Обврски на управителите во Северна Македонија: 7 практични ризици од неусогласеност
Повеќето проблеми со усогласеноста со прописите кај компаниите во Северна Македонија не произлегуваат од непознавање на законот. Тие произлегуваат од недостаток на прегледност – обврски кои постојат во различни регулаторни области, но ретко се разгледуваат како целина.
Овој текст ги издвојува седумте ризични акспекти кои најчесто се среќаваат во пракса, како и што управителите треба да имаат воспоставено за нивно соодветно управување.
Доколку сте новоименуван управител, видете повеќе на: Четири најважни работи кои треба да ги имате предвид пред да Ве назначат за управител – практичен водич за почеток.
Ризик 01 – Преголема зависност од надворешни советници
Често управителите претпоставуваат дека со ангажирање на сметководител или консултант, прашањето на усогласеност е затворено.
Во пракса, ова создава сериозна „слепа точка“.
Според македонското право, управителот останува лично одговорен за регулаторната усогласеност на друштвото, без оглед кој ги извршува секојдневните активности.
Неточни пријави, пропуштени рокови или непотполно известување не ја префрлаат одговорноста на советникот.
Во пракса: Дури и мали доцнења со сметководството можат да доведат до глоби или зголемено внимание и надзор од Управата за јавни приходи. Повторувањето на ваквите пропусти се третира како системска неусогласеност – со последици и за управителот лично.
Делегирањето е неопходно, но не ја пренесува правната одговорност.
Ризик 02 – Доцнење со поднесување на годишни сметки
Секое друштво е должно да поднесе годишни сметки во законски утврдениот рок – најчесто до крајот на февруари за претходната година.
И покрај тоа што ова е општо позната обврска, доцнењата се меѓу најчестите пропусти кај новооснованите друштва.
Последиците може да вклучуваат:
- глоби за друштвото и управителот,
- правни и практични ограничувања во функционирањето,
- во одредени случаи – бришење од Трговскиот регистар.
Во пракса: Овие доцнења често резултираат со глоби за управителот. Видете повеќе на: Четири најважни работи кои треба да ги имате предвид пред да Ве назначат за управител.
Ризик 03 – Игнорирање на обврски специфични за дејноста
Покрај општите обврски, најголемиот број компании подлежат на дополнителни регулаторни барања во зависност од нивната дејност. Овие обврски се надгледувани од различни институции и често остануваат надвор од фокусот на управителите.
Примери:
- Трговија и малопродажба → надзор од Пазарната инспекција (услови за работа, усогласеност на производи)
- Сите работодавачи → надзор од Државниот инспекторат за труд (документација, услови за работа).
- Заеми од странство / прекугранично финансирање → обврски за известување кон Народната банка
- Транспорт и логистика → лиценцирање и усогласеност со сообраќајни прописи
- Производство и индустрија → еколошки и обврски за управување со отпад
- Финансиски и финтек услуги → лиценцирање, надзор и AML обврски
- Е-трговија → заштита на потрошувачи и правила за продажба на далечина
Последици:
- насочени инспекции,
- глоби,
- привремени или трајни забрани за вршење на дејноста.
Во пракса: Инспекциите најчесто се активираат токму во дејности со зголемен регулаторен надзор.
Повеќе за Заеми од странство / прекугранично финансирање видете на: Финансирање со заем од странска компанија.
Ризик 04 – Непостоење на интерни акти од областа на работни односи
Голем број компании работат без соодветно усвоени интерни акти, како што се:
- правилници за работни односи,
- систематизација на работни места,
- интерни политики предвидени со закон.
Овој проблем најчесто се појавува:
- при инспекциски надзор,
- при работен спор,
- при отказ на вработен.
Во пракса: Без ваква документација, друштвото нема правна основа за постапување, што го изложува управителот на дополнителни обврски, а не се исклучува ниту личната одговорност. Видете повеќе на: Интерните акти на Работодавачот
Ризик 05 – Недоволна усогласеност со прописите за заштита на лични податоци
Дури и помалите компании обработуваат значителен обем на лични податоци.
Најчести недостатоци:
- непостоење на интерни политики,
- нејасна правна основа за обработка,
- недоволни технички и организациски мерки.
Во пракса: Овие ризици остануваат невидливи сè додека не се активираат преку пријава, контрола или инцидент. Видете ја нашата претходна анализа на ова прашање: New Law on Personal Data Protection in North Macedonia.
Ризик 06 – Потпишување договори без претходна правна проверка
Управителите често склучуваат договори под временски притисок и без правна ревизија.
Ризиците најчесто стануваат видливи дури по настанување на спор.
Типични проблеми:
- автоматско продолжување на договори,
- неограничена одговорност,
- високи казнени одредби,
- неповолна надлежност за решавање спорови.
Во пракса: Трошокот за претходна правна проверка и усогласеност е значително понизок од трошокот за водење на судска постапка.
Ризик 07 – Занемарување на обврски кои произлегуваат од повеќе закони
Обврските на управителот не произлегуваат само од Законот за трговските друштва.
Во пракса, тие произлегуваат и од:
- прописите за спречување перење пари (AML),
- еколошките прописи и управување со отпад,
- сообраќајните прописи,
- обврски за известување кон различни институции.
***
LPLAW анализа
Во пракса, најчестите проблеми не произлегуваат од непознавање на обврските, туку од недостаток на целосен увид во сите применливи регулаторни барања. Периодичната правна и ревизија за усогласеност овозможува навремено идентификување на ризиците и усогласување со законските обврски.

Ведран Лаличиќ
Контактирајте го авторот тука:
Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.