+ 389 2 320 8090 contact@lblaw.com.mk

Регрес за годишен одмор и кога работодавачот (не) e должен да го исплаќа?

(ДЕЛ 1)

Регресот за годишен одмор (К-15) е право на работниците во приватниот сектор во Република Северна Македонија, уредено со Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството.

Во овој текст ќе дознаете кој има право на К-15, колку изнесува, до кога работодавачот е должен да го исплати и кои се најчестите грешки кои водат до прекршочна одговорност. Оваа страница е дел од нашата правна експертиза од областа на работни односи.

Кога треба да биде извршена исплатата:

Од причина што индивидуално за работникот право на К-15 се стекнува во оној момент кога ќе се исполни период од 6 (шест) месеци работа во тек на календарската година, произлегува заклучокот дека работодавачот може да врши исплата по основ на К-15 во периодот од 01.07 до 31.12 во календарската година.

Согласно на ова, работодавачот е веќе во доцнење доколку К-15 не исплатил заклучно веќе од 01.01 по истекот на календарската година, за која правото на регрес за годишен одмор се однесува.

 

Кој има право на регрес за годишен одмор, односно К-15?

За еден работник да се стекне со право на регрес за годишен одмор истиот треба да е ангажиран во приватна форма (приватен сектор) и да е во непрекинат работен однос кај работодавачот во период од најмалку 6 (шест) месеци во тек на календарската година. Повеќе за правата на вработените можете да најдете во нашиот раздел за прекувремна работа и користење на годишен одмор.

 

Како се пресметува висината на регресот за годишен одмор?

Висината на регресот за годишен одмор произлегува од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, и е дефинирана како минимален износ од најмалку 40% од основицата за оние работници кои го имаат исполнето условот за работа од најмалку 6 (шест) месеци. Основица за пресметка е просечната месечна нето плата по работник во Република Северна Македонија, исплатена во последните три месеци.

 

Што треба да проверите во 2026 година

За пресметка на регресот за годишен одмор во 2026 година, основицата е просечната месечна нето плата по работник во Република Северна Македонија, исплатена во последните три месеци пред исплатата на К-15, согласно Општиот колективен договор за приватниот сектор. Минималниот износ останува 40% од таа основица, под услов работникот да бил ангажиран најмалку 6 (шест) месеци во календарската година. Работодавачите кај кои настанале потешкотии во работењето можаат, по задолжителна консултација со синдикатот или претставник на работниците и со потпишана спогодба, да утврдат понизок износ, под услов истото да е поткрепено со соодветен финансиски извештај и сметководствена документација. Исплатата може да се изврши пред почетокот на користењето на годишниот одмор или, доколку тоа не е можно, до крајот на календарската година.

 

Пример за пресметка

Доколку просечната месечна нето плата по работник во Македонија за последните три месеци изнесува 45.000 МКД, минималниот регрес на кој работникот има право е: 36.000 × 40% = 18.400 МКД. 

 

Кои се последиците доколку регресот за годишен одмор не е исплатен?

Основна последица која работодавачот може да ја очекува доколку не исплати регрес за годишен одмор кон своите вработени е прекршочна санкција во висина до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра се за фирмата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа.

Теоретски треба да се напомене дека законодавецот предвидува и казна затвор од една година за работодавците кои ќе исплатат регрес, а потоа ќе бараат од работниците делумно или целосно да им го вратат.

Државниот инспекторат за труд врши надзор над спроведување на процесот на исплата на регрес, по пристигната пријава или самоиницијативно по случаен избор.

 

Постојат ли исклучоци од обврската за исплата на регресот за годишен одмор?

Колективниот договор предвидува исклучок од обврската за исплата на регрес за годишен одмор меѓутоа само кај определена категорија работодавачи.

Согласно колективниот договор, ослободени од обврската за исплата на регресот за годишен одмор се работодавачите кај кои настанале потешкотии во работењето, ценејќи ја економско – финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од изосот утврден со овој колективен договор.

 

Често поставувани прашања

Дали секој вработен во приватниот сектор има право на регрес?

Право на регрес за годишен одмор имаат работниците во приватниот сектор кои во текот на календарската година биле ангажирани најмалку 6 (шест) месеци. Вработените со скратено работно време имаат право на регрес сразмерно на времетраењето на работниот ангажман.

 

До кога работодавачот е должен да го исплати К-15?

Законот не пропишува фиксен рок, но практиката и колективните договори налагаат исплатата да се изврши пред или за време на користењето на годишниот одмор. Доцнењето со исплата може да резултира со прекршочна одговорност.

 

Што се случува ако работодавачот не го исплати регресот?

Работникот може да поднесе претставка до Државниот инспекторат за труд. Работодавачот е изложен на прекршочна одговорност, а работникот го задржува правото на наплата на неисплатениот износ.

 

Потребен ви е правен совет?

Доколку имате прашања во врска со исплатата на регресот за годишен одмор или сте соочени со спор помеѓу работник и работодавач, тимот на Лаличиќ и Партнери Ви стои на располагање за правна помош. Контактирајте не преку нашата веб-страница.

Ведран Лаличиќ

Контактирајте го авторот тука:

Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.

Канцеларија

Ул. Македонија бр. 26/1-5,

Скопје – Центар

Контакт

contact@lblaw.com.mk
+ 389 2 609 0218

Lalicic & Boskoski Law Firm

str. Makedonija no. 11/1-5