Обврски на работодавачот врз основа на Законот за вознемирување на работно место
Законот за заштита од вознемирување на работно место (мобинг) е основен правен акт со кој се пропишува обврската на работодавачот за обезбедување на здрава и пријатна работна средина. Разбирањето и спроведувањето на овој закон е од суштинско значење и обврска за сите работодавачи. Преку правилна имплементација, компаниите можат да избегнат правни последици и да создадат позитивна работна култура.
Што се смета за вознемирување на работно место
Вознемирувањето на работно место може да се манифестира на различни начини. Прво, за психичкото вознемирување се смета секое негативно однесување кое е континуирано и систематско. На пример, постојаното омаловажување на колега пред останатите се смета за мобинг ако истото предизвикува страв или создава непријатност со крајна цел повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на професионалната иднина или престанок на работното место или напуштање. Понатаму, за полово вознемирување се смета вербално, невербално или физичко однесување од полов карактер кое ја нарушува честа и достоинството на вработениот. Овие ситуации не смеат да се игнорираат, особено ако продолжуваат и по писменото предупредување од вознемируваното лице. Дополнително, треба да се има предвид дека поттикнувањето или наведувањето на вакво однесување исто така се смета за вознемирување.
Од друга страна, не секое однесување може да се квалификува како вознемирување на работно место. Одлуките донесени од работодавачот за права и обврски, лишувањето од права утврдени со закон или договор, и повремените разлики во мислењата не се сметаат за мобинг ако не се насочени кон намерно повредување на вработениот.
Обврски на работодавачот и добри практики
За да обезбеди усогласеност со законот, работодавачот треба да создаде работна атмосфера на заемно почитување и без непријателско однесување. Редовното мониторирање на работната средина од страна на одделот за човечки ресурси е клучно за одржување на овие стандарди. На пример, редовни месечни состаноци каде што вработените можат да изразат свои мислења и предлози, без страв од реперкусии, помагаат во одржување на здрава работна атмосфера.
Дополнително, работодавачите треба да развиваат свест кај вработените за тимска работа и заемно почитување преку континуирани обуки и тренинзи. Организирањето на тим-билдинг активности и семинари за развој на меѓучовечките односи може значително да придонесе за оваа цел. Исто така, обезбедувањето на право на вработените да изнесуваат свои ставови без страв од штетни последици е од круцијално значење. Поставувањето на кутија за анонимни предлози или дигитална платформа за поднесување на идеи и забелешки може да биде ефикасен начин за постигнување на оваа цел.
Според член 10 од законот, работодавачот е должен да обезбеди здрава работна средина која го почитува достоинството, интегритетот и здравјето на вработените. Воспоставувањето на интерна комисија за решавање на пријави за мобинг е добар пример за превентивна мерка.
Практични совети за спроведување на законот
При вработувањето, добро е нововработениот да потпише изјава дека е запознаен со правилата и регулативите на компанијата во врка со заштита од вознемирување на работно место. Ова вклучува презентација на правилата за тоа што е дозволено и што не е дозволено во контекст на мобинг. На пример, при првиот работен ден, на новиот вработен може да му биде предаден прирачник за вработени во кој детално се опишани неговите права и обврски кон другите колеги, како и за тоа да потпише изјава дека ги разбира и ќе ги почитува овие правила.
Посредникот, како неутрално лице, игра важна улога во решавањето на конфликтите на работното место. Тој се избира со одлука од страна на работодавачот од редот на вработените. Во компанија со повеќе од 50 вработени, посредниците се назначуваат за да осигураат доверба од сите страни. Ако компанијата има помалку од 50 вработени, посредникот се определува спогодбено меѓу страните.
Исто така, воведувањето на правилник за дозволени и недозволени однесувања во контекст на мобинг е одлична пракса. Овој правилник треба да ги дефинира процедурите за пријавување и справување со мобинг. Така, препорачливо е работодавачот да изработи правилник со кој ќе бидат запознаени сите вработени и редовно да го ажурира за да осигура усогласеност со најновите законски промени и најдобри практики.
Со спроведување на овие мерки и добри практики, компаниите можат да обезбедат здрава и продуктивна работна средина каде што сите вработени се чувствуваат почитувани и заштитени. Усогласеноста со Законот за заштита од вознемирување на работно место не само што е законска обврска, туку и етичка потреба за одржување на добри работни односи и корпоративна култура.

Мартин Бошкоски
Контактирајте го авторот тука:
Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.