Конечно слободен пристап до работа за државјаните на Македонија, Србија и Албанија преку „ОТВОРЕН БАЛКАН“
На 13.02.2023 година, Собранието на Република Северна Македонија ги ратификуваше Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан и Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан, склучени во Тирана на 21.12.2021 година, помеѓу овластените претставници на Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија. Со овие договори, државите потписнички конечно започнаа со имплеменација на иницијативата „Отворен Балкан“ и со реализација на една од основните цели – слободно движење, работа и престој на работниците во овие држави.
Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан, предвидува гаранција за граѓаните на договорните страни на еднаков пристап до пазарот на трудот кај државата во која имаат намера да засноваат работен однос.
Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан, ја утврдува постапката и начинот на кој граѓаните на државите потписнички ќе им овозможат на своите граѓани да се стекнат со таканаречениот „Отворен балкан број за идентификација“, кој пак ќе им овозможи на заинтересираните лица слободен пристап до пазарот на трудот и престој во останатите држави потписнички.
Заради остварување на правото на слободен пристап до пазарот на трудот во државата од интерес, како и престој во таа држава, заинтересираните странски државјани потребно е да извршат онлајн регистрација на соодветната онлајн електронска платформа во својата држава (е-влада / е-управа и слично), како би се стекнале со „Отворен балкан број за идентификација“. Оваа регистрација може да се изврши пред влез во државата во која ќе се конкурира на пазарот на труд или во рок од 90 дена од влезот во државата.
Успешното стекнување на „Отворен балкан број за идентификација“ ќе му овозможи на работникот престој дури до 2 години од денот на неговото стекнување, со можност за повторна регистрација / обновување. Притоа, во процесот на слободен пристап до пазарот за труд, за државјаните на овие држави повеќе нема да бидат потребни никакви дозволи за престој по основ на работа („работни дозволи“), ниту пак дополнителни финансиски издатоци и надоместоци за регулирање на престој.
Условите за престој во државата во која ќе се пристапува до пазарот на труд се следните: (1) документот за идентификација да е со важност од најмалку 90 дена; (2) да не постои забрана за престој во другата држава, како и (3) лицето да не претставува закана за безбедноста и националните интереси на таа држава.
Задолжително треба да се има предвид дека одобрението за престој и пристап до пазарот на труд може да престане доколку дополнително биде утврдено дека истото е издадено врз основа на лажни информации или претставените околности за вработувањето повеќе не постојат.
Треба да се напомене дека овие олеснувања нема да важат за лицата кои ги посетуваат овие држави заради туристички или други цели, ниту пак за лицата кои имаат намера да аплицираат за постојан престој во овие држави. За овие лица, прописите од домашното законодавство од односната материја ќе се применуваат, како и пред ратификацијата на овие меѓународни договори.

Ведран Лаличиќ
Контактирајте го авторот тука:
Контактирајте не за консултација во однос на престој по однос на работа
Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.

Канцеларија
Ул. Македонија бр. 26/1-5,
Скопје – Центар
Контакт
contact@lblaw.com.mk
+ 389 2 609 0218
Lalicic & Boskoski Law Firm
str. Makedonija no. 11/1-5