+ 389 2 320 8090 contact@lblaw.com.mk

Правното значење на наследоправните договори и нивната улога во превенирање на спорови околу поделбата на наследството

Планирање на располагањето со сопствениот имот, односно поделба на имотот за во случај смрт, може да биде значаен предизвик со кој би се соочиле доколку сакате да се осигурате дека Вашата волја ќе биде испочитувана, како и дека би превенирале потенцијални спорови околку поделбата на наследството.

Сепак, остварувањето на волјата во поглед на судбината на имотот, не е само прашање на исполнување на план и желба да се пренесе правото на сопственост, туку истовремено подразбира и предизвикување на определени правни дејствија врз правата на законските, односно нужните наследници, како и на останатите учесници вклучени во процесот.

Во Македонската регулатива, поконкретно согласно Законот за облигационите односи, граѓаните имаат право да склучуваат договори за распределба на имот, формално на хартија уште за време на живот. Станува збор за Договорот за отстапување на имот за време на живот и Договорот за доживотна издршка. Со доследна примена и почитување на законски предвидените услови и форма и вклучување на неопходните страни, овие договори можат да бидат ефикасен правен инструмент, но и практично решение за располагање со имотот. Од овие причини, во продолжение ги презентираме нивните најбитни каракатеристики и правни ефекти:

  • Договор за отстапување на имот за време на живот

Имено, овој Договор е особено значаен бидејќи примарен ефект кој настапува врз основа на истиот е тоа што наследниците на отстапувачот на имот уште за време на неговиот живот го добиваат своето наследство. Со ваквото располагање со имотот, отстапувачот на имот има можност да ја реализира својата волја уште додека е жив. Притоа, може да го отстапи целиот свој имот или само еден дел од имотот кој е во негова сопственост во моментот на склучување на Договорот.

Она што прави овој Договор да биде специфичен по својата правна природа е тоа што како договорна страна можат да се јават само точно определени субјекти, а тоа се сопственикот на имотот и неговите деца, односно нивни потмоци врз основа на правото на претставување. Отстапувачот може да го опфати и неговиот брачен другар, за што е потребна неговата согласност. Воедно, со ваквиот договор исклучиво може да бидат опфатен само имотот кој отстапителот го имал во моментот на неговото склучување. Притоа, отстапителот може за себе, за својот брачен другар или за некое други лице да го задржи правото на плодоуживање на отстапените добра, а може дури и да договори доживотна издршка или некој друг надоместок.

Од правен аспект, станува збор за строго формално правно дело, кое за да биде полнооважно, потребно е за тоа да се согласат сите потомци на отстапителот и неговиот брачен другар, доколку и тој е опфатен, а кои според закон ќе бидат повикани да ја наследат неговата оставина.

Наследноправното дејство на Договорот за отстапување на имот за време на живот се состои во тоа што кога отстапителот ќе умре, имотот со кој што располагал по овој основ во корист на неговите потомци, не влегува во рамките на неговата оставина. Притоа, потомците на кои отстапителот им го разделил својот имот не одговараат за неговите обврски, освен ако нешто друго не било предвидено со договорот.

  • Договор за доживотна издршка

Договорот за доживотна издршка претставува договор со кој давателот на издршката се обврзува да го издржува доживотно примателот на издршката или некое трето лице, а примателот на издршката во надомест му го остава целиот свој имот или определен дел од имотот, чие предавање е одложено се до неговата смрт.

Станува збор за двострано обврзувачки договор од кој произлегуваат права и обврски за двете страни. Како примател на издршката може да се јави исклучиво физичко лице кое е деловно способно при склучување на договорот. Од друга страна, обврските на давателот на издршката настануваат за време на животот на примателот, додека правата врз имотот кој е предмет на договорот, давателот ги стекнува дури во моментот на смртта на примателот на издршката. Поради тоа, овој договор има карактер на товарен договор, бидејќи секоја страна дава определена противвредност за она што го добива. Во пракса, вистинската цел за склучување на овој договор во голем број случаи не е издржување на стари, изнемоштени лица кои останале сами, туку можност примателот да располага со својот имот по сопствена волја и уште за време на живот да определи лице кое ќе го „наследи“ неговиот имот. Според тоа, многу често овој договор функционира како средство за имотно обезбедување на давателот на издршката.

Наследноправното дејство на договорот за доживотна издршка се состои во тоа што, доколку оставителот за време на животот располага со својот имот преку склучување на ваков договор, по неговата смрт, единствено давателот на издршката стекнува право врз имотот опфатен со договорот. Оттука, доколку договорот за доживотна издршка го опфаќа целиот имот во сопственост на оставителот, по неговата смрт истиот не влегува во оставинската маса, односно не би постоел имот за кој би се водела оставинска постапка. Иако договорот за доживотна издршка не е предвиден како инструмент кој треба да го склучуваат законските наследници, кои според Законот за наследување имаат право на наследување согласно законските наследни редови, во практиката многу често овие договори се склучуваат токму со законски наследници во својство на даватели на издршката.

***

Дали овој тип договори навистина може да придонесе во спречување на евентуални спорови помеѓу законските наследници и другите лица кои имаат право на дел од оставината согласно Законот за наследување, останува отворено прашање. Иако од теоретски аспект нивната примена не се смета за особено популарна, во практика ваквите договори се користат многу често. Станува збор за законски предвидени правни дела кои, доколку се применат во согласност со законските услови и ограничувања, можат да имаат значајно правно дејство и релевантна улога при одлучување за располагањето со имотот за време на животот.

Иако овие договори се вредна алатка за лицето кое сака да ги уреди своите имотноправни односи, кон нив треба да се пристапи внимателно, како би можеле да го произведат правно дејство предвидено со закон. Секако, со нивна правилна примена, можат да бидат корисен инструмент при уредување на имотноправните прашања.

Ивана Илиеска

Контактирајте го авторот тука:

Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.