+ 389 2 609 0218 contact@lblaw.com.mk

Судска пракса – Работни односи

Во продолжение на оваа страна ќе презентираме определено пресуди од повисоките судови во Република Македонија кои се однесуваат на заштита на правата на работникот или работодавачот во работен спор. Пресудите кои се презентирани се по наше разбирање интересни за работодавачите и работниците. Подолу презентираните пресуди се подредени од понова кон постара и оваа страна ќе биде дополнувана на овој начин по таков редослед.

Пресуда на Врховен суд РЕВ2-411/22 : Надомест на плати додека работникот води постапка против неоснован отказ, но само доколку нема други приходи

Во случајот на тужителот кој успеал да добие судска постапка за незаконит отказ, Врховниот суд на Република Северна Македонија јасно ги утврди правата и обврските поврзани со надоместокот на штетата. Тужителот ја добил судската постапка за поништување на решението за отказ и со тоа го обезбедил правото на исплата на неисплатени плати и придонеси за периодот додека бил отсутен од работа.

Судската постапка започнала поради незаконскиот отказ од 01.12.2009 година, а завршила со правосилна пресуда на Апелациониот суд Скопје на 30.01.2019 година. Според вештачењето, тужителот бил должен да добие нето плати во износ од 1.809.547,00 денари, како и придонеси за социјално осигурување и персонален данок на доход за целиот период. 

Врховниот суд утврдил дека согласно член 102 од Законот за работните односи, работодавачот е обврзан да му исплати на работникот бруто плата која би ја земал кога би бил на работа, намалена за износот на приходот кој го остварил врз основа на работа по престанокот на работниот однос. Во овој случај, тужителот не побарал да биде вратен на работа и не се вратил на работа по правосилноста на пресудата, поради што барањето за исплата на плати и придонеси за периодот по 30.01.2019 година било одбиено како неосновано.

Од доказите за граничните проверки и Управата за јавни приходи, се утврдило дека тужителот не остварувал приходи во Северна Македонија за спорниот период, што значи дека нема основа за намалување на износот на надоместокот.

Заклучно, кога работникот добива судска постапка за неправеден отказ, тој има право на исплата на плати за периодот кога не работел, но доколку за тој период има остварено приходи, тие се одземаат од вкупниот износ. Доказите за престој и приходи од надлежните институции се релевантни за утврдување на конечниот износ на надоместокот.

 

Пресуда на Врховен суд РЕВ3-98/23: “Како непочитувањето на формалните процедури при годишен одмор може да Ве чини работното место”

Одлуката на Врховниот суд на Република Северна Македонија за случајот на тужителот, кој бил автомеханичар, ја покажува важноста на следењето на формалните процедури при користење на годишен одмор. Во овој случај, тужителот го изгубил своето работно место поради неоправдано отсуство од работа.

Тужителот добил решение за годишен одмор од десет дена, од 14 јули до 27 јули 2021 година. Иако му бил одобрен годишен одмор, тој се вратил на работа на 20 и 21 јули без да добие писмено одобрение или налог од претпоставените. Ова работно присуство не било официјално евидентирано како дел од работниот период, што значи дека деновите на одмор останале непроменети.

Кога тужителот не се појавил на работа на 28, 29 и 30 јули, компанијата тоа го сметала за неоправдано отсуство. На 4 август, генералниот директор донел одлука за отказ на договорот за вработување поради три последователни неоправдани отсуства. Против оваа одлука, тужителот поднел приговор кој бил одбиен, а конечната одлука за отказ ја примил на 9 август.

Врховниот суд утврдил дека тужителот не добил писмено одобрение дека неговиот годишен одмор е продолжен. Иако тужителот тврдел дека мислел дека му е продолжен одморот, тоа не било потврдено со формално решение од работодавачот. Судот заклучил дека тужителот своеволно продолжил со годишниот одмор без одобрение, со што ја прекршил обврската да се јави на работа на 28 јули.

Според член 82 став 1 точка 1 од Законот за работните односи, неоправданото отсуство од три последователни работни дена е доволна причина за отказ. Врховниот суд утврдил дека тужителот не го оправдал своето отсуство и дека не добил писмено одобрение за продолжување на годишниот одмор.

Овој случај јасно покажува дека работникот не може да го продолжи својот годишен одмор без формално одобрение од работодавачот. Писменото решение за продолжување на годишниот одмор е клучно за да се избегнат правни последици и можен отказ.

Пресуда  на Врховен суд РЕВ3-90/23: Без навремен приговор од работникот, нема можност за судска заштита

Одлуката на Врховниот суд на Република Северна Македонија во случајот со тужителката која го оспорува отказот на договорот за вработување го истакнува значењето на поднесувањето на приговор од страна на работникот против одлуката за отказ во предвидениот рок.

Во конкретниот случај, тужителката го оспорила отказот даден од страна на управителот на тужениот на 1 март 2020 година поради кршење на работниот ред и дисциплина, злоупотреба на боледување и неисполнување на работните обврски. Судовите утврдиле дека тужителката не поднела приговор против оваа одлука до органот на управување или до работодавачот, што е предуслов за судска заштита.

Согласно член 91 од Законот за работните односи, работникот има право да поднесе приговор до органот на управување или работодавачот во рок од осум дена од денот на добивање на одлуката за отказ на договорот за вработување. Овој приговор е клучен, бидејќи според став 5 од истиот член, кога работодавачот не донесе одлука по приговорот или кога работникот не е задоволен со одлуката, тој има право да поведе спор пред надлежниот суд во рок од 15 дена.

Во конкретниот случај, тужителката не го искористила ова право и не поднела приговор, што значи дека не го исполнила предусловот за барање судска заштита. Судовите правилно го примениле член 91 и член 181 од Законот за работните односи, заклучувајќи дека без претходно барање за заштита на правата кај работодавачот, работникот не може да бара судска заштита.

Затоа, поднесувањето на приговор против одлуката за отказ во предвидениот рок е критичен момент кој му дава на работникот легитимитет да продолжи со постапката пред судот. Пропуштањето на овој чекор значи дека работникот нема правна основа за судска заштита, освен во случаи каде што законодавецот предвидува директна судска заштита.

Оваа одлука на Врховниот суд јасно покажува дека и работниците мораат да ги следат формалните процедури и да поднесат приговор во соодветниот рок за да ги заштитат своите права. Заштитата на правата на работникот започнува со примарна заштита пред работодавачот, која е предуслов за започнување на судска постапка.

Пресуда на Врховен суд РЕВ3-27/23: Зошто е важно да се внимава на сите формалности при донесување на одлука за престанок на работен однос

Одлуката на Врховниот суд на Република Северна Македонија во случајот со тужителката која го оспорува отказот на договорот за вработување го истакнува значењето на почитување на сите формални чекори и процедури при прекин на работниот однос.

Во конкретниот случај, тужителката го оспорила отказот даден од страна на директорот на тужениот на 28 мај 2018 година. Одлуката за отказ била донесена поради наводно кршење на работниот ред и дисциплина, но Врховниот суд утврдил дека дисциплинската постапка била спроведена незаконски.

Основната причина за поништувањето на одлуката е фактот дека тужениот не успеал да утврди конкретен ден и дејствија со кои тужителката го нарушила работниот ред и се однесувала насилнички. Дисциплинската постапка била започната на 16 април 2018 година, но комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност била формирана дури на 23 април 2018 година. Ова укажува на неправилности во постапката, бидејќи членовите присутни при составување на записникот не биле овластени за водење на таква постапка.

Дополнително, записникот составен од вработените на 16 април 2018 година нема штембил и печат на тужениот и не е заведен во деловодникот, што претставува повреда на правилата за архивирање и фрла сомнеж кон самиот документ. Исто така, во одлуката за формирање на комисија, тужениот се повикал на упатство за утврдување на дисциплинска одговорност кое нема датум на донесување и деловоден број, што дополнително ја компромитира постапката.

Инспекторот од Државниот инспекторат за труд констатирал дека протоколот за хоспитална култура и кодексот за професионално и етичко однесување не се законски поткрепени, а одлуката за отказ не ги исполнува критериумите на член 73, член 74, член 75 и член 89 од Законот за работни односи.

Заклучокот на Врховниот суд е дека пониските судови правилно ја примениле материјалната законска рамка, и ја поништиле одлуката за отказ бидејќи не се утврдени конкретни прекршувања кои би ја оправдале. Оваа одлука истакнува дека работодавачите мораат да ги почитуваат сите формални чекори, вклучувајќи архивските формалности и деталното наведување на основите и описот за прекин на договорот за вработување, за да се избегнат правни последици и да се осигура правичноста на постапката.

Пресуда РЕВ2-141/23: За да постои одговорност на работодавач за повреда на работник, треба да постои и причинско последична врска

Во конкретниот случај, Врховниот суд ја анализираше тужбата поднесена од тужителот кој претрпел повреда на работното место. Тужителот, вработен како помошник ракувач на тролеј и акулокомотива, бил повреден на 27 февруари 2021 година додека извршувал работни задачи во рудникот Д. – П. Неговата десна нога била пригмечена помеѓу шасијата на локомотивата и бината за време на утовар на руда.

 Судот ги разгледа докажаните факти и констатираше дека тужителот ја извршувал својата работна задача заедно со М.И. кој ја управувал локомотивата и С.Т. кој бил на платформата. Повредата настанала кога десната нога на тужителот била надвор од шасијата на локомотивата и била пригмечена. По настанот, тужителот бил пренесен до друга локомотива и изнесен од рудникот.Тужителот се здобил со набиеница и нагмечно расцепна рана на десната нога, што подоцна резултирало со воспаление и оток. Во постапката, тужителот тврдел дека повредата е последица на неправилности во работењето на тужениот, но тоа не било докажано.

Врховниот суд се согласи со заклучокот на пониските судови дека нема причинско-последична врска помеѓу дејствието на тужениот и повредата на тужителот. Инспекторатот Д. при вонреден надзор исто така не утврдил неправилности во работењето на тужениот. Судот утврди дека тужителот бил обучен за извршување на работните задачи и потпишал изјава за извршена обука за безбедност и здравје при работа во октомври 2020 година. Судот исто така заклучил дека тужителот ја извршувал својата задача четири месеци по обуката и му било познато како треба да се однесува при возењето со локомотивата.

Согласно наводите и примената на член 159 од Законот за работните односи и член 141 став 1, член 159 и член 163 став 2 од Законот за облигационите односи, судовите правилно го одбиле тужбеното барање на тужителот како неосновано. Судот утврди дека штетата е исклучиво резултат на невнимание од страна на тужителот и не постои основ за тужителот да побарува надомест на штета од тужениот.