Без лектор – прекршок? Какви обврски предвидува новиот Закон за употребата на македонскиот јазик
На ден 29.01.2024 година во Службен Весник беше објавен новиот Законот за употребата на македонскиот јазик. Со овој Закон, се уредува пред се употребата на македонскиот јазик од страна на државниоте органи но и приватните правни лица. Односно, Законот упатува на обврски при употреба на документацијата кои правните лица ја користат и истите треба соодветно и навремено да го усогласат своето работење.
Што предвидува новиот Закон за употребата на македонскиот јазик за фирмите (правни лица):
Согласно член 7 од Законот, се предвидува задолжителна обврска да се лекторираат на македонски стандарден јазик и на неговото кирилско писмо:
- плакати, летоци, проспекти, транспаренти, рекламни табли, реклами на излози или друг вид рекламен материјал во физичка форма на правните лица;
- називите на производите, амбалажите, налепниците, упатствата, декларациите, сертификатите и на лекарствата и
- сметките, фактурите, уплатниците и потврдите.
На овие текстови, новиот Закон за употребата на македонскиот јазик предвидува дека треба на соодветен начин се објавува името на лекторот, односно на друг соодветен начин се документира извршеното лекторирање.
Лекторирање на македонски јазик може да врши лице со положен испит за добивање лекторска лиценца и со добиена лекторска лиценца. Лекторска лиценца се издава од Министерството за култура по положен испит а лекторот може да ја врши својата дејност и како слободно занимање, во согласност со прописите за трговските друштва.
Последици:
Со ваквиот Закон за употребата на македонскиот јазик предвидена е и глоба во износ од 1.500 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок за правното лице, доколку:
- не ги лекторира називите на производите, амбалажите, налепниците, упатствата, декларациите, сертификатите, лекарствата и слично;
- не ги лекторира сметките, фактурите, уплатниците, потврдите и слично;
- не го објави името на лекторот што го извршил лекторирањето (член 7 став (2)),
Предизвици кои можат да произлезат во пракса:
Иако законот предвидува дека определена документација која циркулира во правниот промет да биде лекторирана, навистина е нејасно како би можела секоја фактура да биде лекторирана од лектор. Ова затоа што секоја фактура, особено во делот на опис на услуга може да има своја посебност која од практичен аспект не би можела да биде посебно лекторирана.
Кога да се очекува практична примена:
Согласно Законот, предвидено е дека подзаконските акти предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Исто така, треба да се има предвид дека директорот на Инспекторатот ќе го именува Владата на Република Северна Македонија во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Така, Владата на Република Северна Македонија во рок од еден месец од денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе објави јавен оглас за избор на директор на Инспекторатот.
Законот предвидува дека инспекторатот ќе започне со работа со денот на именувањето на директорот на Инспекторатот. Исто така предвидено е да директорот ги донесе актите за внатрешна организација и за систематизација на работните места на Инспекторатот, најдоцна 15 дена од денот на неговото именување.
Повеќе за овој Закон, можете да прочитате на следниот линк: https://www.sobranie.mk/detali-na-materijal.nspx?param=e4022cbf-55ea-4015-a26a-1205f968b374

Мартин Бошкоски
Контактирајте го авторот тука
Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.

Канцеларија
Ул. Македонија бр. 26/1-5,
Скопје – Центар
Контакт
contact@lblaw.com.mk
+ 389 2 609 0218
Lalicic & Boskoski Law Firm
str. Makedonija no. 11/1-5