Во светот на недвижности, концептот на капитална добивка при продажба на недвижен имот игра значајна улога во финансиското планирање и даночните обврски на сопствениците на имот. Kапитална добивка при продажба на недвижен имот е финансискиот профит што се остварува кога сопственикот продава недвижен имот за цена која е повисока од неговата набавна цена. Во овој блог, ќе го разгледаме концептот на капиталната добивка во контекстот на пазарот на недвижности во Република Северна Македонија и како тоа влијае на даночните обврски на даночните обврзници.
Што е капитална добивка при продажба на недвижен имот?
Капиталната добивка претставува доходот што се остварува од продажбата на недвижен имот, односно разликата меѓу продажната и набавната цена на имотот. Ако продажната цена ја надминува набавната цена, Вие остварувате капитална добивка. Во даночното право во Република Северна Македонија, продажната цена се однесува на договорената цена при продажба, додека набавната цена е цената по која сопственикот го купил имотот.
Така, произлегува дека капитална добивка е доходот (позитивна разлика меѓу продажната цена на недвижниот имот и неговата набавна куповна цена), што обврзникот го остварува од недвижен имот. Ако разликата е негативна се остварува капитална загуба.
Како се пресметува капитална добивка при продажба на недвижен имот?
За да ја пресметате капиталната добивка, одземете ја набавната цена од продажната цена на недвижниот имот. Во случај на наследство или подарок, набавната цена е цената по која имотот бил стекнат од претходниот сопственик. Доколку имотот е изграден од Ваша страна, набавната цена се однесува на трошоците за неговата изградба.
Даночен третман на капиталната добивка при продажба на недвижен имот
Даночната стапка за капиталната добивка во Северна Македонија изнесува 10%. Сепак, постојат одредени услови под кои може да се ослободите од плаќањето данок на капиталната добивка. На пример, ако сте живееле во имотот најмалку една година пред продажбата и го продавате по истекот на три години од стекнувањето.
Пријавување и плаќање на данокот
Сопствениците кои остваруваат капитална добивка од продажба на недвижен имот се должни да ја пријават оваа добивка до Управата за јавни приходи. Пријавувањето се врши преку електронскиот ситем и преку поднесување на потребните докази преку системот е-Даночни услуги. Рокот за поднесување на пријавата и доказите е до 10-ти во месецот кој следи по месецот во кој е заверен договорот за купопродажба на нотар.