Се што треба да знаете за прекувремена работа
Прекувремена работа е секоја работа извршена над законски утврденото полно работно време од 40 часа неделно. Работникот е должен да ја прифати прекувремената работа по барање на работодавачот при зголемен обем на работа, продолжување на производниот процес, оштетување на опремата која може да предизвика прекин во работата, лична и имотна безбедност, како и во други случаи определени со закон или колективен договор. Оваа страница е дел од нашата пракса во областа на работни односи. Во продолжение даваме практичен преглед на условите, ограничувањата, пресметката на надомест и обврските на работодавачот – со осврт на актуелните прописи за 2026 година. За прашања поврзани со платата на работниците, видете го и нашиот водич за додатоци на плата.
Колку може да трае прекувремената работа
Законот ограничува дека прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и не повеќе од 190 часа годишно. Исклучоци од ова се дозволени за работи кои поради нивната природа не можат да се прекинат.
Дополнително, просечната прекувремена работа во период од три месеци не смее да надминува осум часа неделно.
Надоместок и бонус на плата за прекувремена работа
Согласно Општиот колективен договор за приватниот сектор, работниците кои вршат прекувремена работа имаат право на надоместок кој најмалку изнесува дополнителни 35% од основната плата по час.
Исто така, за работниците кои извршиле повеќе од 150 часа прекувремена работа во текот на годината и не отсуствувале повеќе од 21 ден во текот на годината, дополнително се предвидува исплата на бонус во висина на една просечна месечна плата во државата.
Прераспределба на работното време не се смета за прекувремена работа
Прераспределбата на работното време е процес кој овозможува флексибилност во рамките на 40-часовната работна недела на годишно ниво без да се смета за прекувремена работа. Оваа мерка се применува кога природата на работата го бара таквото подредување, но сите рераспределени часови не подлежат на дополнителни надоместоци како прекувремената работа.
Евиденција и известување
Законот бара од работодавците да водат детална евиденција за полното и прекувременото работно време, при што часовите на прекувремената работа мора да бидат јасно наведени во месечната пресметка на платата.
Работодавачите исто така се должни писмено да известуваат за секое воведување на прекувремена работа кај подрачниот државен инспектор на трудот.
Известувањето како формулар може да го превземете од тука: Образец за известување за прекувремена работа
Ограничувања и заштита во врска со прекувремената работа
Законот задава и строги ограничувања на прекувремената работа за работници под особени услови кои вклучуваат тешки, напорни и штетни услови на работа, работници со семејни обврски, млади и стари работници, и трудници или родители на мали деца.
Во сите овие случаи, работодавачот не смее да наложи прекувремена работа без писмена согласност од работникот. Овие одредби овозможуваат праведен баланс помеѓу потребите на работодавачите и заштитата на правата на работниците, ставајќи акцент на здравјето и безбедноста на работното место, како и на социјалните и семејните потреби на работниците.
Прекувремена работа во 2026 – што треба да проверите
Во 2026 година прописите кои ја регулираат прекувремената работа остануваат непроменети, но Државниот инспекторат за труд ги зајакна контролите во евиденцијата на работодавачите. Работодавачите треба да го проверат следново:
- Дали евиденцијата за прекувремени часови се ажурира месечно и е потпишана од одговорното лице.
- Дали известувањето до инспекторот на труд е испратено пред почетокот на секој период на прекувремена работа.
- Дали надоместокот од 35% е пресметан врз основа на основната плата по час.
- Дали за категориите заштитени работници постои потпишана писмена согласност пред воведувањето на прекувремената работа.
Практичен пример – пресметка на надомест
Вработен со основна плата од 30.000 МКД месечно работи 168 редовни часа во месецот (40 часа × 4,2 недели). Основна плата по час: 30.000 ÷ 168 = 178,57 МКД/час.
Доколку во еден месец изработи 20 прекувремени часа:
- Надомест по час за прекувремена работа: 178,57 × 1,35 = 241,07 МКД/час
- Вкупен надомест за 20 прекувремени часа: 241,07 × 20 = 4.821 МКД
Напомена: Ако вработениот изработи повеќе од 150 прекувремени часа годишно и не отсуствувал повеќе од 21 ден, има право и на исплата на бонус во висина на една просечна месечна плата во државата (според последно објавените податоци на Државниот завод за статистика).
Често поставувани прашања
Може ли работникот да одбие прекувремена работа?
Во принцип не – работникот е законски должен да ја прифати прекувремената работа по барање на работодавачот, доколку се исполнети законските услови. Исклучок постои за заштитените категории работници, кај кои е потребна писмена согласност.
Колку е максималната дозволена прекувремена работа?
Максимум 8 часа неделно и не повеќе од 190 часа годишно. Прекувремената работа над овие граници е прекршок на работодавачот.
Потребна ви е правна насока?
Доколку сте во постапка поврзана со повреда на работник или сакате да ги знаете вашите права и обврски, тимот на Лаличиќ и Партнери е на располагање за правна насока. Контактирајте не преку нашата веб-страница.

Ведран Лаличиќ
Контактирајте го авторот тука:
Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.