Што треба да направите при повреда на работник на работа
Во современата работна средина, безбедноста и здравјето на вработените e од исклучително значење. Работодавачите се соочуваат со значителни обврски за да ги заштитат своите вработени од професионални ризици и да обезбедат адекватни услови за работа. Нормативните рамки, како Законот за пензиско и инвалидско осигурување и Законот за безбедност и здравје при работа и Законот за работните односи, предвидуваат јасни дефиниции и процедури за постапување во случај на повреда на работник при работа.
Што се смета за повреда на работник при работа?
Според Член 39 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, повреда при работа е онаа која настанува како резултат на непосредно и краткотрајно механичко, физичко или хемиско дејство, промени во положбата на телото, или други промени кои влијаат на физиолошката состојба на организмот, доколку е директно поврзана со извршувањето на работни задачи. Таква повреда може да се смета и заболувањето настанато како исклучителна последица на несреќен случај или виша сила во текот на работата.
Односно, согласно Законот пропишано е дека: Како повреда при работа, во смисла на овој закон, се смета повредата на осигуреникот причинета со непосредно и краткотрајно механичко, физичко или хемиско дејство, како и повредата причинета со нагли промени на положбата на телото, ненадејно оптоварување на телото или со други промени на физиолошката состојба на организмот, ако таквата повреда причински е врзана со вршењето на работите на работното место.
Како повреда при работа се смета и повредата причинета на на еден од погоре наведените начини, при што осигуреникот ќе ја претрпи на редовниот пат од станот до местото на работата или обратно, на патот преземен заради извршување на работни задачи и на патот преземен заради стапување на работа, доаѓање на работа од одмор или отсуство прекинати по налог на работодавачот, како и користење право на професионална рехабилитација.
Исто така, како повреда при работа се смета и заболувањето на осигуреникот што настанало непосредно и како исклучителна последица на некој несреќен случај или виша сила за време на вршењето на работата или во врска со неа.
Обврските на работодавачот за обезбедување безбедни услови за работа
Член 5 од Законот за безбедност и здравје при работа задава обврска на работодавачот да обезбеди безбедност и здравје при работа за своите вработени. Во рамките на неговите обврски спаѓаат преземањето на мерки за заштита од професионални ризици, обезбедување информации, обука и соодветна организација. Работодавачот е должен да избира работни методи кои ќе го подобрат нивото на безбедност и здравје при работа.
Обврската за обезбедување прва помош и известување при повреда на работник при работа
Согласно член 24 од Законот за безбедност и здравје при работа, работодавачот е должен да организира и обезбеди давање на прва помош на вработените во случај на повреди при работа или ненадејна болест до нивно упатување на лекување во здравствена установа.
Обврска за известување на трудов инспекторат при повреда на работник при работа
Во случај на повреда на работа, работодавачот е должен веднаш, а најдоцна во рок од 48 часа по настанот, писмено да го извести органот на државната управа надлежен за работите на инспекцијата на трудот и претседателот на синдикалната организација, односно синдикалниот претставник на репрезентативниот синдикат или претставникот на вработените таму каде што нема синдикат и претставникот на вработените за безбедност и здравје при работа.
Меѓутоа, ваквото известување не е секогаш обврска, туку истата произлегува само доколку настанало:
- смртен случај,
- колективна несреќа и повредите при работа кои предизвикуваат времена неспособност за работа повеќе од три работни дена и
- појава која претставува непосредна опасност и ја загрозува безбедноста на вработените при работа.
Притоа, работодавачот има обврска веднаш, а најдоцна во рок од 48 часа од настанот, писмено да извести надлежниот орган на државната управа за секој смртен случај или колективна несреќа, повреди кои предизвикуваат времена неспособност за работа повеќе од три дена и за секој случај кој претставува непосредна опасност за безбедноста на вработените.
Доколку се пропушти ваквото известување, Законот предвидува глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на микро и мал работодавач – правно лице, глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на среден работодавач – правно лице и глоба во износ од 3.000 до 4.000 евра во денарска противвредност на голем работодавач – правно лице.
Известувањето се испраќа на посебен формулар кој можете да го најдете на следниот линк
Евиденција и извештаи
Согласно Законот за безбедност и здравје при работа, работодавачот е должен да води евиденција за професионалните болести, заболувањата во врска со работата, повредите при работа и смртните случаи при работата. Евиденцијата ги содржи и сите технички документи, исправи, извештаи, наоди, мислења и слично.
Начинот за водење на евиденцијата е пропишан со Правилник од страна на Mинистерот надлежен за работите од областа на трудот.
Глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на микро и мал работодавач – правно лице, глоба во износ од 300 до 400 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на среден работодавач – правно лице, глоба во износ од 400 до 600 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на голем работодавач – правно лице, ако не води евиденција за за професионалните болести, заболувањата во врска со работата, повредите при работа и смртните случаи при работата.
Мартин Бошкоски
Контактирајте го авторот тука:
Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.