НОВИ ЗАКОНСКИ ОБВРСКИ ЗА ТРГОВЦИТЕ КОИ ВРШАТ ТРГОВИЈА НА МАЛО
– Трговците се oбврска да го усогласат своето работење најдоцна до 18.04.2025 година –
На ден 04.03.2025 година стапија на сила измените на Законот за заштита на потрошувачите,
со фокус на зголемување на транспарентноста на цените на стоките. Во согласност со измените, трговците (малите, средни и големи трговци кои вршат трговија на мало) се обврзани да ги исполнат новите обврски за објавување на цените на своите производи.
Поконкретно, врз основа на одредбите од новиот Член 15-а, трговците кои вршат продажба на стоки преку своите веб-страници се обврзани да ги исполнат следниве обврски:
- Обврска за објавување на цените – Секој трговец е должен на својата веб-страница, одделно за секој продажен објект, да ги објави тековните продажни, односно единичните цени во моментот на објавување на секој производ или услуга кој го нуди за продажба.
- Обрвска за ажурирање на цените – Цените на стоките мора да се ажурираат на дневна основа, што значи дека трговците се должни редовно да ги ажурираат цените на своите производи и услуги на нивната веб-страница, доколку има било какви промени.
Важно е да се има во предвид дека при секое објавување или ажурирање на цените, мора доследно и во целост да се применуваат одредбите од Законот за заштита на потрошувачите кои се однесуваат на означување на цените.
Во поглед на начинот на кој цените ќе се објавуваат на веб-страниците согласно воведените измени, стапи на сила и Правилникот за начинот на објавување на цените на стоките и податоците што треба да се објавуваат од страна на мал, среден и голем трговец кој врши дејност трговија на мало донесен од страна на Министерството за економија и труд.
Според Правилникот, трговците имаат обврска да ги објавуваат цените на стоките кои ги пласираат на пазарот на својата веб-страница на јасен и достапен начин, преку посебен дел на веб-страницата на трговецот посветен на цените (Ценовник). Притоа, објавените цени треба да бидат достапни без потреба од регистрација или дополнителна најава. Тековната продажна цена, единечната, промотивната или попустната цена за секој одделен продажен објект на трговецот се објавуваат на веб страницата на горенаведениот начин и неопходно да ги содржат податоците утврдени во Прилогот даден во согласност со Правилникот.
Доколку од страна на трговецот се нудат промотивни или попустни цени, на веб страницата на трговецот треба да биде означена редовната цена, процентот или износот на намалување, како и времетраењето на промоцијата или попустот.
Клучен момент кој треба да се има во предвид е дека ваквото ажурирање на цените треба да се врши на дневна основа и тоа секој работен ден до 10:00 часот. Евентуалните, ненамерни технички грешки направени при ажурирањето на цените, трговецот има обврска да ги корегира во рок од 24 часа.
Дополнително на ова, освен обврските кон кои трговците мора задолжително да се придржуваат, истовремено проширени се основите и за нивната прекршочна одговорност. Така, со измените се предвидуваат и прекршочни санкции, односно глоби за сите трговци кои нема да ги објавуваат цените, како и за оние кои тоа ќе го прават спротивно на одредбите од членот 15-а.
Засегнатите трговци се должни во рок од 45 дена од денот на влегувањето во сила на законските измени да го усогласат и прилагодат своето работење, но не подоцна од 18.04.2025 година.
Битно да се напомене дека овие измени ќе имаат непосредно влијание врз работата на трговците кои вршат трговија на мало согласно со Националната класификација на дејностите, но ќе овозможат и прецизен увид во нивните ценовни политики. Новите одредби имаат за цел да ги зајакнат правата на потрошувачите, обезбедувајќи им јасен, транспарентен и лесен пристап до информации за цените на производите и услугите.
Според тоа, примарната цел на законските измени е да се подигнат стандардите на транспарентност во трговијата, односно очекувањата се дека преку редовно објавување и ажурирање на цените на стоките, ќе се овозможи сигурен пристап до целосни информации. Сево ова, дополнително треба да резултира со подобрување на стандардите за пофер пазарно опкружување и да ја зголеми довербата на потрошувачите во трговијата на мало.
Но, дали навистина ќе се реализира таквото сценарио на долг рок, ќе остане на праксата да покаже како овие измени ќе се имплементираат и рефлектираат во секојдневното функционирање на сите засегнати страни. Како ќе се прилагодат трговците и како потрошувачите ќе ги искористат овие нови можности ќе биде клучно за успешноста на овие измени и постигнување на посакуваните резултати.

Ивана Илиеска
Контактирајте го авторот тука:
Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.