Зделки со заинтересирана
страна согласно трговското право на Република Северна Македонија
Зделки со заинтересирана страна или трансакции со поврзани страни, настануваат кога две лица (страни) со веќе претходно постоечка врска се впуштаат во некоја деловна трансакција. Овие транскации во секојдневниот деловен свет може да настанат помеѓу поединции, компании или компании-ќерки на една иста матична компанија.
Нашиот Закон за трговски друштва, овие трансакции ги дефинира како зделки во кои заинтересираната страна е управител, член на орган на управување, надзорен одбор, акционерите кои поседуваат повеќе од 20% од акциите се право на глас или било кое лице кое има овластување да дава задолжителни упатства во компанијата. Иако во законот оскурдно се наведени само заемот, кредитот, залогот или гаранцијата, сепак во поширока смисла за една трансакција да се смета дека е настаната со заинтересирана страна, потребно е кај таа страна да постои интерес за извршување на трансакцијата.
Oвие лица имаат должност и обврска да го известат раководството на компанијата за сите компании во кои тие сами или заедно со поврзани лица имаат 20% или повеќе од уделите, односно акциите со право на глас, или пак имаат било какви управувачки функции, за сите на нив познати тековни или идни можни зделки, во кои се јавуваат како заинтересирана страна.
Интересот во една ваква трансакција се распознава доколку токму тоа лице, негов застапник, или нему блиско лице како брачен другар, родител, дете, брат/сестра и слично, (1) е страна во таквата зделка, нејзин корисник, застапник или посредник; (2) поединечно или заедно поседуваат 20% или повеќе проценти од акциите во компанијата која е страна во зделката, нејзин корисник, застапник или посредник; (3) е член на органот на управување, односно на надзор на компанијата која е страна во зделката, нејзин корисник или застапник во таква зделка, или е раководно лице на тоа правно лице или (4) ако е така определено со статутот.
Треба да се има предвид дека нема да стане збор за зделка со заинтересирана страна доколку станува збор за компанија основана од едно лице кое истовремено управува со компанијата, како и доколку сите основачи на компанијата имаат интерес во реализација на односната трансакција.
Иако овие трансакции се вообичаени во многу индустрии, тие исто така можат да претставуваат значителни ризици за бизнисите. Без внимателно управување, овие трансакции можат да создадат конфликт на интереси, да го нарушат финансиското работење и да ја поткопаат довербата на потенцијалните инвеститори. Ваквите трансакции претставуваат ризик од „самозастапување“ на лични интереси и може да доведат до конфликт на интереси. На пример, една компанија може да пренесе средства на друга компанија по вештачки ниска цена, што ќе им користи на крајните корисници во другата компанија, но истовремено ќе им наштети на другите инвеститори на матичната компанија.
Имајќи ги предвид овие ризици, неопходно за секоја компанија е правилно да управува со овие ризици при трансакции со поврзани лица, така што ќе обезбеди имплементирање на предвидените законски обврски за одобрување на овие трансакции.
Имено, според нашиот Закон за трговски друштва, секоја ваква зделка е предмет на претходно одобрување од страна на компанијата, почитувајќи го со закон утврдениот минумум на гласови при донесување на одлуки. Секоја зделка, односно трансакција со поврзани лица која е извршена без одобрување или спротивно на законот и актите на компнијата е ништовна и истата може да се поништи, а заинтересираната страна може да одговора за евентуално сторената штета.
Може да заклучиме дека управувањето со зделките со заинтересирани страни, е од клучно значење за заштита од конфилкт на интереси и промовирање на транспарентно финансиско известување. Со имплементирање на соодветни интерни политики, процедури и обуки, компаниите можат да ги намалат ризиците од овие трансакции и да ја задржат довербата и своето реноме пред засегнатите страни и пошироката јавност.
Ведран Лаличиќ
Контактирајте го авторот тука:
Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.
Контактирајте не за консултација во однос на деловно право
Канцеларија
Ул. Македонија бр. 26/1-5,
Скопје – Центар
Контакт
contact@lblaw.com.mk
+ 389 2 609 0218
Lalicic & Boskoski Law Firm
str. Makedonija no. 11/1-5