+ 389 2 320 8090 contact@lblaw.com.mk

Надомест за неискоритен годишен одмор

Во динамичниот свет на работните односи, правото на годишен одмор е фундаментално право на секој вработен. Но, што се случува кога ова право не се искористи во целост пред престанокот на работниот однос? Оваа страница е дел од нашата пракса во областа на работни односи.

Во ваков случај, работникот има право на надомест за неискористен годишен одмор пред престанокот на работниот однос, особено во ситуации кога не е овозможено неговото користење, меѓутоа под определени услови.

Правни основи и услови

Правото на надомест за неискористен годишен одмор се активира во моментот кога вработениот претходно побарал да го искористи својот годишен одмор, но не му било овозможено тоа од страна на работодавецот. Важно е да се напомене дека ништовна е секоја спогодба со која работникот би се откажал од ова право, што ја потврдува неговата неотуѓивост и основност.

Така, согласно Законот определено е дека: Работникот има право на надоместок на неискористениот дел од годишниот одмор пред престанок на работниот однос, ако претходно побарал користење на годишен одмор, а не му било овозможено користење на годишен одмор, а работниот однос му престанал не по негова вина и волја.

Од оваа причина, кога станува збор за престанок на работниот однос, било тоа преку отказ од страна на вработениот или работодавецот, или пак спогодба, работникот нема право на надоместок. Затоа сметаме дека токму овие услови го прават контекстот околу надоместот за неискористен годишен одмор посебно значаен.

Кога вработениот стекнува право на надомест?

Правото на надомест за неискористен годишен одмор се стекнува во случаи кога вработениот побарал користење на годишниот одмор, но тоа не му било овозможено. Согласно на ова, работникот треба да има формално и писмено барање за искористување на годишниот одмор, а работодавачот таквото барање да го има одбиено поради процесот на работа.

Меѓутоа, како што беше и погоре наведено, доколку престои престанок на работниот однос, тој престанок не смее да биде по основ на вина (отказ поради член 81 или член 82 од ЗРО) или поради волја на работникот (отказ од страна на работник или потпишана спогодба за престанок на работен однос). Видете повеќе за основите за отказ тука.

Од оваа причина, прифатливо е само ако работниот однос престанува поради истек на времетрањето на договорот, пензионирање, или отказ поради деловни причини.

Што доколку се исполнети условите, а работодавачот не го исплатил надоместокот?

Во случај да се исполнети условите за правото на надомест за годишен одмор, а работодавачот ваквиот надомест не го исплатил, работникот има право да ги остварува ваквите права пред надлежен суд со покренување на судска постапка за надомест на ова право. Ова претсавува парично побарување кое согласно закон како парично побарување од работен однос застарува во рок од три години од денот на настанувањето на обврската

Врз основа на ова, сметаме дека надоместот за неискористен годишен одмор не е само правна обврска, туку и морален императив кој ја одразува почитта кон работничките права. Работодавачите мора да бидат свесни за своите обврски и да обезбедат дека сите вработени ги искористат своите права на годишен одмор, или пак да обезбедат соодветен надомест доколку тоа не е возможно.

Практична проверка во 2026 година

Работниците кои се соочуваат со престанок на работниот однос треба да проверат: (1) Дали имаат писмено барање за годишен одмор кое работодавачот го одбил – ова е клучен доказ. (2) Дали причината за престанок е деловна причина (не по нивна вина) – само тогаш има право на надомест. (3) Дали рокот од три години за поднесување тужба уште не е истечен. За отказ поради деловни причини и правата кои следуваат, видете ја нашата посебна страница. Поврзано со овој текст е и правото на регрес за годишен одмор кое е одделно право и не зависи од прашањето дали одморот е искористен.

Често поставувани прашања

Дали имам право на надомест ако сам поднесов отказ?

Не. Ако работниот однос престанал по ваша волја (отказ од ваша страна) или по ваша вина, немате право на надомест за неискористен годишен одмор.

Дали е потребно писмено барање за годишен одмор?

Да. За да го остварите правото на надомест, мора да докажете дека претходно сте побарале да го искористите годишниот одмор, а работодавачот не ви го овозможил. Писменото барање е клучен доказ во евентуална судска постапка.

Колку трае рокот за поднесување тужба?

Три години од денот кога настанала обврската (односно од денот на престанокот на работниот однос).

Потребна ви е правна насока?

Доколку имате прашања за надомест за неискористен годишен одмор или вашите права при престанок на работниот однос, тимот на Лаличиќ и Партнери Ви стои на располагање. Контактирајте не преку нашата веб-страница.

 

Ведран Лаличиќ

Контактирајте го авторот тука

Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.