+ 389 2 320 8090 contact@lblaw.com.mk

СЕ ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕТЕ ЗА ЗАСТАРЕНОСТ НА ПОБАРУВАЊАТА

Во областа на правото, времето е пресуден фактор кој може да ја одреди судбината на правните побарувања. Еден таков временски концепт е застареноста, која овозможува обврските да станат неизвршливи поради истек на одредено време. Во продолжение на овој текст ќе ја презентираме сложеноста на застареноста на побарувањата и нејзините правни импликации во облигационите односи.

  1. Што претставува застареноста?

Наједноставно кажано, застареноста преставува институт кој му оневозможува на доверителот да врши присилно исполнување на обврските.

Застареноста е фундаментален принцип во правните системи ширум светот. Тaa го диктира максималното време во кое може да иницира правна постапка за исполнување на одредена обврска. Во суштина, застареноста ги оцртува временските граници во кои побарувањата на доверителите остануваат присилно извршливи. Откако ќе истече законски пропишаниот рок, побарувањето на доверителот застарува, што го прави неговото исполнување по присилен пат неспроведливо.

  1. Кога застареноста започнува да тече и кога настапува?

Застареноста почнува да тече првиот ден по денот кога доверителот имал право да бара исполнување на обврската.

Ако обврската се состои во тоа нешто да не се стори, да се пропушти или трпи, застареноста почнува да тече првиот ден од денот кога должникот постапил спротивно на обврската.

Застареноста настапува кога ќе истече последниот ден од времето определено со закон.

  1. Кои се роковите за застареност?

Општиот рок на застареност на побарувањата е 5 години. Меѓутоа, Законот за облигационите односи предвидува посебни рокови за застареност за одделни видови на побарувања.

На пример, побарувањата на повремени давања кои стасуваат годишно или во пократки определени временски периоди (повремени побарувања), како што се каматите и ануитетите, застаруваат за три години од стасаноста на секое одделно давање. Воедно, побарувањата кои произлегуваат од договорите во прометот на стоки и услуги застаруваат за три години.

Побарувањата на закупнина, било да е определено да се плаќа повремено, било во еден вкупен износ, застаруваат за три години.

Побарувањта за надомест на штета исто така имаат тригодишен рок на застареност, сметано од денот кога оштетеникот дознал за штетата и за лицето кое ја сторило штетата. Во секој случај овие побарувања застаруваат за пет години од денот кога настанала штетата.

 

Законот за облигационите односи предвидува и едногодишен рок на застареност кај: 1) побарувањето на надомест за испорачана електрична и топлотна енергија, гас, вода, за оџачарски услуги и за одржување на чистота, 2) побарувањето на радиостаница и радио-телевизиска станица за употреба на радио- приемник и телевизиски приемник, 3) побарувањето на пошта, телеграф и телефон за употреба на телефон и на поштенски преградоци, како и другите нивни побарувања што се наплатуваат во тримесечни или во пократки рокови, како и 4) побарувањето на претплата на повремена публикација.

Согласно најновите измени на Законот за облигационите односи предвидено е дека сите побарувања што се утврдени со правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган или со порамнување пред суд или пред друг надлежен орган, застаруваат за пет години (наместо претходниот рок од 10 години), сметано од моментот на нивната извршност. Повеќе за овие измени можете да прочитате на следниот линк.

  1. Дали застарувањето може да се прекине?

Одговорот на ова прашање е ДА – течењето на застареноста може да се прекине и тоа како од страна на доверителот, така и од страна на должниот.

Доверителот може да го прекине течењето на застареноста со подигање тужба и со секое друго дејствие преземено против должникот  пред суд или пред друг надлежен орган заради утврдување, обезбедување или остварување на неговото побарување. Меѓутоа, за да дојде до прекин на застареноста не е доволно доверителот писмено или усно да го повика должникот да ја исполни обврската, туку треба да дојде до иницирање на соодветна постапка (пр. преку поднесување на тужба, поднесување на предлог за издавање на решение за нотарски платен налог, истакнување на барање за извршување…).

Од друга страна, должникот може да го прекине течењето на роковите за застареност ако го признае долгот. Признавањето на долг може да се изврши експлицитно – преку давање на изјава до доверителот, а може да се изврши и премолчано – со давање отплата, плаќање камата или давање на обезбедување (воспоставување на залог).

По настапувањето на прекин, ЗАСТАРЕНОСТА ЗАПОЧНУВА ДА ТЕЧЕ ОДНОВО. Тоа значи дека, ако рокот на застатреност за конкретното побарување изнесува 3 години и притоа прекинот настапил во втората година, по настапувањето на прекинот ќе започнат да течат нови три години на застареност.

  1. Што ако исполните застарена обврска?

Ако исполните застарена обврска, немате право да барате враќање на исполнетото, дури и ако не сте знаеле дека обврската е застарена. Последново е од причина што со застареноста не се негира понатамошното постоење на обврската, туку единствено настапува губење на можноста да се бара нејзино присилно исполнување.

  1. Што ако признаете застарена обврска?

Должникот може да признае обврска која веќе застарела. Според Законот за облигационите односи, писменото признание на застарена обврска се смета како откажување од застареноста.

Во случај на вакво признавање, започнува да тече нов законски рок на застареност во кој доверителот може да бара присилно исполнување на признатата обврска.

  1. Кога застареноста се зема во предвид?

Според Законот за облигационите односи, судот може да ја земе предвид застареноста само ако должникот се повикал на неа.

Последново значи дека доверителот може да поведе постапка против должникот дури и ако неговото побарување е застарено. Притоа, ако должникот ако не истакне приговор за застареност (не истакне дека обврската е застарена), судот воопшто нема да се впушти во оценување дали побарувањето е застарено или не.

***

Со исцртување на временските рамки во кои побарувањата на доверителите остануваат присилно остварливи, се овозможува сигурност, правичност и конечност во облигационите односи. Оттука, важно е да внимавате на временските рокови на застареност и да преземете навремени правни дејствија за заштита на вашите права и интереси. Имајте предвид дека застареноста е сложен правен концепт кој бара да се консултирате со адвокат со цел обезбедување на адекватна правна помош

Ангела Андонова

Контактирајте го авторот тука:

Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.