+ 389 2 320 8090 contact@lblaw.com.mk

ВОДИЧ ЗА РЕГИСТРИРАЊЕ НА ПОДРУЖНИЦА НА СТРАНСКО ПРАВНО ЛИЦЕ

Вовед во регистрирање на подружница на странско правно лице

Странското друштво има право, преку својата подружница, да ги врши сите работи кои може да ги врши стандардно основано правно лице во Република Северна Македонија. Странското друштво може со одлука донесена во писмена форма да организира подружница на странско правно лице во Македонија, под услов да биде соодветно запишано во регистарот на државата во која има седиште. Оваа страница е дел од нашата пракса во областа на деловно право.

Исто така, странското друштво, односно странскиот трговец – поединец, согласно Законот за трговските друштва, може со одлука донесена во писмена форма да организира (формира) подружница на странско правно лице во Република Северна Македонија. Услов за ова е да странското правно лице биде соодветно запишано во регистарот на државата во којашто има седиште.

Во продолжение и во кратки црти, ќе ја изнесеме постапката за уписот на подружница на странско правно лице, во Централниот регистар во Република Северна Македонија.

Упис во трговскиот регистар

Чекор 1: Контактирајте регистрационен агент

Согласно Законот, странското друштво, односно странскиот трговец – поединец го пријавува формирањето на својата подружница заради упис во трговскиот регистар според седиштето на подружницата. Оваа постапка во пракса најчесто се врши со помош на регистрационен агент од Република Северна Македонија. Регистрациони агенти со најсоодветно искуство за вршење на вакви работи се најчесто адвокатите и адвокатските друштва кои имаат искуство во корпоративно работење. 

Чекор 2: Со помош на вашиот регистрационен агент, прибавете или конструирајте ги следните документи

За регистрирање на подружница на странско правно лице во трговскиот регистар на Централниот регистар, потребно ќе биде да се обезбедат следните документи:

1) извод од регистарот (тековна состојба) во којшто е запишано странското друштво, односно странскиот трговец – поединец којшто ја организира подружницата, од којшто се гледа содржината и датумот на уписот;

2) преписот од договорот за друштвото или статутот, односно друг соодветен акт на овие акти, според законодавството на странската земја, заверен од страна на државен орган којшто е овластен за тоа според прописите на државата на којашто друштвото му припаѓа, како и уверение од странските власти дека поднесениот договор или статутот, односно друг соодветен акт на овие акти, според законодавството на странската земја, се уште е во сила.

Меѓутоа, ако според законите на државата на којашто друштвото и припаѓа не се бара писмен договор или статут, односно друг соодветен акт на овие акти, според законодавството на странската земја, се приложува уверение од надлежното дипломатско-конзуларно претставништво на Република Северна Македонија дека друштвото постои, за тоа кои му се акционерите, односно содружниците и како одговараат за обврските, а за странскиот трговец – поединец дека не е бришан од регистарот;

3) список на лицата на кои им е доверено застапување на странското друштво и странскиот трговец – поединец во Република Македонија. Ваквиот список треба да ги назначи нивното презиме и име, ЕМБГ, односно бројот на пасошот за странските физички лица и нивното државјанство и местото на живеење. Кон списокот се поднесува и доказ дека тие лица се уредно назначени според актите на друштвото и законските прописи на државата на која друштвото и припаѓа;

4) одлуката на надлежниот орган на странското друштво и странскиот трговец – поединец за организирање на подружницата;

5) извештај за бонитетот на странското друштво и странскиот трговец – поединец, издаден од надлежен државен орган или од овластен ревизор, според прописите на државата на којашто и припаѓа странското друштво и странскиот трговец – поединец;

6) описот на дејностите и работите што ќе ги врши подружницата и

7) ако, со закон, е определено доставување дозвола, одобрение или друг акт, со пријавата се приложува и тој доказ.

Дознајте повеќе за условите за инвестирање во македонија, посетете го следниот линк: Invest North Macedonia

Практична проверка во 2026 година

Странските компании кои планираат да отворат подружница во Македонија треба да: (1) Ангажираат регистрационен агент (адвокат) во Република Северна Македонија. (2) Да проверат дали сите странски документи се преведени, заверени и доколку е потребно содржат апостил печат. (3) Дали е обезбеден извештај за бонитетот – потребен е дури и за нови компании. (4) Дали дејноста на подружницата бара посебна лиценца – во тој случај дозволата мора да биде приложена пред упис. За поврзани прашања за работење на подружница по регистрацијата, видете ја нашата посебна страница.

Често поставувани прашања

Кој може да биде регистрационен агент за упис на подружница?

Регистрационен агент може да биде адвокат или адвокатско друштво со седиште во Република Северна Македонија кое е овластено за вршење на вакви корпоративни постапки.

Дали документите од странство мора да бидат апостилирани?

Да. Документите издадени во странска држава генерално мора да содржат апостил печат (или на друг начин легализирани) и преведени на македонски јазик за да бидат прифатени пред Централниот регистар.

Колку трае постапката за регистрација на подружница?

Постапката зависи од комплетноста на документацијата. По поднесување на уредна пријава, Централниот регистар ја обработува во законски предвидениот рок. Во пракса, при целосна документација, постапката може да трае неколку работни дена.

 

Потребна ви е правна насока?

Доколку планирате да регистрирате подружница на странско правно лице во Македонија, тимот на Лаличиќ и Партнери Ви стои на располагање. Контактирајте не преку нашата веб-страница.

 

Ведран Лаличиќ

Контактирајте го авторот тука:

Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.