го официјализирате на формалноправен начин.

Сепак, може да бидете сигурни дека сте станале вонбрачни партнери доколку сте живееле заедно во период од најмалку 1 (една) година.

2. Стекнување на заеднички имот

Многу често, започнувањето на заеднички живот започна да го привилегира и заедничкото купување на стан, со цел решавање на станбеното прашање „со здружени сили“. Затоа, имајте во предвид дека иако не сте во брак, стекнувањето на заеднички имот во вонбрачна заедница, значи дека ги уживате истите имотни  права и обврски, како да сте брачни другари.

Според Закон, имотот кој ќе го стекнете во времетраење на оваа заедница претставува
Ваш заеднички имот. Ова значи дека заеднички купениот стан претставува Ваша заедничка сопственост, додека евентуално земен кредит за негова исплата станот, претставува поеднакво заедничка обврска и за двајцата.

Со Вашиот партнер секогаш можете да се договорите управувањето и располагањето со заедничкиот имот да го врши едниот од Вас. Меѓутоа, за секоја преземена работа која би ги надминала рамките на редовно управување или располагање со имотот, ќе Ви биде потребна согласност на партнерот/ката.

Добрата вест е дека за време на траењето, па и по престанок на вонрачната заедница можете спогодбено да го поделите заедничкиот имот, после што настанува режим на посебен имот.

3. Право на меѓусебно издржување 

За волја на вистината, вонбрачната заедница не дава некои особени поволности и права со оглед на тоа дека истата согласно Законот е изедначена со брачната заедница, но само во поглед на правото на меѓусебно издржување и имот стекнат за време на траењето на таа заедница.

Вонбрачниот другар кој нема доволно средства за издржување и е неспособен за работа или е без работа без своја вина, има право на издржување од својот вонбрачен другар сразмерно со неговите можности. Ова значи дека, според закон не е исклучена можноста да бидете задолжени да плаќате определен износ на име издршка за Вашиот/та партнер/ка.

4. Право на меѓусебно наследување

Веројатно еден од недостатоците на законското решение е тоа што вонбрачните другари не можат да се наследуваат меѓу себе, затоа што според Законот за наследување вонбрачните партнери не се предвидени во ниту еден од законските наследни редови.

Меѓутоа, од друга страна наспроти ваквото „непопуларно“ законско решение, законот го изедначил вонбрачното сродство со брачното, односно ги изедначува правата на вонбрачните деца со брачните во поглед на право на наследување на своите вонбрачни родители.

 

Што доколку сакате да се разделите со Вашиот партнер/ка?

За жал во правото нема да најдете одговор на ова прашање. Меѓутоа, со оглед на тоа дека вонбрачната заедница нема потреба да институционализира пред надлежен орган, начинот на престанок на истата не е проследен со било какви правни чекори кои мора да бидат преземени.

Оттука, разделбата со Вашиот вонбрачен партнер/ка, не подлежи на било какви формалности  и рестрикции од правен аспект, освен потребата од мирно разрешување на евентуалните меѓусебни недоразбирања.  

Ивана Илиеска

Контактирајте го авторот тука:

Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.