Договор согласно закон за нефер трговски практики
(Закон за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехрамбени производи)
Со новиот Закон за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи, се поставуваат нови правила и обврски за деловните односи меѓу добавувачите и купувачите во овој сектор. Законот воведува задолжителни договорни услови и го регулира рокот за плаќање, со што има за цел да создаде фер трговски односи и да ги заштити послабите страни во договорните односи.
Задолжителни договорни услови во договор согласно закон за нефер трговски практики
Законот предвидува дека договорите за снабдување со земјоделски и прехранбени производи мора да бидат во писмена форма и да бидат склучени пред испораката. Ваквата регулација е насочена кон спречување на недоразбирања и правна несигурност.
Договорите задолжително треба да содржат:
-
Цена – прецизно утврдена или начин на нејзино пресметување.
-
Квалитет и вид на производите – детална спецификација на доставените производи.
-
Рокови и услови за испорака – јасни дефинирани рокови за доставување.
-
Рокови и услови за плаќање – строго дефинирани рокови за исплата.
-
Место на испорака – каде производите ќе бидат доставени.
-
Времетраење на договорот – точно наведен период на важност.
-
Престанување и раскинување на договорот – услови под кои договорот може да биде прекинат.
Рокови за плаќање – нови ограничувања во договор согласно закон за нефер трговски практики
Една од најзначајните новини во законот се строгите рокови за плаќање.
-
За лесно расипливи производи, плаќањето мора да се изврши во рок од 30 дена по завршувањето на договорениот период на испорака или по датумот на фактурирање, зависно од тоа кој рок е подоцнежен.
-
За други земјоделски и прехранбени производи, плаќањето мора да се изврши во рок од 60 дена.
-
Доколку договорот предвидува нередовна испорака, истите рокови се применуваат и во тие случаи.
-
Договорениот рок на испорака не смее да надмине еден месец.
Овие ограничувања имаат за цел да се намали ризикот од доцнење на плаќањата и да се осигура ликвидноста на добавувачите.
Општи деловни услови и забрана за нефер трговски практики
Покрај основните договорни обврски, законот бара и јасно дефинирање на општите деловни услови меѓу договорните страни. Тие мора да бидат недвосмислени и не смеат да содржат нефер трговски практики, како што се:
-
Еднострано менување на договорните услови од страна на купувачот.
-
Наметнување дополнителни давачки на добавувачите кои не биле претходно договорени.
-
Одложување на плаќањето над законски утврдените рокови.
Пример за нефер трговска практика би бил случај каде што голем ланец на маркети бара од добавувачите неоправдани попусти или дополнителни услуги без договорна основа, при што тие немаат друг избор освен да се согласат за да не ја изгубат продажбата.
Исклучоци од роковите за плаќање
Законот предвидува неколку исклучоци од горенаведените рокови за плаќање, како што се:
-
Плаќања во рамки на училишни програми за набавка на овошје, зеленчук и млечни производи.
-
Плаќања на јавни здравствени установи кон добавувачите.
-
Договори за снабдување со грозје или шира за производство на вино, доколку во нив се предвидени специјални услови за плаќање.
Како овој закон влијае врз добавувачите и купувачите?
За земјоделските производители и малите добавувачи, законот носи заштита од одложени плаќања и неправични услови. Големите купувачи ќе мора да ги прилагодат своите деловни практики и да се осигураат дека ги почитуваат новите рокови за плаќање и фер услови во договорите.
Овој закон претставува значаен чекор кон подобрување на фер деловните односи во земјоделско-прехранбениот сектор. Секој што работи во оваа индустрија треба да ги разгледа своите договори и деловни практики за да се усогласи со новите законски барања. Со тоа ќе се обезбеди стабилност, правна сигурност и одржлив раст на овој важен сектор за македонската економија.

Мартин Бошкоски
Контактирајте го авторот тука:
Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.