Забранети нефер трговски практики според Законот за нефер трговски практики
(Закон за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехрамбени производи)
Заштитата на добавувачите во трговските односи со купувачите е клучен аспект на Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехрамбени производи. Член 8 од овој Закон дефинира кои трговски практики се сметаат за нефер и забранети, без разлика на преговарачката моќ на страните. Во овој текст, ќе разгледаме неколку од најзначајните забранети практики.
Законот за нефер трговски практики обезбедува јасна рамка за заштита на добавувачите од неправедни трговски услови. Доколку добавувачите се соочат со нефер практики, можат да поднесат претставка до Комисијата за заштита на конкуренцијата, која има надлежност за контрола и санкционирање на прекршителите.
1. Откажување нарачки на расипливи производи
Купувачите не смеат да ги откажуваат нарачките на расипливи земјоделски и прехранбени производи во рок пократок од 30 дена, доколку тоа оневозможува добавувачот да најде алтернативен пазар.
2. Еднострани измени на договорните услови
Забрането е купувачите да ги менуваат условите на договорот без согласност од добавувачот, особено во поглед на начинот, местото, времето и обемот на испорака, како и стандардите за квалитет и цените.
3. Барање неповрзани плаќања
Купувачите не смеат да бараат дополнителни плаќања од добавувачите кои не се директно поврзани со продажбата на земјоделските и прехранбени производи.
4. Неосновани трошоци за штета и загуба
Забрането е купувачите да го задолжуваат добавувачот за штета или загуба на производите откако сопственоста веќе е пренесена, освен ако станува збор за скриени мани.
5. Одбивање писмена потврда на договорните услови
Доколку добавувачот побара, купувачот е должен писмено да ги потврди условите на договорот, освен ако станува збор за договори во рамки на организации на производители.
6. Злоупотреба на деловни тајни
Купувачите не смеат незаконски да стекнуваат, користат или откриваат деловни тајни на добавувачот.
7. Комерцијален притисок
Забрането е купувачите да вршат комерцијален притисок или закани за одмазда ако добавувачот ги искористи своите законски права, како што е поднесување жалби до надлежните институции.
8. Неправедни надоместоци и трошоци
Купувачите не смеат да бараат плаќања за:
-
Внесување на нов производ во продажната мрежа.
-
Трошоци за истражување на пазарот.
-
Додатни анализи на квалитетот на производите, освен ако се утврди неквалитетен производ.
-
Непродадени производи без претходно договорена компензација.

Мартин Бошкоски
Контактирајте го авторот тука:
Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.