+ 389 2 609 0218 contact@lblaw.com.mk

Зошто измената на Законот за облигациони односи е противуставна (две причини)?

Со Закон за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи објавен во Службен весник на РСМ бр.154 од 20.07.2023 година, покрај останатите измени во сила влезе една значајна измена која се однесува на застареност на извршување. Овој вид нов вид на застареност кој до сега не беше познат во нашето право предвидува дека по истек на определено време во постапката за извршување, истата запира.

Имено, согласно измената на членот 368 од ЗОО, сега имаме застареност или ограничување на времетраењето на постапката пред извршител по поднесување на барањето за извршување. 

Пред да продолжите понатаму… 

Прочитајте ги најновите информации и анализа на оваа тема

Проверете каква е судската пракса во однос на примената на законските измени за застареност на извршување. Во овој текст ги анализираме одлуките на основните и апелационите судови во однос на застарувањето на извршувањето предвидено со Законската измена од Јули 2023 година.

Содржината на овој текст ќе Ви ги даде потребните информации и реалните очекувања во однос на застареноста на извршувањето и што да очекувате од судовите.

Односно, со Законот е предвидено дека застареноста на правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган, или со порамнување пред суд или пред друг надлежен орган прекинува со поднесување барање за извршување пред надлежен извршител, при што почнува да тече одново застареноста, која во извршната постапка трае десет години од моментот на поднесеното барање за извршување.

Најпрво, мора да се потенцира дека намерата и идејата на законодавецот за застареност на извршување тргнува од тоа да ги заштити оние категории должници, најчесто физички лица кои се суштински блокирани и не можат да функционираат во системот заради што против нив се води извршна постапка за наплата на побарувања.

Меѓутоа, иако може да се прифати дека интенцијата на законодавецот била добронамерна, ваквата измена најпрво ги изостава доверителите од облигациониот однос кои со ваквата предност на должниците, сега остануваат во понеповолна положба. Со ова, одредбата отвара прашање дали должникот и доверителот како граѓани се навистина еднакви пред Уставот и Законите?

Сепак, сметам дека ова не е ни така директна повреда или единствена противуставност.

Односно, најочигледниот судир со Уставот овој Закон го има во однос на времето на важење на прописите, уште повеќе со тоа што со членот 4 од измената се потенцира дека Започнатите постапки за наплата на побарувања предвидени во членот 2 (цитираната одредба од погоре) од овој закон ќе завршат во согласност со овој закон (со измената).

Согласно на ова, доверител кој побарал извршување со барање за извршување доставено до извршител во Јули или Август 2013 година, сега ги одбројува деновите до кога неговото побарување се гасни засекогаш према должникот.

Со ваква одредба постои неспорно повратно дејство на веќе започната постапка и со тоа оваа одредба е спротивна на член 52 став 4 од Уставот, каде е наведено дека Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Тука би сакале да потенцираме дека потребно е да биде поповолно за сите граѓани кои се еднакви пред Уставот и Законите, а не да биде поволно единствено за оние граѓани кои се должници, а значително отежнато за оние граѓани кои се доверители.

 

 

Понатаму, со ваквата нова застареност значително се задира и во сопственоста на граѓанинот или правното лице доверител. Имено, со донесувањето на судската или друг вид на извршна одлука, доверителот се стекнува со право да му биде исполнета определена парична или непарична обврска. Така, во целост е во ред и оправдано од аспект на правна сигурност да обврската застари доколку самиот доверител не е заинтересиран да истата му биде исполнета.

Меѓутоа, доколку доверителот побара да обврската му е исполента и за тоа достави барање до извршител затоа што должникот не ја исполнува доброволно ваквата обврска, тогаш се дава друг карактер на побарувањето и не може да се третира на идентичен начин.

Така, со донесувањето на законската измена со која за десет години ваквото побарување апсолутно застарува, сметам дека се воспоставува форма на ограничување на сопственоста. Односно, ваквата одредба е спротивна на член 30 став 3 од Уставот каде е утврдено дека: Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Видно од потенцијалната противуставност на наведената одредба, Законодавецот имал намера или претпоставувал дека измената е поповолна за граѓаните, а со тоа не може ниту да се смета за ретроактивна и самата е во доменот на јавен интерес.

Меѓутоа, ваквата логика во никој случај не е прифатлива затоа што доверителите се исто така приватни лица и граѓани кои треба да уживаат иста позиција како должниците.

За целосен текст на законот и образложението на Законодавецот, посетете го следниот линк – Собрание на РСМ

Мартин Бошкоски

Контактирајте го авторот тука:

Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.

Канцеларија

Ул. Македонија бр. 26/1-5,

Скопје – Центар

Контакт

contact@lblaw.com.mk
+ 389 2 609 0218

Lalicic & Boskoski Law Firm

str. Makedonija no. 11/1-5