+ 389 2 609 0218 contact@lblaw.com.mk

Имплементација на новата национална класификација на дејности НКД Рев. 2.1

Националната класификација на дејностите (НКД) е задолжителен стандард во Република Северна Македонија, целосно усогласен со европскиот стандард NACE (Nomenclature statistique des Activités économiques dans la Communauté Européenne). Оваа класификација игра клучна улога во дефинирањето и организирањето на економските активности на деловните субјекти и нивните организациски единици. НКД претставува основа за создавање официјални и административни бази на податоци, како и за статистички и аналитички цели на национално и меѓународно ниво.

На 1 јануари 2025 година ќе започне примената на новата верзија на НКД, Рев. 2.1, која е целосно усогласена со европската класификација NACE Рев. 2.1. Владата на Република Северна Македонија ја усвои оваа ревизија на 6 февруари 2024 година, а истата беше објавена во Службен весник на РСМ бр. 35 од 14 февруари 2024 година.

Иако основните карактеристики на НКД остануваат непроменети, направени се значајни измени во нејзината структура, критериумите за конструкција и објаснувањата, со цел да се овозможи појасно и поедноставно користење.

НКД Рев.2.1 е составена од пет хиерархиски нивоа кои се означени на следниот начин:

  • сектор – се означува со две букви
  • оддел – се означува со двоцифрена шифра
  • група – се означува со трицифрена шифра
  • класа – се означува со четирицифрена шифра
  • поткласа – се означува со петцифрена шифра

За разлика од НКД Рев.2 во која најниско ниво беше класа (четирицифрена шифра), во НКД Рев.2.1 најниско ниво е поткласа (петцифрена шифра). Поткласата е воведено ниво за национални потреби.

 

Последната ревизија на НКД има за цел:

  • Да ги одрази структурните промени во економијата,
  • Да овозможи подобра споредливост на податоците меѓу различни земји и региони,
  • Да ја олесни интеграцијата на статистичките и аналитичките податоци во глобалните економски системи.

На следниот линк можете да најдете корисни информации, вклучително и коресподентна табела со споредба меѓу старите и новите шифри на дејност (споредба на односите меѓу шифрите од НКД Рев 2 и НКД Рев 2.1): https://www.stat.gov.mk/Nacionalni_Klasifikacii2.aspx?rbr=1

Ажурирањето на шифрите на дејност е особено важно за компании чии лиценци за вршење на дејност се поврзани со конкретни шифри одредени од надлежни регулаторни тела. Навремено информирање и замена на старите шифри во новите е неопходно, особено во пресрет на поднесувањето на годишните сметки за 2024 година.

Затоа, сите засегнати страни треба да преземат соодветни мерки за прилагодување кон новата класификација, со цел да се избегнат евентуални несогласувања или административни пречки.

Ангела Андонова

Контактирајте го авторот тука:

Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.