+ 389 2 609 0218 contact@lblaw.com.mk

Влог и удел не е една иста работа
(што треба да знаете како содружник)

Секој кој имал прилика да биде еден од содружниците во друштво со ограничена одговорност, се сретнал со терминот влог и удел.

Во нашата пракса во најголем број случаи овие термини се третираат како идентични, особено затоа што содружниците така и се договориле. Односно, најчесто процентот на учество во добивката и правото на глас при носење на одлуки, е соодветен на износот на влогот кој го има содружникот во едно друштво со ограничена одговорност.

Меѓутоа, не значи секогаш дека влогот треба да е адекватен на уделот кој го имал содружникот во определено друштво. Во продолжение ги презентираме разликите на ваквите термини кои се битни за секој кој е содржуник во едно друштво, заедно со друго лице.

Законски дефиниции на влог и удел

Законот за трговските друштва јасно ги дефинира термините влог и удел во друштво.

Имено, согласно законот,,влогот во друштвото” се пари, ствари, права коишто содружникот, односно акционерот му ги отстапува и пренесува на трговското друштво во постапката на основање или во постапката на зголемување на основната главнина на друштвото, односно и труд и услуги кога тоа со овој закон е допуштено и заем, односно дополнителна доплата, коишто согласно со одредбите од овој закон се трансформираат во влог.

Од друга страна, уделот во друштвото законот го дефинира како севкупност на права и обврски коишто содружникот ги стекнува врз основа на влогот во основната главнина во јавното трговско друштво, командитното друштво и друштвото со ограничена одговорност, при што секој содружник има еден удел кој не може да биде претставен во хартија од вредност.

Односно, влогот е тоа што содружникот го уплаќа или го внесува како имот на фирмата во која е содружник, а уделот е право кое се стекнува врз основа на така внесениот влог.

Релација на влог и удел

Доколку поинаку не е определено, уделот на содружник во друштвото се определува според големината на влогот што го презел содружникот.

Меѓутоа, содружниците можат во договорот за друштвото ова да го пределат поинаку, односно можат да наведат дека влогот не е идентичен со уделот.

Така на пример, содружник кој вложил 1.000 ЕУР во друштвто со основачки влог од 5.000 ЕУР, може да се определи дека има 40% удел, иако соодносот на влогот е адекватен на 20%.

Врз основа на ова, Законот дава можност да се определи договорно помеѓу содружниците кој содружник колкав удел би поседувал, а со тоа колкав процент од добивката и ликвидационата / стечајната маса му следува. Односно, колку процентуално е изразене неговиот глас при собир на содружници.

Како се евидентира уделот кај нас?

Во однос на друштвата со ограничена одговорност, не постои државен орган или друг вид на институација која води евиденција за висината на уделите.

Затоа, законот пропишува дека уделот се евидентира и се води во книга на удели со која ракаовиди управителот.

Согласно Законот, во однос на друштвото, содружник на друштвото е само оној кој е запишан во книгата на удели.

Се смета дека уписот во книгата на удели е извршен на денот кога на друштвото ќе му пристигне пријавата за упис, ако таа ги исполнува условите што се бараат за таков упис, без оглед на времето кога уписот вистински е извршен.

Ако управителот одбие да изврши упис во книгата на удели во рок од осум дена од денот на поднесување на пријавата, содружникот, односно друго лице кое има правен интерес, може по истекот на овој рок, да поднесе предлог до судот да донесе одлука за упис во книгата на удели.

Адвокат Мартин Бошкоски

Адвокатска канцеларија
Лаличиќ и Бошкоски од Скопје

Горенаведеното не претставува правен совет. За правен совет, Ве молиме контактирајте стручно лице – адвокат. 

Данок на добивка – судска пракса

Правен информатор на Адвокатско друштво Лаличиќ и Бошкоски. 

 

Оваа содржина е достапна само за тие што се претплатени на нашиот правен информатор. За да се претплатите и да го добиете следниот број, пријавете се тука: „пријави се“

Доколку сте заинтересирани за конкретната содржина, контактирајте не на contact@lblaw.com.mk.