7 новини кои треба да ги знаете во врска со изменетиот Закон за странци
Престојот на странец во државата се регулира со Законот за странци кој беше изменет на почетокот на оваа година. Ваквите измени се применуваа од 04.01.2022 година.
Во продолжение, ги издвојуваме најбитните измени кои треба да се имаат предвид во врска со новиот закон:
- Престој за изучување на јазик
Законските измени предвисуваат можност за регулирање привремен престој со цел изучување јазик на кој се изведува настава, за странец кој има намера да престојува во РСМ по основ на школување или студирање.
Привремен престој заради изучување јазик на кој ќе се изведува наставата се одобрува за период до една година и истиот не може да се продолжува.
- Закана за јавниот поредок, националната безбедност, јавното здравје или меѓународните односи
Наместо досегашниот услов за одобрување привремен престој – да не постојат причини за одбивање на влез, се воведува нов услов. Односно, како услов за одобрување на привремен престој, странецот да не претставува закана за јавниот поредок, национална безбедност, јавното здравје или за меѓународните односи на РСМ.
Претпоставуваме дека ова дава можност да барање за престој на странец биде одбиено, доколку на пример странецот не поседува доказ за вакцинација.
Меѓутоа, останува да се види дали ваквата одредба ќе најде примена во овој правец.
- Дополнителен чекор во постапката со основ вработување
Во случај на регулирање привремен престој по основ “вработување“, во постапката за добивање мислење од страна на Агенцијата за вработување, покрај стандардната документација наведени во потребно е да биде приложен доказ за поднесено барање за посредување при вработување на работници до Агенцијата, не постаро од 30 дена.
Воедно, измените предвидуваат дека во случај на самовработување на странец, не се приложува потпишан договор со работодавец, како и доказ за соодветно образование или специфична стручна оспособеност на странецот, издаден од овластен орган или институција.
- Специфицирање на документација за упатени работници
Во случај на регулирање привремен престој по основ “упатен работник“, во постапката за добивање мислење од страна на Агенцијата за вработување, покрај стандардните документи, потребно е да биде приложен договор на странецот со клиент од РСМ за давање конкретни услуги, како и двојазичен образец за соодветно социјално, односно здравствено осигурување за упатени работници согласно со ратификувани билатерални договори за социјално осигурување.
- Лицата со престој од потесното семејство, сега можат да работат и да се образоваат по поедноставена процедура
Со новите измени на законот, сега се овозможува на членовите на потесно семејство на државјанинот на РСМ, на кои им е одобрен привремен престој, да имаат право на образование, професионално усовршување, вработување и вршење самостојна дејност, под услови утврдени со закон.
- Потекло од Македонија
Во случај на регулирање привремен престој по основ “потекло од Република Северна Македонија“, се смета дека странецот е по потекло од РСМ, доколку во моментот на неговото раѓање, барем еден од родителите бил државјанин на РСМ.
- Намалување на глобите
Со новите законски измени, воведено е значително намалување на глобите за сторени прекршоци, како за правни, така и за физички лица (член 215, член 216, член 217 и член 218 од Законот за странци).
Законот за измена и дополнување на Законот за странци можете да го најдете на следниот линк: https://www.slvesnik.com.mk/Issues/347ca6fd31344c17b804dab7b326c226.pdf

Ангела Андонова
Контактирајте го авторот тука:
Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.

Канцеларија
Ул. Македонија бр. 11/1-5,
Скопје – Центар
Контакт
contact@lblaw.com.mk
+ 389 2 609 0218
Lalicic & Boskoski Law Firm
str. Makedonija no. 11/1-5