Имот по развод на брак
#ПравниОдговори: На кого му припаѓа имотот по развод на брак?
Поделбата на имотот е едно од најделикатните правни прашања во процесот на развод на брак. Дали двајцата брачни другари ќе се договорат спогодбено или ќе одлучува суд, често зависи од видот и времето на стекнување на имотот. Оваа страница е дел од нашата пракса од развод на брак.
Никој не сака да размислува за развод кога стапува во брак. Факт е дека разводите се комплицирана ситуација, која носи многу промени во животот на брачните другари, особено во однос на заедничките деца, имотот и средствата. По разводот, брачните другари можат со заедничка спогодба да го поделат имотот кој го стекнале за време на бракот. Меѓутоа во услови кога поранешните брачни другари не можат да се спогодат, делбата на заедничкиот имот станува сериозен правен проблем за чие разрешување одлучува суд.
Во прилог на овој текст, Ви презентираме неколку значајни фактори кои се одлучувачки во случај на судска постапка за делба на имот стекнат за време на брак:
1. Време и начин кога е стекнат имотот
Главниот фактор при одлучување на кого ќе му припадне имотот е всушност статусот на имотот. Имено, брачните другари можат да бидат сопственици на заеднички и посебен имот. За посебен имот на брачниот другар се смета имотот кој е стекнат пред склучувањето на бракот, како и имотот кој е стекнат за време на бракот врз основа на наследство, легат и подарок.
Доколку брачниот другар го стекнал имотот по овие основи, другиот брачен другар нема право на сопственост на ваквиот имот.
Товарот на докажување лежи на страната на оној брачен другар кој пред судот истакнува вакво тврдење, па од овие причини истиот мора да презентира докази за да го докажете тврдењето без разумно сомневање.
Брачниот другар кој нема право на сопственост на посебниот имот, може да добие финансиска компензација ако судот утврди дека истиот имал финансиски или личен придонес за неговото подобрување (пр. реновирање, доградби, наградби), плаќања на хипотека, плаќање на даноци и сл.
Ако имотот не е стекнат пред склучувањето на бракот, односно не е стекнат за време на бракот врз основа на наследство, легат или подарок, станува збор за заеднички имот кој му припаѓа во сопственост и на двајцата брачни другари. Без оглед што имотот е запишан во имотниот лист само на име на едниот брачен другар, се претпоставува дека уписот е извршен на име на двајцата брачни другари. Повеќе за поделбата на недвижност во овој врска во нашиот оддел за недвижности и градежништво.
Практични чекори, документација и рокови
Постапката за делба на имот може да се води спогодбено, со склучување на спогодба во форма на нотарски акти или судски, одделна постапка постапка од постапката за развод на брак. Потребна документација вклучува документи за имотот, докази за неговото стекнување (на пр. договор за купопродажба), доказ за евентуален придонес во подобрувањето или одржувањето на имотот. Судската постапка може да трае повеќе години доколку прашањата на сопственост се спорни. Стручната правна помош е потребна доколку имотот е значаен, за да се обезбедат доказите и да се избегнат трошоци кои можат да настанат поради непотполна документација.
Често поставувани прашања
Дали имотот запишан само на мое име автоматски мене ми припаѓа?
Не. Законот претпоставува дека имотот стекнат за време на бракот им припаѓа и на двајцата брачни другари, без оглед на тоа на чие име е запишан. Имотот запишан само на едно име не претставува доказ за исклучива сопственост.
Можеме ли да се договориме за поделбата без суд?
Да. Спогодбената поделба е можна и значително поефикасн. Меѓутоа, спогодбата за делба на имот мора да биде составена во форма на нотарски акт за да произведе полно правно дејство.
Дали може да се бара делба на имот додека да не е извршен развод?
Да. Постапката за делба на имот стекнат во брак може да се поведе пред надлежен суд независно од тоа дали е во тек бракоразводна постапка или не.
Потребна ви е правна насока?
Доколку се соочувате со прашања за имот по развод или сакате да ги заштитите вашите права, тимот на Лаличиќ и Партнери е на располагање за правна насока. Контактирајте не преку нашата веб-страница.

Ангела Андонова
Контактирајте го авторот тука:
Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.
Канцеларија
Ул. Македонија бр. 26/1-5,
Скопје – Центар
Контакт
contact@lblaw.com.mk
+ 389 2 609 0218
Lalicic & Boskoski Law Firm
str. Makedonija no. 11/1-5