Договор за друштво помеѓу содружници – основа за долгорочно успешен бизнис
Што треба да имате во предвид?
При основање на друштво заедно со друг содружник, една од најважните работи е да се постигне балансиран договор за друштвото (договор за основање) кој заеднички ќе ги изразува долгорочните цели на друштвото.
Ова особено доколку инвестицијата е еднаква затоа што многу лесно може да дојде до заглавување на работењето на друштвото, доколку основните прашања не бидат соодветно уредени со ваквиот договор.
Законот за трговските друштво во голем дел остава слобода за договарање, единствено давајќи законска солуција доколку содружниците не договориле определен аспект.
Распределба на добивката
Секое друштво е основано со една цел, да оствари добивка за своите содружници. Меѓутоа, откако друштвото работело некое време и веќе почнало да акумилира добивка, многу често можат да се појават разлики помеѓу содружниците за идејата за распределба на ваквата добивка. Затоа, Законот остава можност да договорот определи како добивката ќе биде распределена и тоа претставува една од клучните можности која треба да се регулира при основањето на друштвото заедно со други содружници.
Односно, законот упатува дека: Содружниците имаат право на соодветен дел од добивката, освен ако правото на учество во добивката не е ограничено или исклучено со договорот за друштвото.Со договорот за друштвото се определува начинот на одлучувањето за распределбата, времето кога таа се врши, можноста управителот да одлучува за распределбата според критериуми и насоки утврдени од собирот на содружниците, начинот на којшто се води евиденцијата за распределбата и се утврдува износот на кој секој одделен содружник има право, ограничувањата при распределбата и други прашања, освен оние за коишто во согласност со овој закон и договорот за друштвото, е определено дека се одлучува на собир на содружниците.
Наведените одредби даваат можност за содружниците да ги вметнат долгорочните цели во договорот изразени преку начинот на распределба на добивката. Договорот може да има секакви креативни одредби во однос на ова, кои секако ја изразуваат намерата на содружниците при основањето на друштвото, односно потпишувањето на договорот за основање.
Определување на удел
Во најголем број случаи во основаните трговски друштва, висината на уделот е процентуално еднаква на висината на влогот на содружникот. Ова произлегува од генералното правило од законот согласно кое Уделот на содружник во друштвото се определува според големината на влогот што го презел содружникот.
Меѓутоа, од различни причини и мотиви, уделот може да не биде определен според големината на влогот што го презел содружникот.
Имено, законот дозволува да определен содружник има различен удел во однос на неговиот влог.
Причините за ова може да бидат различни, меѓутоа потребно е да се знае дека законот дозволува ваква можност за содружниците и истата може да биде причина за подобро фукционирање на друштвото на долг рок.
Определување на начини на располагање со уделот
Законот му дава можност на договорот да биде креативен и во однос на начинот на располагање со уделите од страна на содружниците.
Единствено правило кое мора да се следи е обврската да уделот се понуди првенствено на другите содружниците.
Меѓутоа, одредбите за располагање на уделот даваат можност да содружниците договорат различни современи корпоративни одредби во однос на располагање со уделот, како што се “Tag Along”, “Drag Along” и слично.
Механизам за одглавување
Многу често, особено во посложени содружнички односи, постојат ситуации кога собирот на содружници може да се стави во улога да го заглави работењето на друштвото, а со тоа и неговото постоење.
Од оваа причина, во однос на различни прашања препорачливо е со договорот да се уреди начинот на гласање и одлучување на содружниците, особено со цел да се превенира заглавување односно неможност за донесување на одлука (пр. два содружници со еднакви удели не би можеле да назначат нов управител доколку не се согласуваат).
Затоа, согласно законот е определено дека: Прашањата за кои содружниците одлучуваат на собир на содружниците или преку допишување, начинот, условите и постапката на донесувањето на одлуките се определуваат со договорот за друштвото.
Исто така, општото правило е дека. Секој износ од влогот што одговара на вредноста од 100 ЕВРА, дава еден глас, при што деловите под 100 ЕВРА изразени во денари не се земаат предвид при определувањето на правото на глас. Меѓутоа, со истата одредба е определно дека Во договорот за друштвото може да се определи содружниците да имаат и поинакво право на глас меѓутоа секој содружник мора да има право на најмалку еден глас.
Мартин Бошкоски
Контактирајте го авторот тука:
Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.