+ 389 2 320 8090 contact@lblaw.com.mk

Работа На Странци Без Дозвола За Престој

Основното правило во македонското законодавство е дека странец кој работи во Република Северна Македонија мора да има соодветна дозвола за престој заради работа или работна дозвола. Сепак, Законот за вработување и работа на странци предвидува и важен исклучок: во одредени ситуации, странците можат да работат и без ваква дозвола, под услов нивната работа да биде регистрирана во Агенцијата за вработување. 

 

Овој режим, познат како “регистрација на работа“, претставува значаен и практично применлив инструмент, кој во деловната пракса се користи релативно често, но воедно останува недоволно прецизиран и понекогаш погрешно интерпретиран. Неговата суштина не лежи во дерогирање или избегнување на законските обврски кои произлегуваат од Законот за странци, туку во воспоставување на поедноставена административна постапка, наменета за специфични ситуации во кои ангажманот на странецот во државата има ограничен временски опсег и јасно дефинирана проектна природа.

 

Имено, “регистрацијата на работа“ овозможува флексибилност во организирањето на работните активности, особено во случаи на краткорочни ангажмани, техничка поддршка, имплементација на проекти или други слични активности кои по својата природа не бараат воспоставување на трајно присуство или класичен работен однос. Сепак, и покрај оваа поедноставена процедура, субјектите кои ја применуваат остануваат обврзани да ги почитуваат релевантните материјални прописи, вклучително и оние од областа на трудовото право, даноците и имиграцијата, во зависност од конкретниот случај.

 

Овој режим се применува во неколку типични ситуации:

 

Прво, кај краткотрајни услуги поврзани со испорака, монтажа или одржување на опрема. На пример, кога странски добавувач испорачува машина и испраќа свој персонал да ја монтира, тестира или да обучи локални вработени, не е потребна работна дозвола. Истото важи и за сервисирање, дијагностика или отстранување дефекти, доколку овие активности произлегуваат од договорот за купопродажба (набавка) на опрема. 

 

Второ, овој режим се применува кај учество на странци на саеми и изложби. Странските работници кои доаѓаат да постават или изложат опрема за трговски саем не треба да добијат дозвола, под услов нивниот ангажман да трае само во рамките на настанот.

 

Трето, Законот предвидува и можност за ангажирање на странци за вршење краткотрајни услуги во ситуации кога домашниот пазар на труд не е во можност да обезбеди соодветна работна сила. Оваа можност е условена со постоење на соодветен акт за реализација на таквите услуги, како и со претходно утврдена потреба од страна на правното лице во Република Северна Македонија. Имено, правното лице е должно претходно да ја пријави својата потреба за работна сила до Агенцијата за вработување, по што треба да добие писмен одговор дека бараната работна сила не може да се обезбеди од домашниот пазар на труд. Ваквиот одговор не смее да биде постар од шест месеци во моментот на ангажирање на странските лица.

 

Посебна категорија се и итните случаи. Кога е потребна итна интервенција, како на пример поради хаварија, технички дефект или ризик од економска штета, странски експерти можат веднаш да бидат ангажирани, без претходна дозвола. Во овие ситуации, регистрацијата се врши во рок од три дена по нивното пристигнување

 

Дополнително, и странските студенти кои престојуваат во државата можат да вршат ограничени работи без дозвола, но повторно само со претходна регистрација на работата и во строго ограничен обем (до 10 работни часа неделно). 

 

Она што е заедничко за сите овие случаи е обврската за регистрација. Законот изрично предвидува дека регистрацијата на работата е задолжителен услов за законито ангажирање на странци. Регистрацијата ја врши работодавачот, клиентот или организаторот на услугата, во зависност од конкретниот случај. Таа мора да се изврши во строго определени рокови, најчесто пред почетокот на работата или веднаш по пристигнувањето на странецот во државата. Истовремено, постои и обврска за одјава на работата по нејзиното завршување.

 

Меѓутоа, овој режим има временски ограничувања. Во најголем дел од случаите, услугите можат да се даваат до 30 или 60 дена во текот на една календарска година. Доколку работата трае подолго, странците се должни да обезбедат соодветна работна дозвола во смисла на одредбите од Законот за странци (како на пример дозвола за престој по основ на вработување или упатување), согласно природата на ангажманот.

 

Оттука, регистрацијата на работа не претставува замена или алтернатива за долгорочно ангажирање на странски државјани, туку служи како инструмент за обезбедување флексибилност во рамки на краткорочни, повремени и јасно дефинирани услуги. Нејзината намена е ограничена и функционално врзана за специфични ситуации, поради што секое нејзино проширено или несоодветно користење може да резултира со значителни правни ризици, вклучително и поведување прекршочни постапки и изрекување прекрошни санкции како за правните лице кои ангажираат странски лица, така и за самите странци.

 

Во таа насока, за компаниите кои ангажираат странци, од суштинско значење е правилно и навремено да се изврши правна квалификација на конкретниот ангажман. Клучното прашање е дали се работи за активност која по својата природа и времетраење спаѓа во режимот на “регистрација на работа“, или пак станува збор за ангажман што подразбира исполнување на условите за издавање на дозвола за работа и престој согласно релевантните прописи.

 

Иако ова разграничување на прв поглед може да изгледа како техничко прашање, во суштина тоа има директно влијание врз законитоста на целиот ангажман, вклучително и врз статусот на ангажураниот странец, даночниот третман, како и усогласеноста со прописите од областа на трудот и имиграцијата. Токму затоа, препорачливо е компаниите да пристапат со зголемено внимание и, по потреба, да обезбедат соодветна правна поддршка пред да се одлучат за примена на овој режим.

Ангела Андонова

Контактирајте го авторот тука:

Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.