Регрес за годишен одмор и кога работодавачот (не) e должен да го исплаќа?
(ДЕЛ 1)
Регресот за годишен одмор или популарно К-15 е право на работникот кое потекнува и е воспоставено Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Од оваа причина, во генерална смисла, правото на к-15 се однесува на сите вработени лица во приватниот сектор во Република Северна Македонија.
Меѓутоа, во продолжение ќе дадеме појаснување за некои дилеми кои често се јавуваат во однос на исплатата на к-15 од работодавачот кон своите работници.
Кога треба да биде извршена исплатата:
Од причина што индивидуално за работникот право на к-15 се стекнува во оној момент кога ќе се исполни период од 6 (шест) месеци работа во тек на календарската година, произлегува заклучокот дека работодавачот може да врши исплата по основ на к-15 во периодот од 01.07 до 31.12 во календарската година.
Согласно на ова, работодавачот е веќе во доцнење доколку к-15 не исплатил заклучно веќе од 01.01 по истекот на календарската година, за која правото на регрес за годишен одмор се однесува.
Кој има право на регрес за годишен одмор, односно К-15?
За еден работник да се стекне со право на регрес за годишен одмор истиот треба да е ангажиран во приватна форма (приватен сектор) и да работникот е во непрекинат работен однос кај работодавачот во период од најмалку 6 (шест) месеци во тек на календарската година.
Како се пресметува висината на регресот за годишен одмор?
Висината на регресот за годишен одмор произлегува од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, и е дефинирана како мининален износ од најмалку 40% од основицата за оние работници кои го имаат исполнето условот за работа од најмалку 6 (шест) месеци. Исто така, напоменуваме дека основица за пресметка на регресот за годишен одмор е просечната месечна нето плата по работник во Република Северна Македонија, исплатена во последните три месеци.
Кои се последиците доколку регресот за годишен одмор не е исплатен?
Основна последица која работодавачот може да ја очекува доколку не исплати регрес за годишен одмор кон своите вработени е прекрошна сакнција во висина до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра се за фирмата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа.
Теоретски треба да се напомене дека законодавецот предвидува и казна затвор од една година за работодавците кои ќе исплатат регрес, а потоа ќе бараат од работниците делумно или целосно да им го вратат.
Државниот инспекторат за труд врши надзор над спроведување на процесот на исплата на регрес, по пристигната пријава или самоиницијативно по случаен избор.
Постојат ли исклучоци од обврската за исплата на регресот за годишен одмор?
Колективниот договор предвидува исклучок од обврската за исплата на регрес за годишен одмор меѓутоа само кај определена категорија работодавачи.
Согласно колективниот договор, ослободени од обврската за исплата на регресот за годишен одмор се работодавачите кај кои настанале потешкотии во работењето, ценејќи ја економско – финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна предходна консултација со синдикатот на ниво на гранка односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со овој колективен договор.
Мартин Бошкоски
Контактирајте го авторот тука:
Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.
Канцеларија
Ул. Македонија бр. 26/1-5,
Скопје – Центар
Контакт
contact@lblaw.com.mk
+ 389 2 609 0218
Lalicic & Boskoski Law Firm
str. Makedonija no. 11/1-5