РАБОТЕЊЕ НА ПОДРУЖНИЦА НА СТРАНСКО ПРАВНО ЛИЦЕ
Со Законот за трговските друштва се пропишани правните претпоставки кои се однесуваат на основање на подружница на странско правно лице. Дополнително на ова, Законот упатува и на определени претпоставки кои се однесуваат на раководење и работење на подружницата на странско правно лице.
Во продолжение на овој блог, се произнесуваме на најбитните поенти кои се изнесени во Законот и кои специфично се однесуваат на подружница на странско правно лице во Република Северна Македонија.
Забрана да се работи пред уписот
Пред уписот на подружницата во трговскиот регистар, лицето што донело одлука за организирање на подружница во Република Северна Македонија не смее да работи преку подружницата. Во однос на ова, Законот мисли на уписот во државата од каде основачот потекнува, односно неопходно е да основачот е веќе регистриран во регистарот на државата од каде потекнува.
Сите измени на податоци задолжително се запишуваат
Сите измени и дополнувањата на запишаните податоци во трговскиот регистар, односно сите промени што настанале кај странското друштво, односно кај странскиот трговец – поединец што ја организирале подружницата подружницата е должна измените да ги пријави заради упис во трговскиот регистар. Оваа постапка повторно се извршува преку регистрационен агент овластен од страна на Централниот регистар за забележување на ваков вид на промени.
Македонска централа, ако има повеќе подружници
Доколку странското друштво во Република Северна Македонија основа повеќе подружници, во пријавата за упис во трговскиот регистар се означува подружницата којашто во поглед на работењето во Република Северна Македонија ќе се смета за главна подружница (македонска централа).
Така, доколку постојат, другите подружници коишто ги организира странското друштво во Република Северна Македонија се сметаат како подружници на главната подружница.
Исто така, треба да се има предвид дека во фирмата на подружницата се назначува која е главна подружница, односно се наведува редниот број на другите подружници според нивниот редослед.
Настап во правниот промет
Подружницата настапува во правниот промет од името и за сметка на странското друштво, односно странскиот трговец – поединец, при што мора да ја употребува фирмата и седиштето на странското друштво, односно странскиот трговец – поединец , како и името на подружницата.
Одговорност во правниот промет
За обврските настанати со работењето на подружницата, странското друштво, односно странскиот трговец – поединец одговара со целиот свој имот.
Ако странското друштво, односно странскиот трговец – поединец којшто ја организирал подружницата е запишан во регистарот на државата во којашто има седиште помалку од две години од денот на поднесеното барање за организирање подружница, до истекот на две години од денот на организирањето, за обврските настанати од работењето на подружницата, покрај одговорноста од ставот (1) на овој член, неограничено и солидарно одговараат основачите на странското друштво, односно странскиот трговец – поединец.
Застапници
За секоја подружница, странското друштво, односно странскиот трговец поединец назначува еден или повеќе застапници кои, во поглед на таа подружница, го застапуваат во неговото работење во Република Северна Македонија. Нема ограничување во однос на бројот на подружници за кои е назначено едно лице, па така, странското друштво може истите застапници да ги назначи и за повеќе подружници.
Во согласност со Законот за трговските друштва, застапниците на главната подружница се застапници на другите подружници и кога за нив се назначени и други застапници.
Трговски книги
Странското друштво според формата и предметот на работење, односно странскиот трговец – поединец, се должни за своето работење во Република Северна Македонија, преку подружницата, да водат трговски книги. Ваквата обврска е стандардна и за сите трговски друштва, меѓутоа самиот Закон оваа обврска ја напоменува имајќи ја предвид правната структура на ваков вид на правно лице.
Исто така, подружницата на странското друштво, односно на странскиот трговец – поединец задолжително треба да ги објавува, секоја година:
- годишната сметка и ревизорскиот извештај,
- прибелешките во трговскиот регистар или во друг соодветен регистар коишто се однесуваат на запишани податоци во регистарот, а коишто се измениле, на санкција, стечај или други прибелешки коишто се значајни за финансиската положба на странското друштво, односно на странскиот трговец – поединец.
Дознајте повеќе за условите за инвестирање во Република Северна Македонија, посетете го следниот линк: Invest North Macedonia
Мартин Бошкоски
Контактирајте го авторот тука:
Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.
Канцеларија
Ул. Македонија бр. 11/1-5,
Скопје – Центар
Контакт
contact@lblaw.com.mk
+ 389 2 609 0218
Lalicic & Boskoski Law Firm
str. Makedonija no. 11/1-5