Што треба да направите доколку вашата компанија повеќе не работи
Ликвидација на фирма
Бизнисот фунцкионира или повеќе не функционира – општ феномен кој постои во секој современ деловен свет. Иако постои огромен број на компании кои од било која причина повеќе не ја вршат својата активност или просто кажано истите воопшто и не работат, сепак нивните раководни лица не се ажурни како што биле (на пример) кога ја основале компанијата и воопшто не се мотивирани за формално престанување со бизнисот, како што биле кога го започнувале истиот.
Се чини разбирливо, но сепак треба да се разберат последиците од оваа „неажурност и немотивираност“, бидејќи нашето законодавство познава и дозволува нефункционирање на компаниите, меѓутоа ги пропишува и нивните обврски према трети лица, како и конечно бришење од трговските евиденции во правниот систем.
Пред воопшто да се анализираат и дискутираат следните можни чекори при неработење на компанијата, треба да се направи разлика дали компанијата е ликвидна и солвентна, односно може во целост да ги сервисира своите долгови према трети лица (УЈП, вработени, соработници и други) или пак истата е задолжена и не може да ги сервисира своите долгови.
Првата состојба (на ликвидност и солвентност), упатува на постапка за ликвидација, која со уредна и ажурно водена сметководствена евиденција, се спроведува за само неколку месеци пред Трговскиот регистар. Она што треба да го направите е да ја ажурирате својата сметководствена евиденција и да контактирате регистрационен агент (адвокат) за да ја спроведе постапката за ликвидација.
Втората состојба пак, упатува на постапка за стечај, која постапка, зависно од (пре)задолженоста на компанијата, може да биде помалку или повеќе комплексна постапка, која се води пред основните судови.
Независно од состојбата во која се наоѓа Вашата компанија, кога истата фактички воопшто не функционира, пред се, задолжително треба да постапувате согласно обврските од Законот за трговски друштва и редовно да го известувате Трговскиот (Централен) регистар за својата финансиска состојба преку составување и доставување на годишна сметка. Доколку Вашата компанија во изминатата календарска година воопшто не вршела никаква деловна активност, законот повторно предвидува обврска за известување, преку доставување на соодветно писмено известување и годишна сметка со податоци на пропишани обрасци.
Понатаму, независно од (не)солвентноста и (не)ликвидноста на компанијата, кога бизнисот повеќе фактички не функцинира, препорачливо е компанијата да ја „затворите“ бидејќи од една страна може само да Ви создава трошоци доколку истата формално постои, а од друга страна, во состојба на презадолженост, законите предвидуваат и обврска за овластените лица истата да ја затворат, односно да иницираат стечајна постапка.
Во таа смисла, Законот за стечај предвидува дека лицата овластени за застапување на компанијата-должник, се должни да поднесат предлог за отворање на стечајна постапка најдоцна во рок од 21 ден од денот на настапувањето на причините за отворање на стечајна постапка. Причините, односно условите за отварање на стечајната постапка настануваат кога компанијата е несолвентна (со блокирана сметка) повеќе од 45 дена.
Непостапувањето по овие обврски може да предизвика настанување на некои од следните последици:
- Овластените лица на компанијата ќе бидат лично, солидарно и неограничено одговорни за штетите што ги предизвикале на доверителите ако не поднеле предлог за отварање на стечајна постапка, иако знаеле (или морале да знаат!) за презадолженоста на трговското компанијата. Имотната одговорност за штети на лицата и органите не ја исклучува и не влијае врз можната казнена (кривична) одговорност на тие лица
- Глоба во износ од 1.000 до 2.000 Евра за компанијата-должник и за овластеното лице, а дополнително и забрана за вршење на одговорни работи и задачи во траење од 3 месеци до 1 година;
- Неможност (забрана утврдена со Закон за трговски друштва) за овластените лица и основачите да основаат нова компанија се додека сметката на компанијата е блокирана или додека не се отвори постапка за стечај или ликвидација;
- Недоставување на годишна сметка
- Даночни гаранции – одговорност за овластените лица (управители) на компанијата во случај да постои даночен долг на компанијата кој не е навремено сервисиран према државата.
Како што може да се забележи, ваквите последици се нешто што најмалку го посакуваме особено во состојба кога компанијата е „пред затворање“ и бизнисот воопшто не функционира. Како би го избегнале тоа, потребно е да се пристапи и кон формално затворање на компанијата, преку започнување на постапка за ликвидација или стечај, како би се ослободиле и од формалните „непознавања“ на законите, кои во крајна мера може само дополнително да ни наштетат кога најмалку ни е потребно.

Ведран Лаличиќ
Контактирајте го авторот тука:
Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.