Промена на име во патна исправа
Дали може да Ви биде изречена прекршочна санкција поради премин на државната граница со непроменета патна исправа, по склучување на брак?
Во случај доколку при склучување на брак сте го промениле Вашето презиме, без оглед дали сте го прифатиле презимето на Вашиот брачен другар или само сте го додале неговото/нејзиното презиме на Вашето презиме, согласно законските прописи на Република Северна Македонија за вас се создаваат неколку законски обврски (промена на име во патна исправа) кои мора да ги испочитувате.
Имено, посетувањето на надлежните институции и чекање ред на шалтер за промена на личните документи често знае да биде „демотивирачки“, поради што нередок случај е брачните другари да продолжат да ги користат своите стари патни исправи, дури и со месеци. Истовремено, неретка појава е дури и напуштање на државната гранца со непроменет пасош, односно најчесто неизвршена промена на име во патна исправа.
И иако можеби рокот на важност на Вашиот пасош сеуште не е истечен, сепак согласно Законот за патните исправи, предвидена е законска должност, во рок не пократок од 30 дена, од денот на промена на личните податоци, задолжително да го предадете заради негово поништување пред Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија.
Дополнително на ова, како Имател на патна исправа чие податоци се променети, Вие немате право да патувате надвор од Република Северна Македонија, односно не можете да ја користите патната исправа за напуштање на државната граница, бидејќи согласно закон, овој личен документ мора задолжително да ги содржи личните податоци кои треба да бидат сменети.
Од друга страна, секое Ваше постапување спротивно на овие законски обврски, односно не враќање на патна исправа заради нејзино поништување во рамки на рок од 30 дена, вклучително и користење на патната исправа, па макар и само еднаш, без притоа да извршите промена на Вашето презиме, подлежи на прекршочна одговорност.
Имајте во предвид дека непочитувањето на овие законски обврски е казниво и по двата основи, за што во секој од овие случаи согласно Законот за патните исправи може да Ви биде изречена прекршочна санкција, односно глоба чија висина може да достигне и до 250 Евра во денарска противвредност, а во случај доколку не постапите согласно издадениот прекршочен платен налог против Вас можете да биде поднесено Барање за поведување на прекршочна постапка до надлежен суд, односно прекршочен орган.
Поаѓајќи од тоа дека никој не би сакал да подлежи на прекршочна одговорност, а уште помалку да да му биде изречена прекршочна глоба, поведувањето на постапка за замена на патната исправа ќе морате да го направите во рамки на законскиот рок.
Оваа управна постапка за замена на пасош е брза и многу поедноставна во споредба со редовната постапка за промена лично име (име и/или презиме) која исто така се води пред надлежното Министерство за внатрешни работи.
Сепак треба да се напомене и дека пред да поднесете официјално Барање за издавање на патна исправа, претходи и процес на обезбедување на документи кои треба да ги доставите во прилог, меѓу кои извод од матична книга на родените со променети податоци.
Дополнителен совет: Не заборавајте дека освен замена на Вашата патна исправа, истовремено подлежите и на законска обврска за промена, односно замена на сите Ваши останати лични документи, а чие непочитување исто така подлежи на соодветна прекршочна одговорност.
Ивана Илиеска
Контактирајте го авторот тука:
Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.
Канцеларија
Ул. Македонија бр. 26/1-5,
Скопје – Центар
Контакт
contact@lblaw.com.mk
+ 389 2 609 0218
Lalicic & Boskoski Law Firm
str. Makedonija no. 11/1-5