+ 389 2 320 8090 contact@lblaw.com.mk

Нов Закон за парничната постапка 2026: Клучни новини во Македонија

По повеќе од две децении, Република Северна Македонија доби нов Закон за парничната постапка, кој претставува една од најзначајните реформи во граѓанското судство во последните години. Законот има за цел да ја модернизира парничната постапка, да го забрза судењето, да ја зголеми ефикасноста на судовите и да овозможи подобра заштита на правата на граѓаните и правните лица. Истовремено, новите законски решенија се насочени кон усогласување на домашното законодавство со европските стандарди и современите трендови во дигитализацијата на правосудството.

Законот претставува најобемна реформа на граѓанската процесна постапка по донесувањето на Законот за парничната постапка од 2005 година и воведува бројни новини кои ќе влијаат врз начинот на водење на граѓанските судски постапки.

Кои се најважните новини?

Новиот Закон воведува повеќе измени кои имаат за цел да ја направат парничната постапка побрза, поедноставна и поефикасна. Наместо долгите и формално сложени постапки кои често траат со години, законодавецот со новиот закон предвидува процесни механизми кои треба да овозможат пократко времетраење на судските спорови и поактивно управување со постапката од страна на судот.

Една од клучните новини е поактивната улога на судот во управувањето со постапката. Новиот Закон го обврзува судот да ја води постапката без непотребно одолжување, во разумен рок и со што е можно помалку трошоци, како и да спречува злоупотреба на процесните права (член 10). Истовремено, не се менува основното правило дека странките се тие што ги изнесуваат фактите и ги предлагаат доказите врз кои ги засноваат своите барања (член 7).

Дигитализација на судските постапки

Eдна од најзначајните реформи што ги воведува новиот Закон за парничната постапка е дигитализацијата на судските постапки и создавањето правна рамка за поширока употреба на електронските средства во комуникацијата помеѓу судовите и странките.

Законот најпрво ја признава електронската форма како рамноправна форма на писмена комуникација, предвидувајќи дека под писмена форма се подразбира и електронски документ создаден согласно закон, при што на електронските документи не може да им се одземе доказната сила само затоа што се во електронска форма (член 13 ставови 2 и 3).

Дополнително, во делот за доставување на судските писмена, Законот воспоставува систем на квалификувана електронска препорачана достава. Согласно членовите 128–130, доставувањето до адвокати, државни органи, единици на локалната самоуправа, правни лица и други субјекти задолжително се врши преку електронска достава на нивната регистрирана електронска адреса. Физичките лица, пак, можат по сопствено барање да изберат судските писмена да им се доставуваат по електронски пат. Законот прецизно го уредува и моментот на уредна електронска достава. Имено, доставата се смета за извршена на денот кога е примена потврдата за прием на доставата. Доколку примателот не ја преземе електронската пратка во рок од осум дена од нејзиното испраќање, доставата се смета за уредно извршена со истекот на тој рок.

Покрај електронската достава, Законот создава правна основа и за користење современи електронски средства во водењето на постапката, вклучително и можноста поединечни процесни дејствија и судски рочишта да се одржат преку електронски средства, кога за тоа се исполнети законските и техничките услови.

Овие решенија имаат потенцијал значително да ги намалат административните трошоци, да ја забрзаат комуникацијата помеѓу судовите, адвокатите и странките, да ја намалат потребата од физичко присуство во судовите и да придонесат кон пократко времетраење на судските постапки. Истовремено, тие претставуваат важен чекор кон модернизација на македонското граѓанско процесно право и негово усогласување со современите европски стандарди.

Претставнички тужби – нов механизам за заштита на колективните права

Една од најзначајните новини во новиот Закон за парничната постапка е воведувањето на посебна постапка за заштита на колективните интереси и права, уредена во членовите 508–516 од Законот. Со овие одредби, се воспоставува посебна процесна рамка за водење претставнички тужби во случаи кога со одредено постапување или пропуштање се повредуваат или сериозно се загрозуваат колективните интереси и права на поголем број лица.

Согласно член 509, ваквите тужби можат да се однесуваат на области како што се заштитата на потрошувачите, спречувањето на дискриминација, заштитата на животната средина, здравствените права, како и други колективни интереси и права заштитени со закон. Законот, во член 511, предвидува овластениот подносител на тужбата да може да бара судот:

  • да утврди дека со определено постапување или пропуштање се повредени или загрозени колективните интереси и права;
  • да му забрани на тужениот натамошно преземање на такви дејствија или користење на одредени договорни одредби или деловна практика;
  • да го задолжи тужениот да ги отстрани штетните последици и, кога е можно, да ја воспостави поранешната состојба; и
  • да наложи објавување на пресудата во медиумите на трошок на тужениот.

Дополнително, Законот предвидува и можност за определување привремени мерки пред или во текот на постапката (член 515), кога постои веројатност дека колективните интереси и права се повредени или сериозно загрозени, а мерката е неопходна за спречување на понатамошна штета. Исто така, член 512 овозможува физичките и правните лица, во посебни постапки за надомест на штета, да се повикаат на правните утврдувања содржани во пресудата донесена по претставничката тужба.
Со воведувањето на овие одредби, македонското процесно право добива современ механизам за заштита на колективните права, кој треба да овозможи поефикасна судска заштита во ситуации кога едно незаконско постапување ги засега интересите на поголем број лица, истовремено придонесувајќи кон усогласување на домашното законодавство со европските стандарди.

На овој начин се овозможува поефикасна судска заштита во ситуации кога поединечното поведување постапки би било економски неоправдано или практично неизводливо. 

Што значи ова во пракса?

За компаниите, новите правила имаат за цел да придонесат кон поефикасно решавање на деловните спорови, поефикасна комуникација со судовите и намалување на административните трошоци преку користење електронски услуги.

За граѓаните, измените имаат за цел да обезбедат побрз пристап до правда, пократко времетраење на постапките и поголема правна сигурност. Доколку реформите бидат доследно имплементирани во практиката, тие можат значително да придонесат кон зголемување на довербата во судскиот систем.

ЗАКЛУЧОК

Новиот Закон за парничната постапка претставува една од најзначајните процесни реформи во последните години. Со постепената дигитализација на постапките, поактивна улога на судот, поедноставени процедури, воведување претставнички тужби и усогласување со европските стандарди, законодавецот настојува да создаде поефикасен, попредвидлив и помодерен систем на граѓанско судство.

Иако практичната примена ќе покаже дали ќе се постигнат очекуваните резултати, неспорно е дека новиот Закон поставува современа процесна рамка која треба да придонесе кон побрзо, поефикасно и подигитализирано граѓанско судство.

КЛУЧНИ ДАТУМИ

Донесен: 03.07.2026 | Во сила: 16.07.2026 | Општа примена: 16.01.2027 | Дигитализација и рочишта на далечина: 16.01.2028

Често поставувани прашања 

Кога е донесен новиот Закон за парничната постапка?

Законот е донесен од Собранието на Република Северна Македонија на 3 јули 2026 година и е објавен во Службен весник на Република Северна Македонија бр. 151 од 8 јули 2026 година.

Кога стапува во сила и кога започнува да се применува Законот?

Согласно член 519, Законот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето, односно на 16 јули 2026 година. Неговата општа примена започнува по истекот на шест месеци од влегувањето во сила, односно на 16 јануари 2027 година.

Сепак, одредбите што се однесуваат на рочишта и изведување докази на далечина, електронски документи, електронска достава, квалификуван електронски потпис и дигитализирани примероци на судски одлуки и записници ќе започнат да се применуваат по истекот на 18 месеци од влегувањето во сила на Законот, односно на 16 јануари 2028 година.

Што значи новиот Закон за веќе започнатите постапки?

Преодниот режим зависи од фазата во која се наоѓа постапката. Согласно член 517, ако до почетокот на примената на новиот Закон е донесена првостепена пресуда или решение со кое постапката пред првостепениот суд се завршува, натамошната постапка ќе се води според досегашниот Закон за парничната постапка.

Доколку по почетокот на примената на новиот Закон таквата првостепена одлука биде укината, натамошната постапка ќе се води според новиот Закон. За предметите во кои до почетокот на примената не е донесена првостепена завршна одлука, ќе се применуваат одредбите на новиот Закон.

Дали Законот овозможува електронска комуникација со судовите?

Да. Законот предвидува електронски документи, електронска достава, квалификуван електронски потпис, дигитализирани судски одлуки и записници, како и можност за одржување рочишта и изведување одделни докази на далечина. Овие одредби ќе започнат да се применуваат по истекот на 18 месеци од влегувањето во сила на Законот.

Што се тужби за заштита на колективните интереси и права?

Со овие тужби овластени здруженија, фондации, установи и други организации, кога тоа овластување им е изречно дадено со закон, можат да бараат судска заштита кога со постапување или пропуштање потешко се повредуваат или сериозно се загрозуваат колективните интереси и права или колективните права на потрошувачите.

Дали новиот Закон ќе ги забрза судските постапки?

Забрзувањето и поефикасното водење на постапките се меѓу основните цели на Законот. Тој предвидува постапување без одолжување, спречување злоупотреба на процесните права, посебни правила за споровите од мала вредност и поширока употреба на дигитални средства. Сепак, практичните резултати ќе зависат од техничката подготвеност на судовите и доследната примена на новите правила.


Ангела Андонова

Контактирајте го авторот тука:

Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.