Кој добива старателство?
Како одлучуваат македонските судови во споровите за доверување на малолетните деца во случај на развод?
Во рамките на постапката за развод, едно од најважните и можеби најемотивно исцрпувачки прашања често е: „Кој го добива старателството над малолетните деца?
Согласно одредбите на Законот за семејството, одлуката за доверување на малолетните деца на чување и воспитување во рамките на постапката за развод ја носи надлежниот суд, по претходно прибавено мислење на Центарот за социјални работи. Клучен фактот при одлучувањето е дали брачните другари меѓусебно се имаат спогодено со кого од нив ќе продолжат децата да живеат по разводот. Во најголем број случаи, доколку постои ваква спогодба, истата се почитува и од Центарот за социјални работи и од судот. Меѓутоа, важно е да се напомене дека дури и во случај на постоење спогодба меѓу брачните другари, нема апсолутна гаранција дека децата ќе бидат доверени согласно нејзината содржина, доколку Центарот за социјални работи и судот проценат дека спогодбата е спротивна на најдобриот интерес на децата. Ваквите случаи се исклучително ретки во праксата на македонските судови и генерално се случуваат само под исклучителни околности.
Од друга страна, доколку помеѓу брачните другари постои спор за доверувањето на малолетните деца, одлуката на судот и мислењето на Центарот за социјални работи, генерално зависат од следните фактори:
- Возраста, здравјето и развојните потреби на детето;
- Односот на детето со секој родител, семејната динамика, вклучувајќи го квалитетот на родителската грижа и емоционалната врска;
- Способноста на родителите да обезбедат стабилна срединa за развој на детето (особено: финанските услови, условите за домување, работниот ангажман на родителите..);
- Постоење историја на семејно насилство, злоупотреба на супстанции или запоставување од страна на кој било родител;
- Лични преференции на детето, особено кога детето е доволно зрело да даде свое мислење.
Оттука, одлучувањето за доверување на малолетни деца на чување и воспитување во случаи на развод вклучува сеопфатна проценка на различни фактори, со крајна цел обезбедување на најдобриот интерес на детето. Одлуката за доверување на малолетните деца, по нејзининото донесување е правно обврзувачка и се очекува од двајцата родители истата уредно да ја почитуваат. Во спротивно, непочитувањето на одлуката за доверување на малолетните деца провлекува правни последици кои можат да резултираат и со кривична одговорност.
***
Нема сомнение дека старателството над малолетните деца е една од најкомплексните последици на разводот на бракот. Препознавајќи ја емоционалната штета што споровите за старателство можат да ја нанесат врз семејствата, секогаш подобар е спогодбениот пристап за уредување на прашањата поврзани со чувањето и воспитувањето на малолетните деца.
Меѓусебното спогодување со Вашиот брачен другар нуди можност за конструктивен дијалог за уредување на родителските права и обврски кои даваат приоритет на благосостојбата на детето. Колку повеќе успеете да разговарате и да се договорите со Вашиот брачен другар, толку повеќе време и пари ќе заштедите во текот на судската постапка, а воедно ќе избегнете дополнителни конфликти и емоционална вознемиреност!
Во секој случај, изберете искусен адвокат за да се осигурате дека Вашите права и интереси ќе бидат правилно заштитени.
За начинот на работење на Центрите за социјална работа, прочитајте повеќе тука
Ангела Андонова
Контактирајте го авторот тука:
Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.
Канцеларија
Ул. Македонија бр. 26/1-5,
Скопје – Центар
Контакт
contact@lblaw.com.mk
+ 389 2 609 0218
Lalicic & Boskoski Law Firm
str. Makedonija no. 11/1-5