ОБВРСКА ЗА ПЛАЌАЊЕ НА ИЗДРШКА
Разбирање на финансиската поддршка на децата по разводот на бракот?
Во пресрет на разводот, една од најважните грижи за многу родители е обезбедување на постојана финансиска поддршка за нивните деца. Издршката е основен механизам за справување со оваа потреба, со која обезбедува распределба на финансиската одговорност меѓу родителите.
Плаќање на издршка, односно правниот институт издршка и е дизајниран во цел двајцата родители непречено да придонесуваат во обезбедувањето на основните потреби на детето, вклучително храна, облека, образование, домување, здравствена заштита и сл., на начин што ќе ги одразува соодветните финансиски капацитети на родителите.
Согласно македонското законодавство, при одлучувањето за разводот на бракот, надлежниот суд е должен да одлучи кај кој брачен другар децата остануваат на чување и воспитување и притоа е должен да одлучи на каков начин другиот брачен другар, на кој не му се доверени децата, ќе учестува во нивното издржување – плаќање на издршка.
Во случај на спогодбен развод на брак, брачните другари можат со меѓусебна спогодба да ја определат висината на издршката. Во таков случај, судот при одлучувањето за издршката го зема во предвид износот на издршка кој брачните другари го определиле спогодбено. Сепак, судот може да определи и различен износ на издршка (во принцип тоа е поголем износ од договорениот), доколку оцени дека таквиот износ е неопходен за задоволување на најдобриот интерес на детето и под услов родителот кој е должен да ја сноси ваквата обврска да располага со доволно финансиски средства. Овие случаи се доста ретки во праксата на македонските судови и генерално се случуваат само под исклучителни околности.
Доколку брачните другари не постигнале согласност во однос на издршката, при определување на нејзината висина судот води сметка за различни фактори, вклучувајќи го приходот на секој родител –особено дали родителот што треба да плаќа издршка е во редовен работен однос и колку се неговите месечни примања од работен однос и дали остварува приходи по друг основ, бројот на децата кои треба да добиваат издршка, трошоците за образование на детето, како и сите посебни потреби на детето (особено здравствени, развојни, интелектуални потреби и сл).
Согласно Законот за семејството, издржувањето на децата е обврска за родителот додека детето не наврши полнолетство, односно до неговата 18 годишна возраст. Исто така, Законот за семејството предвидува дека ако школувањето и стручното образование на децата продолжува и по полнолетството, обврската за издржување на децата трае се до редовното завршување на школувањето, но најдоцна до навршување на 26 годишна возраст.
Доколку родителот не постапува по правосилната пресуда, односно не ја плаќа досудената издршка за малолетното дете, против тој родител може да се поведе соодветна кривична постапка за неплаќање издршка во согласност со членот 202 од Кривичниот законик.
Дополнително, доколку родителот кој е задолжен да плаќа издршка истото не го врши согласно донесената пресуда, законот ја дозволува можноста да се поведе постапка за присилна наплата пред надлежен извршител
Исто така, важно е да се има во предвид дека пресудата со која се определува издршката треба да ги рефлектира финансиските прилики на родителите и околностите кои постојат во моментот на одлучувањето. Притоа, доколку дојде до промена на околностите – како на пример на пример промена на работниот статус – вработен/невработен, висината на приходите, зголемувањето на обемот на потреби на детето поради возраст, здравствени причини или други фактори, може да се бара од судот да се измени одлуката за издршката, односно да се определи нов износ (повисок, понизок, или пак да се укине издржувањето) кој одговара на изменетите околности. Измената на висината на издршката може да ја бара како родителот што е задолжен со нејзиното плаќање, така и родителот на кого му се доверени децата на чување и воспитување.
Оттука, важно е да имате во предвид дека:
- Двајцата родители се одговорни за издржувањето: Ако едниот дава финансиска помош, другиот се грижи за нивното чување и воспитување. Издршката за деца претставува плаќање на другиот родител, туку се работи за исполнување на родителска обврска кон вашето дете;
- Одлуката за издршка може да се измени: ако околностите значително се променат двајцата родители поеднакво можат да се побараат измени на висината на издршката на деца преку судот.
- Непочитувањето на обврската за плаќање на издршка има правни реперкусии: Законот дозволува иницирање на постапка за присилна наплата доколку родителот не ја плаќа досудената издршка, како и поведување на соодветна кривична постапка.
***
Важно е да се напомене дека секоја ситуација е различна и затоа не постои единствено решение во однос на издржувањето на децата. Во секој случај, препорачливо е начиниот на плаќање и висината на издршката спогодбено да ги уредите со другиот родител. Во услови кога не можете спогодбено да се договорите, препорачливо е да побарате помош од адвокат кој има искуство во областа на семејното право.
Во однос на оваа тема, прочитајте повеќе тука
Ангела Андонова
Контактирајте го авторот тука:
Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.
Канцеларија
Ул. Македонија бр. 11/1-5,
Скопје – Центар
Контакт
contact@lblaw.com.mk
+ 389 2 609 0218
Lalicic & Boskoski Law Firm
str. Makedonija no. 11/1-5