+ 389 2 609 0218 contact@lblaw.com.mk

Тајна до развод за само неколку месеци – како со минимум трошоци и без изгубени нерви

Факт е дека никој не сака да размислува за развод кога ќе стапи во брак. Добрата вест е дека стапката на разводи се намалува. Колку за илустрација, во Македонија бројот на разведени бракови во една година во просек се движи помеѓу 1.500-2.000, додека на склучени бракови помеѓу 10.000-15.000. Гледано во апсолутни бројки, постои добра шанса Вашиот брак да успее. Сепак, во реалниот и динамичен свет на живеење, не постојат никакви гаранции и за тоа не е на одмет да се биде подготвен.

Разводот е неизбежен и неспорен при несогласувања на брачните другари. Уцените на брачниот другар се залудни, бидејќи за да се разведете не треба да се договорите и не се потребни двајца како што се потребни кога стапувате во брак. Иако законот предвидува постапка за помирување на брачните другари од страна на судот или Центарот за социјални работи (доколку имате заеднички малолетни деца), праксата покажува дека разводот на бракот воопшто не треба да се доведува во прашање доколку и само една од страните сака бракот да го разведе. Единствено нешто на кое внимава судот е: дали Вашата одлука за развод на бракот сте ја донеле слободно, сериозно и непоколебливо. Ова е така бидејќи разводот не е спорна состојба како што е тоа во некои други земји ширум светот, бидејќи законот како основи за развод на бракот ги наведува неподносливоста во брачната заедница или фактички не постоење на брачната заедница повеќе од една година.

Спогодете се, по можност секогаш! Колку повеќе успеете да разговарате и да се договорите со Вашиот брачен другар, толку повеќе време, нерви и пари ќе заштедите при разводот. Судскиот систем е познат како бавен, а трошоците и нервозите никој не ги посакува. Колку повеќе успеете да се договорите, толку побрз, поевтин и полесен ќе биде Вашиот развод. Освен ако другата страна е тотално неразумна или нема да се смири се додека „не влезе во војна со Вас“, направете се што треба за да го решите Вашиот случај спогодбено. За што треба да се согласите: 1. Кај кого ќе остане детето на чување и воспитување? 2. Начин, време, место и времетраење на гледањето на детето со другиот родител? Дали другиот родител ќе плаќа издршка („алиментација“) и ако плаќа, колку ќе изнесува истата?

Децата се најважни. Брачни другари – некогаш, родители – засекогаш. Родителсткото право и припаѓа на мајката и таткото подеднакво. Детето има право да одржува лични односи и контакти со родителот со кого не живее, а родителот со кого детето живее има право и должност да одржува лични односи и непосредни контакти со детето. Тоа значи дека мора да бидете на иста страна во однос на децата, инаку ќе биде невообичаено тешко да седите до Вашиот поранешен брачен другар заедно со Вашето дете. Оваа состојба воопшто не добра за Вашето дете. Имајте го ова на ум пред „да влезете во во војна“ со Вашиот брачен другар при започнување со разводот.

Одлуката на Центарот за социјални работи не e вечна! Одлуката за чување, воспитување и издржување на детето секогаш може да биде изменета имајќи ги предвид изменетите околности и услови кои што влијаеле на нејзиното донесување. Децата растат, па така растат и нивните потреби, а воедно се зголемуваат и можностите за повеќе гледање со другиот родител.

Разводот е „одвоено“ прашање од делбата на имотот стекнат во брак. Не треба да се мешаат постапката за развод и делбата на имот стекнат во брак. За разлика од некои други земји ширум светот, нашето законодавство предвидува одвоен третман на овие две прашања. Како и бракоразводната постапка, заедничкиот имот може да биде поделен спогодбено (со договор) или пак по судски пат. Делбата може да се одвива за време на бракот – пред разводот, паралелно со бракоразводната постапка, па дури и по разводот на бракот.  

 

Адвокат Ведран Лаличиќ

Адвокатска канцеларија
Лаличиќ и Бошкоски од Скопје

 Горенаведеното не претставува правен совет. За правен совет, Ве молиме контактирајте стручно лице – адвокат.