План за користење на годишен одмор
Начинот и времето на користење на годишниот одмор е важен дел од работниот процес кој има значајна улога во задоволството на вработените. Понекогаш, времето на користење на годишен одмор во корелација со интересите на работодавачот за непречено организирање на работниот процес, може да биде предизвик како за работодавачот, така и за работникот.
Во однос на начинот на користење на годишниот одомор, Законот за работни односи определува дека годишниот одмор по правило се користи во текот на календарската година. Годишниот одмор може да се користи во повеќе делови во договор со работодавачот, при што еден дел од годишниот одмор мора да трае најмалку две непрекинати работни недели. Работодавачот е должен на работникот да му обезбеди искористување на две непрекинати работни недели годишен одмор до крајот на тековната календарска година, а остатокот до 30 јуни идната година.
Начинот на користење на годишниот одмор е исто така уреден со Законот, кој нагласува дека годишниот одмор се користи земајќи ги предвид потребите на работниот процес и можностите за одмор и рекреација на работникот, водејќи сметка за неговите семејни обврски. Работникот има право два дена од годишниот одмор да ги искористи во денови кои самиот ќе ги определи, под услов тоа сериозно да не го загрозува работниот процес, и за тоа мора да го извести работодавачот најдоцна три работни дена пред користењето.
Особено во летната сезона, многу често се јавува барање од повеќе работници кои можеби вршат исти работни задачи во определен оддел или сектор кај работодавачот, да бараат истовремено користење на годишен одмор. Така, доколку постои навремен план за користење на годишниот одмор на почетокот од календарската година, некои од овие предизвици можат да бидат избегнати. Планот за годишен одмор е добра практика како интерен акт на работодавачот, иако не е законска обврска за работодавачот. Со ваков план, работодавачот може да го организира и регулира користењето на годишниот одмор така што работниот процес да не биде нарушен.
Во однос на содржината на овој интерен акт, сметаме дека истиот може да содржи распореди и препораки за тоа кои сектори треба да го користат годишниот одмор во одредени периоди, овозможувајќи поефикасна распределба на ресурси и континуитет во работата. Така, планот може да содржи и правила за одобрување или одбивање на барањата за годишен одмор, базирани на потребите на работниот процес. На пример, работодавачот може да одбие барање за годишен одмор ако повеќе вработени од истиот сектор истовремено побараат одмор, со цел да се обезбеди непречено функционирање на работата.
Со таков план, работодавачот може да ги предвиди и организира сите активности во текот на годината, вклучувајќи го и користењето на годишниот одмор. Ова ќе овозможи работниот процес да се одвива без прекини и да се задоволат потребите на вработените за одмор и рекреација.
Дополнително, овој план ќе служи и како водич за вработените, јасно дефинирајќи ги периодите кога се очекува и препорачува користење на годишниот одмор и овозможувајќи им на вработените да ги планираат своите обврски и активности соодветно. Со ваква пракса кај секој работодавач ќе придонесе за подобра организација и зголемена продуктивност на работното место.
Мартин Бошкоски
Контактирајте го авторот тука:
Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.