Трговската марка во Македонија: клуч за компетитивност и препознатливост на фирмите
Во светот на современото бизнис работење, трговските марки се клучни алатки за постигнување конкурентност и препознатливост. Но, што всушност претставува трговската марка и зошто е толку важна?
Што е трговска марка?
Од правен аспект, трговската марка претставува право од индустриска сопственост кое се стекнува согласно законски предвидена процедура. Согласно Законот, со трговска марка се штити знак кој може графички да се прикаже и кој е подобен за разликување на стоките или услугите на еден учесник во прометот од стоките или услугите на друг учесник во прометот. Исто така, со трговска марка се штитат знаци подобни за разликување, како што се: зборови, букви, бројки, слики, цртежи, комбинации на бои, тродимензионални форми, вклучително и форми на стоките или нивните пакувања, како и комбинациите на сите напред наведени знаци.
Меѓутоа, трговската марка може да се дефинира и како средство за давање на идентитет и личност на производот. Исто така, трговската марка игра голема улога во персонификацијата на производите, правејќи ги препознатливи и доверливи за потрошувачите. Во ера на голема пазарна конкуренција, трговската марка станува средство преку кое купувачите можат да се осигураат во квалитетот и автентичноста на производот.
Законска заштита на трговската марка во Македонија
Во Македонија, заштитата на трговските марки е регулирана преку Законот за индустриска сопственост. Овој закон ја определува заштитата на трговските марки и овозможува регистрација од страна на домашни и странски правни и физички лица.
Улогата на трговската марка во Македонија
Трговската марка не само што ја одредува идентификацијата на производот, туку и игра клучна улога во неговото позиционирање на пазарот. Така, трговската марка им помага на купувачите да го проценат квалитетот на производот, базирајќи ја својата процена на репутацијата на самата марка. Затоа, одржувањето на релевантноста и веродостојноста на трговската марка е од исклучителна важност за успехот на секоја фирма.
Финансиските аспекти на трговската марка
Вложувањата во маркетинг при користење на трговската марка можат да бидат огромни и компанијата која ја поседува ваквата трговска марка може да вложи огромни финансиски средства. Трошоците за оваа активност може да бидат високи, но истовремено и многу исплатливи доколку трговската марка успее да се етаблира на пазарот.
Така, пример за долготрајна успешна трговска марка е Coca-Cola, која постои веќе повеќе од 120 години. Интересно е и дека топ три најстари трговски марки во светот се Bass, Lowenbrau, и Stella Artois. Bass триаголникот беше првата регистрирана трговска марка во Велика Британија во 1875 година. Lowenbrau го користи својот бренд од 1383 година, додека Stella Artois својот бренд го користи од 1366 година. Тековната вредност на овие марки варира, но нивната историска важност е непроценлива
Имотниот карактер на трговската марка
Трговската марка има значајно место во имотното портфолио на секоја фирма. Според многу, таа претставува форма на корпоративна интелектуална сопственост. Денес, се забележува тренд на давање имотен карактер на трговските марки, што значи дека тие се гледаат како значајни имотни вредности.
Вредноста на една трговската марка
Топ три највредни трговски марки во светот во 2024 година се Apple, Microsoft и Google. Apple го држи првото место со вредност од околу 516,6 милијарди долари, благодарение на диверзификацијата и силната препознатливост. Microsoft е на второ место со вредност од 340,4 милијарди долари, поддржана од инвестициите во вештачка интелигенција и облак-компјутинг. Google е трета со вредност од 333,4 милијарди долари, заснована на доминацијата во дигиталното рекламирање и напредокот во вештачката интелигенција. Овие брендови се водечки благодарение на континуираната иновација, диверзификација и силната лојалност на потрошувачите.
Трговската марка е клучна алатка за постигнување конкурентност и препознатливост на фирмите. Нејзиното правилно одржување и заштита се од суштинско значење за успехот на секоја компанија. Во македонскиот правен систем, трговските марки се регулирани и заштитени, овозможувајќи на фирмите да создаваат и одржуваат силни и препознатливи брендови.
Прочитајте повеќе во однос на трговската марка во Македонија на веб страната на Државниот завод за индустриска сопственост

Мартин Бошкоски
Контактирајте го авторот тука:
Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.