+ 389 2 609 0218 contact@lblaw.com.mk

Се што треба да знаете за прекувремена работа

Согласно нашиот Закон, за прекувремената работа се се смета секоја работа која се врши дополнително од регулираното полно работно време од 40 часа неделно. Според законските прописи во Македонија, работникот е должен да ја прифати прекувремената работа по барање на работодавачот во неколку ситуации, како на пример при зголемен обем на работа, потреба од продолжување на производниот процес, во случај на оштетување на опремата која може да предизвика прекин во работата, за обезбедување на лична и имотна безбедност, како и во други случаи определени со закон или колективен договор.

Колку може да трае прекувремената работа

Законот ограничува дека прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и не повеќе од 190 часа годишно. Исклучоци од ова се дозволени за работи кои поради нивната природа не можат да се прекинат.

Дополнително, просечната прекувремена работа во период од три месеци не смее да надминува осум часа неделно.

Надоместок и бонус на плата за прекувремена работа

Согласно Општиот колективен договор за приватниот сектор, работниците кои вршат прекувремена работа имаат право на надоместок кој најмалку изнесува дополнителни 35% од основната плата по час.

Исто така, за работниците кои извршиле повеќе од 150 часа прекувремена работа во текот на годината и не отсуствувале повеќе од 21 ден во текот на годината, дополнително се предвидува исплата на бонус во висина на една просечна месечна плата во државата.

Прераспределба на работното време не се смета за прекувремена работа

Прераспределбата на работното време е процес кој овозможува флексибилност во рамките на 40-часовната работна недела на годишно ниво без да се смета за прекувремена работа. Оваа мерка се применува кога природата на работата го бара таквото подредување, но сите рераспределени часови не подлежат на дополнителни надоместоци како прекувремената работа.

Евиденција и известување

Законот бара од работодавците да водат детална евиденција за полното и прекувременото работно време, при што часовите на прекувремената работа мора да бидат јасно наведени во месечната пресметка на платата.

Работодавачите исто така се должни писмено да известуваат за секое воведување на прекувремена работа кај подрачниот државен инспектор на трудот.

Известувањето како формулар може да го превземете од тука:

https://www.mtsp.gov.mk/content/pdf/dokumenti/2019/Izvestuvanje%20Prekuvremena%20rabota(DD).pdf

Ограничувања и заштита во врска со прекувремената работа

Законот задава и строги ограничувања на прекувремената работа за работници под особени услови кои вклучуваат тешки, напорни и штетни услови на работа, работници со семејни обврски, млади и стари работници, и трудници или родители на мали деца.

Во сите овие случаи, работодавачот не смее да наложи прекувремена работа без писмена согласност од работникот.

Овие одредби овозможуваат праведен баланс помеѓу потребите на работодавачите и заштитата на правата на работниците, ставајќи акцент на здравјето и безбедноста на работното место, како и на социјалните и семејните потреби на работниците.

Мартин Бошкоски

Контактирајте го авторот тука:

Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.