Постојана Деловна Единица во Северна Македонија: Водич за Странски Компании
Постојана деловна единица (ПДЕ) во Северна Македонија претставува постојано место на деловна активност, целосно или делумно, на територијата на државата. Постоeњето на ПДЕ создава обврска за регистрација кај даночните органи и плаќање данок на добивка за приходите остварени во Северна Македонија. За секое странско друштво кое веќе работи или планира да работи во државата, правилното утврдување дали постои ПДЕ не е прашање на избор, туку суштинска обврска за усогласеност со законските прописи.
Што претставува постојана деловна единица?
Согласно Законот за данок на добивка, постојана деловна единица на странско лице претставува постојано место на активност преку кое или во кое се врши, целосно или делумно, стопанска дејност на странското правно лице во Република Северна Македонија, директно или преку зависен агент.
Законот експлицитно ги наведува следните форми како постојано деловно место:
- место на управување, подружница, филијала или канцеларија;
- фабрика, работилница, рудник, извори на нафта или гас, каменолом или друго место за експлоатација на природни ресурси;
- градилиште, градежен или монтажен проект, инсталациони работи или надзорни активности кои траат повеќе од шест месеци;
- давање услуги, вклучително и консултантски услуги, поврзани со еден или поврзани проекти, кои траат повеќе од 90 последователни дена во било кој период од дванаесет месеци.
Клучно е дека постоењето на ПДЕ не се утврдува исклучиво врз основа на формалната организациска структура, туку врз основа на фактичката природа, времетраење и континуитет на активностите што се вршат во Северна Македонија.
ВРЕМЕНСКИ ПРАГОВИ ЗА ПДЕ
Законот предвидува специфични временски прагови по кои одредени активности автоматски се сметаат за постојана деловна единица:
- Градежништво: Ако градежен локалитет, проект за изградба или монтажа трае подолго од 6 месеци, се смета за ПДЕ од првиот ден на активностите (вклучувајќи ги и подготвителните работи).
- Услуги и консалтинг: Извршувањето на услуги (за еден или поврзан проект) се смета за ПДЕ доколку трае подолго од 90 дена континуирано во кој било период од 12 месеци. За континуираниот период се смета периодот во непрекинато траење од 90 дена при што прекините до седум дена не се сметаат за прекинување на континуитетот. Временскиот континуитет од 90 дена се пресметува во времетраењето на проектот, независно од бројот на лицата кои учествуваат во неговото извршување.
ЗАВИСНИ АГЕНТИ?
Дури и ако странската компанија нема физичка канцеларија, таа може да се смета дека има ПДЕ доколку ангажира лице кое:
- Има овластување и редовно склучува договори во име на странската компанија.
- Редовно одржува залиха на производи од кои врши испораки во име на странското лице.
АКТИВНОСТИ КОИ НЕ СЕ СМЕТААТ ЗА ПДЕ?
Законот предвидува исклучоци за активности кои се од подготвителна или помошна природа. Такви се, на пример:
- користење на кој било објект од страна на едно лице единствено за цели на складирање или изложување на производи или добра кои му припаѓаат на тоа лице;
- одржување на залиха на производи или добра кои му припаѓаат на лицето единствено за цели на складирање или изложување;
- одржување на залиха на производи или добра кои му припаѓаат на лице единствено за цели на преработка од страна на друго лице;
- продажба на производи или добра кои му припаѓаат на лице, кои биле изложени за време на привремен или повремен саем или изложба доколку производите или добрата се продадат не подоцна од еден месец по завршувањето на саемот или изложбата;
- одржувањето на постојано место на активност единствено за целите на купување производи или добра или собирање информации за лицето;
- одржувањето на постојано место на активност само за целите на извршување на која било активност за лицето од подготвителна или помошна природа;
- одржувањето на постојано место на активност единствено за каква било комбинација на активности спомнати точките наведени погоре, под услов целата активност извршувана на такво постојано место да биде од подготвителна или помошна природа.
Исто така, користењето на независни брокери или агенти кои работат во рамките на својата редовна дејност, не создава ПДЕ за странската компанија.
ОБВРСКА ЗА РЕГИСТРАЦИЈА
Доколку странското лице ги исполнува условите за ПДЕ, тоа е должно да се пријави на почетокот на вршењето на дејноста како обврзник на данокот на добивка за да добие единствен даночен број (ЕДБ).
ЗАКЛУЧОК
Прашањето дали постои постојана деловна единица не зависи само од формалната структура, туку пред се од реалната природа, интензитетот и континуитетот на активностите што се вршат во државата. Во пракса, дури и активности кои на прв поглед изгледаат ограничени или привремени, можат да доведат до создавање даночни обврски доколку ги исполнат законските критериуми.
Соодветното структурирање на деловното присуство, внимателното планирање на времетраењето на проектите и јасното дефинирање на улогата на локалните партнери или агенти може значително да го намали ризикот од неочекувани даночни обврски и потенцијални санкции.
Дополнително, проактивниот пристап и консултацијата со стручни лица овозможуваат не само усогласеност со законската рамка, туку и оптимизација на деловното работење. Во спротивно, погрешната проценка може да резултира со ретроактивни даночни обврски, глоби и административни компликации кои можат да имаат значително финансиско влијание врз странската компанија.

Ангела Андонова
Контактирајте го авторот тука:
Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.