+ 389 2 320 8090 contact@lblaw.com.mk

Важноста На Договорната Казна Во Договорните Односи

Договорната казна претставува правен инструмент на облигационото право кој има за цел да обезбеди дисциплина во извршувањето на договорните обврски, преку однапред утврдување на последиците од нивното неисполнување, задоцнето или неуредно исполнување. Таа овозможува зголемена правна сигурност, бидејќи страните уште при склучување на договорот ги предвидуваат ризиците и финансиските импликации од евентуално повредување на обврските.

Согласно законските одредби, доверителот и должникот можат да се договорат дека должникот ќе му плати определен паричен износ или ќе му обезбеди друга материјална корист на доверителот во случај на неисполнување, задоцнување или неуредно исполнување на обврската. Доколку од договорот не произлегува поинаку, се смета дека договорната казна е предвидена за случај на задоцнување. Притоа, важно ограничување е дека договорна казна не може да се договори за парични обврски.

Во однос на начинот на определување, договорната казна може да биде утврдена на различни начини – како фиксен износ, процентуално, по ден на задоцнување или преку друг соодветен модел, зависно од природата на обврската. Сепак, нејзината валидност е условена со почитување на формата што е пропишана за основниот договор, што значи дека казната мора да биде договорена во истата форма како и обврската што ја обезбедува.

Како акцесорно право, договорната казна е неразделно поврзана со основната обврска. Таа ја дели нејзината правна судбина, што значи дека престанува да важи доколку обврската стане ништовна или престане од други причини. Дополнително, договорната казна нема правно дејство доколку неисполнувањето или задоцнувањето настанале поради околности за кои должникот не одговара.

Правата на доверителот зависат од тоа за кој случај е договорена казната. Доколку е предвидена за неисполнување, доверителот има право да избере помеѓу барање за исполнување на обврската или наплата на договорната казна, но не и двете истовремено. Наспроти тоа, кога казната е договорена за задоцнување или неуредно исполнување, доверителот може да бара и исполнување на обврската и исплата на договорната казна. Притоа, доколку доверителот го прифати исполнувањето без одлагање и без да го задржи правото на казна, го губи правото да ја бара истата.

Иако договорната казна е резултат на автономијата на волјата на страните, законот предвидува можност за судска интервенција. Имено, судот може, по барање на должникот, да го намали износот на договорната казна доколку утврди дека таа е несразмерно висока во однос на вредноста и значењето на обврската.

Во однос на врската со надоместот на штета, договорната казна не ја исклучува можноста доверителот да бара штета. Тој има право да ја бара договорната казна без оглед на тоа дали претрпел штета и без оглед на нејзината висина. Доколку, пак, штетата ја надминува договорната казна, доверителот има право да ја бара разликата до целосен надомест.

Конечно, кога со закон е предвиден посебен надомест (пенал или слично) за неисполнување или задоцнување, а страните дополнително договориле и договорна казна, доверителот нема право да ги бара двата надоместоци истовремено, освен ако тоа изречно е дозволено со закон.

Оттука, договорната казна претставува значаен механизам за обезбедување на договорната дисциплина, но нејзината примена секогаш треба да биде во рамки на принципите на совесност, правичност и пропорционалност.

Ангела Андонова

Контактирајте го авторот тука:

Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.