Заштита на деловна тајна во ера на вештачка интелигенција: правила и одговорности на вработените во Македонија
Во современиот деловен свет, информациите се од клучно значење за успехот на секоја компанија. Одржувањето на деловна тајна претставува основен предизвик, особено со зголемената употреба на вештачка интелигенција (ВИ) од страна на вработените. Согласно Законот за работни односи на Република Северна Македонија, член 35, вработените се обврзани да ги чуваат доверливите информации кои им се доверени. Овој блог ќе разгледа како компаниите можат ефективно да ги заштитат своите деловни тајни во контекст на користење на ВИ, и како правилникот за деловна тајна може да биде клучен инструмент во овој процес.
Применливи одредби во однос на обврските на вработените
Законот за работни односи (ЗРО) на Република Северна Македонија јасно ја дефинира обврската за чување на деловна тајна. Според член 35, вработените не смеат да ги искористат за своја сопствена употреба или да ги предадат на трето лице податоците што се сметаат за деловна тајна.
Овие податоци мора да бидат определени како деловна тајна со посебен акт од работодавачот. Дополнително, вработените се одговорни за откривање на деловна тајна само ако знаеле или морале да знаат за таквото својство на податоците. Ова значи дека секој вработен кој доаѓа во контакт со класифицирани информации е должен да ја чува тајната на истите, дури и по завршувањето на својот мандат.
Исто така, на вработените треба јасно да му се презентира Правникот (Актот) и да му се потенцира кои податоци се сметаат или може да се сметаат за деловна тајна на работодавачот.
Користење на вештачка интелигенција: предности и ризици
Вештачката интелигенција претставува значаен ресурс за многу компании, овозможувајќи автоматизација на процесите, анализа на податоци и подобрување на ефикасноста.
Сепак, со употребата на ВИ доаѓаат и одредени ризици, особено во однос на заштитата на деловната тајна.
Работодавачите мора да имаат во предвид дека вработените можат несвесно да откријат доверливи информации при користење на ВИ алатки, особено ако не се запознати за кои податоци се сметаат за деловна тајна.
Правилник за деловна тајна: клучен инструмент за заштита
Еден од најефективните начини за заштита на деловната тајна е воспоставување на јасен и детален правилник за деловна тајна кој ќе ги опфати и аспектите на користење на ВИ.
Ваков правилник треба да ги дефинира кои информации се сметаат за тајни, како и како тие информации можат и не можат да се користат. На пример, финансиските податоци може да се користат за анализи, но без да се вклучат детали како назив, даночен број и слично, кои би можеле да го откријат идентитетот на компанијата или нејзините клиенти.
Сметаме дека документот за заштита на деловната тајна треба да биде во согласност со ЗРО и да вклучува посебен акт кој ја опфаќа материјата за ВИ и оддавање на податоци. Ова значи дека компаниите треба да го презентираат овој правилник до своите вработени и да ги едуцираат за ограничувањата и правилата при користење на ВИ. Ваквата презентација ќе помогне вработените да ги разберат своите обврски и одговорности, и да избегнат несвесно откривање на доверливи информации.
Примена на правилникот и обука на вработените
За да се обезбеди реална заштита на деловната тајна, компаниите треба редовно да го ажурираат и презентираат правилникот за деловна тајна до своите вработени. Ова вклучува и обуки и работилници каде што вработените ќе се запознаат со најновите безбедносни протоколи и начини на користење на ВИ без ризик за откривање на деловни тајни.
Дополнително, компаниите треба да ги следат и анализираат активностите на своите вработени поврзани со ВИ, и да преземат соодветни мерки во случај на непочитување на правилникот. На овој начин, ќе се обезбеди континуирана заштита на деловните тајни и ќе се минимизираат ризиците од злоупотреба на доверливи информации.
***
Заштитата на деловната тајна во ера на вештачка интелигенција е предизвик кој бара интегриран пристап и јасни правила и регулации. Согласно Законот за работни односи на Република Северна Македонија, вработените се обврзани да ги чуваат доверливите информации, а компаниите треба да воспостават и применуваат правилник за деловна тајна кој ги опфаќа сите аспекти на користење на ВИ. Само на овој начин може да се обезбеди успешна и безбедна деловна пракса која ги заштитува интересите на компанијата и нејзините клиенти.

Мартин Бошкоски
Контактирајте го авторот тука:
Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.