Општи услови кај договорите
(зошто се важни и дали Ви се потребни)
Иако не е законска обврска за Вашиот бизнис да поседува Општи услови и правила, нивното воспоставување значително ја зајакнува Вашата позиција во случај на спор со клиент или деловен партнер. Обезбедувањето на добро дефинирани општи услови воспоставува јасна рамка за Вашата одговорност, што може многу да помогне во ефикасното решавање на правни спорови во Ваша полза. Оваа страница е дел од нашата пракса во областа на деловно право и состав и анализа на договори.
- Што се Општи услови?
Општите услови се предвидени со одредбите на Законот за облигационите односи како договорни одредби кои однесуваат на поголем број договори. Овие одредби се предложени од едната договорна страна (како составувач на Општите услови) на другата договорна страна, било пред или во моментот на склучување на договорот. Овие услови се применуваат и важат без разлика дали се вградени во стандардизирана форма на договор или пак ако самиот договор се повикува на нив. Општите услови ги дополнуваат посебните договори утврдени меѓу договарачите и, по правило, имаат иста обврзувачка сила, како и одредбите кои се содржани во самиот договор.
- Каква содржина треба да имаат Општите услови?
Не постои универзален образец за Општи услови. Ова е од причина што ниту еден бизнис не е ист и нема потреби како Вашите. Затоа, Општите услови треба да се прилагодат за да одговараат на уникатната природа на Вашиот деловен потфат. Генерално, во Општите услови треба да се определат механизмите за ограничување на Вашата одговорност како договорна страна према Вашите содоговарачи. Ова особено се однесува на:
- Начин на плаќање: Детали за условите за плаќање, вклучувајќи ги цените, прифатените начини на плаќање, процедурите за фактурирање, казни за задоцнето плаќање и сите применливи даноци или такси;
- Опсег на услуги / производи: Јасно наведување на услугите или производите што се обезбедуваат, вклучително и какви било ограничувања или исклучувања.
- Обработување и чување на лични податоци: Воспоставување на протоколи за заштита на личните податоци споделени за време на деловниот однос;
- Раскинување и откажување на склучениот договор: Наведување на условите под кои договорот со клиентот / деловниот партнер може да биде раскинат или откажан, вклучително и роковите за известување и сите поврзани парични издатоци;
- Одговорност и обештетување: Дефинирање на степенот на одговорност за секоја страна во случај на спорови, прекршувања или штети;
- Специфични одредби: Вклучете какви било дополнителни клаузули или одредби релевантни за специфичната природа на деловниот однос, како што се гаранции, настани од виша сила, права од интелектуална сопственост и сл.
Оттука, во случај на неочекувани исходи кои можат да произлезат од воспоставениот деловен однос со клиенти или деловни партнери, Општите услови можат значајно да придонесат ограничување на опсегот на Вашата одговорноста за надомест на штети и значително да ги намалат или ограничат Вашите обврски према третите лица.
- Дали Општите услови се автоматски применливи?
Краткиот одговор е НЕ. За да се применат Општите услови потребно е да бидат исполнети два услови:
- Вашиот содоговарач мора да биде информиран за присуството на Вашите Општи услови пред или во моментот на склучување на договорот со Вас.
- Меѓусебниот договор да ја одобрува примената на Општите услови – ова може да се направи со ставање потпис на дното на Општите услови или доколку самиот договор содржи одредба дека Вашиот содоговарач се согласува на примената на општите услови и дека со потпишување на договорот ја прифаќа нивната примена.
- Кои се предностите на Општите услови?
Имањето на Општи услови обезбедува рамка за јасност и доследност во рамките на правните договори. Со добро дефиниран сет на Општи услови, многу е полесно да се утврди дали имало прекршување на договорот и воедно се минимизира потенцијалот за спорови и водењето на долги и скапи судски постапки.
Општите услови даваат јасност за тоа што ќе се случува помеѓу Вас и Вашиот содоговарач во кое било дадено сценарио. Воедно, истите ги поставуваат клучните услови за исполнување на Вашите должности и права како договорна страна.
Оттука, препорачуваме секој бизнис да располага со изготвен сет на Општи услови. Општите услови ќе Ви помогнат да управувате со очекувањата на Вашиот клиент или деловен партнер и притоа да не завршите со разочарани клиенти чиишто очекувањата не биле исполнети.
Практична проверка во 2026 година
Бизнисите треба да проверат: (1) Дали Општите услови се доставени до содоговарачот пред потпишување – без тоа, тие не се применливи. (2) Дали содоговарачот изрично се согласил со нив – потпис или договорна одредба за прифаќање е задолжителна. (3) Дали Општите услови ги содржат одредбите за обработка на лични податоци – законска обврска. За составување на договори и деловна документација, тимот на Лаличиќ и Партнери Ви стои на располагање.
Често поставувани прашања
Дали е задолжително да имам Општини услови?
Не, законот не го предвидува тоа како задолжително. Меѓутоа, Општите услови се силно препорачливи за секој бизнис кој склучува договори со клиенти или деловни партнери, бидејќи ги штитат интересите на компанијата.
Дали Општини услови објавени само на веб-страница се применливи?
Само ако содоговарачот е јасно информиран за нивното постоење и изрично се согласил со нив пред или при склучувањето на договорот. Само objавувањето на веб-страница без изрична согласност не е доволно.
Дали можам да ги менувам Општите услови?
Да, но промените важат само за идни договори, не за веќе склучените. За постоечки договори е потребна согласност на двете страни.

Ангела Андонова
Контактирајте го авторот тука:
Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.