+ 389 2 320 8090 contact@lblaw.com.mk

Финансирање со заем од странска компанија

Вашите обврски согласно регулаторната рамка на Народната банкa

Во динамичниот свет на глобалните финансии, прекуграничните трансакции во форма на заем стануваат еден од главните инструменти за поттикнување раст, иновации и развој на домашните компании. Со оглед на фактот дека домашните компании сè повеќе се финансираат од средства на странски партнери, од клучно значење е да се придржуваат до регулаторната рамка воспоставена од страна на Народната Банка. Оваа страница е дел од нашата пракса во областа на деловно право.

Иако станува збор за наметната обврска која во крајна инстанца се користи за статистички цели, домашните компании кои обезбедиле финансирање од странство по пат на заем, имаат обврска соодветно да ја известат Народната Банка за оваа трансакција. Оваа обврска е пропишана со Законот за девизно работење (член 42 – Известување за кредитни трансакции) и последователно со Упатството за начинот и условите за поединечно известување  за кредитите земени од нерезиденти.

Споменатите прописи предвидуваат задолжителна обврска за поднесување на извештај за сите кредитни трансакции склучени со нерезиденти и тоа во рок од 10 (десет) дена од денот на склучувањето на договорот, односно 5 (пет) работни дена од целосно или делумно враќање на заемот или  настанување на измената на договорот за заем.

Притоа, треба да се има предвид дека овие известувања се доставуваат на посебни формулари („НД обрасци“) и тоа:

  • НД 1 образец – Пријава за земен кредит од нерезидент, кој се доставува при известување за нова кредитна работа.
  • НД 2 – Реализација на користење, кој се доставува при известување за користење средства од земениот заем, врз основа на претходно евидентирана кредитна работа.
  • НД 3 – Реализација на отплата, којсе доставува при известување за отплата на главнина или камата врз основа на претходно евидентирана кредитна работа.
  • НД 4 – План на отплата на главнината, кој се доставува доколку со договорот за заем, предвидениот план на отплата нема редовна периодичност, односно се пријавени нередовни отплати на главнината коишто не може да се пресметаат согласно со основните услови на заемот.
  • НД 5 – Спецификација на кредиторите/корисниците, кој се користи доколку согласно со договорот за заем, се јавуваат повеќе кредитори или корисници на кредитот.

Овие формулари се достапни на следниот линк: НБРМ – Упатство за известување за кредити од нерезиденти.

Неисполнувањето или ненавременото исполнување на оваа законска обврска не само што е во спротивност со регулаторната рамка, туку и ја изложува компанијата на потенцијални глоби, кои зависно од големината на домашната компанија како субјект, може да варираат од 200 до  3.000 евра во денарска противвредност, односно од 50 до 300 евра во денарска противвредност глоба за одговорното лице на компанијата.

Практична проверка во 2026 година

Компаниите кои имаат примено заем од странска компанија треба да проверат: (1) Дали е поднесен НД 1 образец во рок од 10 дена од склучувањето на договорот. (2) Дали се поднесуваат НД 2 и НД 3 при секое користење и отплата. (3) Дали постојат измени на договорот за заем кои бараат пријавување во рок од 5 работни дена. Неисполнувањето може да резултира со глоби до 3.000 евра за компанијата и до 300 евра лично за управителот. Видете повеќе за одговорностите на управителите. (4) Дали сите документи се соодветно архивирани согласно прописите за архивско работење.

Често поставувани прашања

Во кој рок треба да се пријави заемот до Народна банка?

Во рок од 10 дена од денот на склучувањето на договорот за заем. За отплата или измена на договорот – во рок од 5 работни дена.

Кои компании имаат обврска за известување?

Сите домашни правни лица кои склучиле договор за заем со нерезидент (странска компанија или лице), без оглед на износот на заемот.

Кои се казните за ненавремено пријавување?

Глобата за компанијата изнесува од 200 до 3.000 евра во денарска противвредност, а за одговорното лице (управителот) од 50 до 300 евра.

 

Потребна ви е правна насока?

Доколку имате прашања за известување до Народна банка или за заеми од странски компании, тимот на Лаличиќ и Партнери Ви стои на располагање. Контактирајте не преку нашата веб-страница.

 

Ведран Лаличиќ

Контактирајте го авторот тука:

Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.

Контактирајте не за консултација во однос на деловно право