+ 389 2 320 8090 contact@lblaw.com.mk

Измени на Законот за концесии и јавно приватно партнерство: се воведуваат самоиницијативни предлози и институционално јавно приватно партнерство

Собранието на Република Северна Македонија ги усвои измените и дополнувањата на Законот за концесии и јавно приватно партнерство, со кои за првпат во домашната правна регулатива се воведуваат “самоиницијативен предлог“, “приватен иницијатор“ и “институционално јавно приватно партнерство“. Измените се објавени во Службен весник на Република Северна Македонија бр. 96/2026.

Со новите законски решенија, правни и физички лица, како и конзорциуми, добиваат можност како “приватни иницијатори“ самоиницијативно да поднесуваат предлози за воспоставување на јавно приватно партнерство. Законот предвидува дека “самоиницијативен предлог“ претставува предлог за воспоставување на јавно приватно партнерство поднесен од страна на приватниот иницијатор по сопствена иницијатива.

Согласно измените, приватниот иницијатор може во секое време да поднесе самоиницијативен предлог кој треба да содржи податоци за природата на проектот, јавната инфраструктура која ќе се развие, јавните услуги кои ќе се обезбедуваат, техничката и финансиската изводливост на проектот, како и усогласеноста со јавниот интерес. Предлогот задолжително се доставува заедно со физибилити студија за оправданост за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство.

Законот истовремено предвидува ограничувања во однос на проектите кои можат да бидат предмет на самоиницијативен предлог. Имено, таков предлог не може да се однесува на проект кој е дел од програма за работа, плански или стратегиски документ на јавниот партнер, проект подготвен од страна на јавен партнер или проект за кој веќе е започната постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство.

Новините воведуваат и рокови за постапување на јавниот партнер. По приемот на самоиницијативниот предлог, јавниот партнер е должен во рок од 30 дена да изврши преглед и оценка на доставената документација и физибилити студијата. Во текот на постапката може да бидат побарани и дополнителни информации од приватниот иницијатор, кој е должен да ги достави во рок од 10 дена.

Покрај договорното јавно приватно партнерство, измените за првпат го уредуваат и „институционалното јавно приватно партнерство“. Овој модел предвидува соработка меѓу јавен партнер и приватен партнер преку заедничко вложување во трговско друштво кое ќе биде носител на спроведувањето на договорот за воспоставување на јавно приватно партнерство.

Во случај на институционално јавно приватно партнерство, тендерската документација ќе треба да ја уреди формата на правното лице, соодносот на капиталот, обврските на најповолниот понудувач и јавниот партнер, како и другите прашања поврзани со основањето и функционирањето на друштвото за посебна намена. Нацрт-договорот за основање на друштвото ќе претставува составен дел на тендерската документација.

Институционалното јавно приватно партнерство може да има особено значење кај проекти кои бараат долгорочна соработка помеѓу јавниот и приватниот партнер, особено во областа на инфраструктурата, енергетиката, транспортот, комуналните услуги, здравството и проектите на локалната самоуправа. Новиот модел, кој предвидува заедничко вложување во трговско друштво заради спроведување на договорот за воспоставување на јавно приватно партнерство, отвора можност за поинакво структурирање и управување со проекти од јавен интерес.

Од практичен аспект, измените и дополнувањата на Законот за концесии и јавно приватно партнерство создаваат нови можности за приватниот сектор, но истовремено отвораат и значајни прашања поврзани со подготовката и планирањето на самоиницијативните предлози.

Воедно, измените претставуваат показател за поширока насока кон зголемено учество на приватниот сектор во развојот на јавната инфраструктура и јавните услуги во Република Северна Македонија. Доколку новата рамка се применува ефикасно и биде проследена со соодветен институционален капацитет, може да се очекува зголемен интерес за проекти за јавно приватно партнерство, како и поголема флексибилност при структурирањето на модели за реализација на проекти од јавен интерес од страна на јавните партнери и инвеститорите.

Ангела Андонова

Контактирајте го авторот тука:

Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.