Печатот што ви е потребен за вашите документи да бидат прифатливи во странство – Објаснување на Апостил Печат
Зошто може да Ви треба апостил печат на документ издаден од Република Северна Македонија?
Доколку живеете и функционирате во странство како државјанин на Република Северна Македонија, многу честои може да Ви е потребно јавните исправи и документите кои ги поседувате да бидат легализирани. Односно, институција во странство да Ви бара да определен документ го потврдите со апостил печат.
Апостил е печат со којшто се потврдува изворноста на потписот, својството на лицето кое го потпишува документот и содржината на печатот или жигот со кои е обезбеден еден оригинален документ или јавна исправа.
Апостил е форма на автентикација која е прифатена во над 100 земји кои се членки на Хашката Конвенција. Оваа Конвенција се применува за јавни документи кои се издадени на територија на една земја договорнича, а се со цел да можат да произведат правно дејствие на територија на друга земја договорничка.
За јавни документи се сметаат сите документи кои потекнуваат од орган или службеник поврзан со судовите на една држава, потоа документи издадени од државните административни органи, како и сите нотарски акти и заверки. Хашката конвенција не се применува на документите кои се издадени од страна на некои дипломатски или конзуларни застапници, или пак документи кои се однесуваат за царински операции. Пример за вакви документи се различни документи од Матично во однос на брак, изводи на родени и венчани, како и пресуди од надлежен суд, полномошна и одлука или други заверки кои можат да бидат употребувани во странство.
Кој го издава апостил печатот во Република Северна Македонија?
Секоја држава – потписничка на Хашката Конвенција самостојно одлучува кој орган ќе биде надлежен за заверка на документи со Апостил. Во Република Македонија, за оваа постапка се надлежни сите Основни судови кои се наоѓаат на нејзината територија, а за тоа кој суд ќе биде надлежен – се определува според живеалиштето на лицето – барател.
За заверка на документите коишто ги издаваат Основните кривични судови, како што се потврдите од кривична и казнена евиденција – надлежено е Министерството за правда. Меѓутоа, во зависност од видот на документот, апостил печатот може да се прибави и од Министерство за правда.
Дали постои и друг начин на легализација доколку земјата каде што треба да се употребат документите, не признава апостил печат?
Во случај да постои потреба да документот биде легализиран и употребуван во држава која не е членка на Хашката Конвенција, имајте предвид дека документот се легализира пред Министерството за надворешни работи.
Сите овие постапки можат да бидат завршени од страна на полномошник, како што е адвокат од Република Северна Македонија.

Сара Донакова
Контактирајте го авторот тука:
Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.

Канцеларија
Ул. Македонија бр. 26/1-5,
Скопје – Центар
Контакт
contact@lblaw.com.mk
+ 389 2 609 0218
Lalicic & Boskoski Law Firm
str. Makedonija no. 11/1-5