Сите чекори при промена на адресата на Вашата фирма во Македонија
Промената на адресата на фирмата е нормалено да се случи во првите неколку години, особено ако бизнисот добро функционирал и имал потреба од проширување на просторот. Во најголем број случаи, промената на адресата на седиштето на една фирма е показател дека фирмата расте и се развива, или пак показател дека се случила определена битна промена во развојот на фирмата.
Меѓутоа, иако на сите им е познато дека оваа постапка се завршува пред Централниот регистар со поднесување на соодветна документација, треба да се имаат и предвид неколку дополнителни обврски и промени кои треба да ги направи секоја фирма кога спроведува една ваква промена.
Во продолжение ги наведуваме најчестите дејствија кои се поврзани со промената на адресата на седиштето на една фирма:
Доколку фирмата има лиценцирана дејност
Во голем број ситуации кога фирмата подлежи на специјални законски прописи поврзани со вршењето на дејноста, најчесто се јавува државен регулатор кој има издадено лиценца или дозвола за вршење на дадената дејност (пр. Агенцијата за супревизија на осигурување, Министерство за финансии, НБРСМ и сл.). Во најголем број од овие случаи регулаторот одобрува промена на седиштето пред да се пристапи кон промената пред Централниот регистар.
Промена на седиштето пред Централен регистар
Во Република Северна Македонија, Централниот регистар претставува трговски регистар каде што се евидентирани сите податоци за фирмите, почнувајќи од нивниот назив, матичен и даночен број, дејност, управител, содружници и тн. но и адресата на седиштето.
Адресата на седиштето е податок кој е впишан и во самата тековна состојба па при физичка промена на адресата, потребно е без одлагање да се промени и овој податок со доставување на пријава пред Централен регистар. Ваква пријава може да биде доставена по потпишување на соодветна документација во зависност од видот на фирмата, од страна на овластен регистрационен агент. Согласно нашиот закон, регистрациони агенти кои можат да ги вршат ваквите промени се адвокати со седиште во Република Северна Македонија.
Банка
Откако ќе биде променето седиштето и е генерирана нова тековна состојба, најчесто следен чекор е да се пристапи кон банката или банките во кое друштвото има сметка и да се направи ажурирање на податоци. Во најголем број случаи, доколку не се потребни и дополнителни документи, банката може да ги ажурира податоците за адресата на седиштето врз основа на новата тековна состојба издадена од Централниот регистар.
Други приватни правни лица
Во голем број случаи, а особено при потпишување на стандардни договори помеѓу правното лице и даватели на услуги како што се телефонски и интернет услуги, услуги за одржување и сл., ваквите правни лица имаат наведено обврска према корисникот да ги информира при промена на адресата на седиштето. Меѓутоа, покрај договорната обврска, потребата за доставување на ваква информација до овие приватни прави лица може да биде од корист и за побрзо променување или адаптирање на постоечкиот деловен однос за услуги со вакви компании
Работни односи – Трудов инспекторат
По претпоставка дека правното лице ги исполнило сите услови за безбедност и здравје при работа на дадениот простор, се подрзазбира дека се извршени соодветни мерења и проверки кои се адектавни за адреста на претходното седиште.
Од оваа причина, веднаш при физичка промена на локацијата се јавува потреба да се направат нови документи за оцена на состојбата во новиот деловен простор, а со тоа и да се изработи изменета изјава за безбедност и здравје при работа.
Од друга страна, препорачливо е и да се достави известување до Трудовиот инспекторат за промената на адреста на седиштето.
Доколку фирмата е од дејност трговија – известување државен пазарен инспекторат
Согласно Законот за трговија и Правилникот за минимално технички услови во продажни објекти за трговија на големо и мало, определени видови на трговски друштва кои вршат дејност трговија на големо и мало, имаат обврска до Државен Пазарен Инспекторат до Општината да се достават пријава за исполнување на минимално технички услови.
Секако треба да се има предвид дали новиот објект на новата адреса ги исполнува минимално техничките услови пропишани со Законот и наведениот Правилник.
Доколку фирмата е со странски капитал, промени пред регистар на директни инвестиции
Доколку фирмата има регистрирано странска директна инвестиција, по промената на податоците треба да се изврши и промена пред Централниот регистар – регистар за директни инвестиции, во однос на промената на седиштето.
Доколку фирмата има регистрирано трансакции со нерезиденти, известување до Народна банка – оддел за статистика
Доколку странско лице нерезидент со фирмата имало определена трансакција која подлежи на регистрација во НБРСМ, потребно е да се извести и Народната банка за променетото седиште.
Ваквото известување како и основната регистрација на трансакцијата, се доставува до одделот за статистика на Народната Банка на Република Северна Македонија.
Прочитајте повеќе за постапката за промени пред Централен регистар, на овој линк.

Мартин Бошкоски
Контактирајте го авторот тука:
Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.

Канцеларија
Ул. Македонија бр. 11/1-5,
Скопје – Центар
Контакт
contact@lblaw.com.mk
+ 389 2 609 0218
Lalicic & Boskoski Law Firm
str. Makedonija no. 11/1-5