+ 389 2 609 0218 contact@lblaw.com.mk

Минимални барања за безбедност и здравје на работниот простор

Законот за безбедност и здравје при работа заедно со Правилникот за минимални барања за безбедност и здравје на вработените во работниот простор, претставуваат клучни правни документи кои ги утврдуваат основните принципи и барања за обезбедување безбедни и здрави услови за работа. Министерството за труд и социјална политика го има донесено Правилникот за минималните барања за безбедност и здравје на вработените на работниот простор, со кој се регулираат мерките и обврските на работодавачите. Во продолжение ги презентираме најважните аспекти од овој правилник со фокус на клучните обврски за работодавачите.

Правилникот за минималните барања за безбедност и здравје на вработените се однесува на сите работни простори, освен на специфични индустрии како превозните средства, привремените или мобилните работни простори, индустриите за екстракција, рибарските бродови и земјоделските или шумарските дејности надвор од зградите на работодавачот.

Обезбедување на безбедност и здравје

Работодавачите се должни да обезбедат:

– Сообраќајните патеки и излезите за итни случаи секогаш да бидат расчистени.

– Техничко одржување на работниот простор, опремата и средствата за работа.

– Редовно чистење на работниот простор и одржување на заштитната опрема.

Информирање и учество на вработените

Работодавачот треба да ги информира вработените и/или нивните претставници за сите мерки преземени во однос на безбедноста и здравјето на работниот простор. Консултирањето и учеството на вработените е обврска согласно членовите 25, 26 и 27 од Законот за безбедност и здравје при работа.

Технички Мерки за Безбедност

  • Електрична Инсталација

Електричната инсталација треба да биде концептирана и конструирана така што да не предизвикува опасност од пожар или експлозија. Луѓето треба да бидат заштитени од ризици од несреќи предизвикани од директен или индиректен контакт.

  • Патеки за Итни Случаи и Излези

Патеките за итни случаи и излезите треба да бидат расчистени и директно да водат кон отворен простор или безбедна зона. Бројот, распределбата и димензиите на патеките и излезите зависат од употребата, опремата и димензиите на работниот простор и максималниот број на лица кои може да бидат присутни.

  • Противпожарна Опрема

Во зависност од димензиите и употребата на зградите, работните простори треба да бидат опремени со соодветна противпожарна опрема и, ако е потребно, детектори за пожар и алармни системи. Опремата треба да биде обележана со знаци согласно Правилникот за знаци за безбедност и здравје при работа.

  • Вентилација

Затворените работни простори треба да имаат доволно свеж воздух. Ако се користи механички систем за вентилација, тој треба да се одржува редовно. Системите за вентилација не треба да создаваат провев кој може да предизвика непријатност.

Мерки за Хигиена и Удобност

  • Температура

Во текот на работните часови, температурата во работните простории треба да биде соодветна за вработените. Прозорците и светларниците треба да овозможуваат доволно природна светлина, а просториите за одмор, санитарните јазли и мензите треба да бидат со соодветна температура.

  • Осветлување

Работниот простор треба да биде колку што е можно повеќе природно осветлен, а вештачкото осветлување треба да биде соодветно за заштита на безбедноста и здравјето на вработените. Работните места кои се особено изложени на ризици треба да бидат опремени со осветлување за итни случаи.

  • Санитарни Услови

Треба да бидат обезбедени соодветни соблекувални ако вработените носат специјална работна облека. Просториите за тушеви треба да бидат опремени со топла и студена проточна вода, а санитарните уреди треба да бидат во близина на работните места и соодветно наменети за мажи и жени.

Безбедност и Здравје на Специфични Групи

  • Жени Трудници и Мајки Доилки

На жените трудници и мајките доилки треба да им биде обезбедено место каде што можат да легнат и да се одморат во соодветни услови.

  • Вработени Инвалидни Лица

Работните места треба да бидат организирани така што се води сметка и за потребите на инвалидните лица. Ова вклучува специјални одредби за вратите, ходниците, скалите, тушевите, мијалниците и тоалетите.

Правилникот за минималните барања за безбедност и здравје на вработените на работниот простор е клучен документ кој ги утврдува мерките за заштита и обврските на работодавачите. Примената на овие мерки е од суштинско значење за обезбедување на безбедна и здрава работна средина. Работодавачите треба да се запознаат со овој правилник и да ги имплементираат неговите одредби со цел да ги заштитат своите вработени и да ги избегнат можните правни последици.

Правилникот е важен за секој работодавач и вработен, бидејќи обезбедува конкретни насоки за создавање на безбедни и здрави работни услови, што е клучно за продуктивноста и благосостојбата на работната сила. За повеќе информации и детали, работодавачите и вработените можат да се консултираат со стручни лица и правни експерти во областа на безбедноста и здравјето при работа.

Прочитајте повеќе во однос безбедноста и здравје при работа на следниот линк на веб страната на Државниот трудов инспекторат

Мартин Бошкоски

Контактирајте го авторот тука:

Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.