+ 389 2 320 8090 contact@lblaw.com.mk

Наплата на долг во Македонија најдобар пристап, законска рамка и искуства

Секоја компанија која работи во Македонското стопанство, веројатно е дека се соочила со предизвикот да ги наплати своите побарувања во определен период на своето работење. Во услови кога постојат различни економски услови кои во периоди се неповолни, може да се очекува дека ликвидноста и наплатата е предизвик за македонските правни субјекти. Оваа страница е дел од нашата пракса во областа на наплата на долг.

Сепак, постојат определени принципи за кои сметаме дека можат да се применуваат, со цел ваквите ситуации да се избегнат или амортизираат.

Важноста на брзата реакција

Кога должниците не ги исполнуваат своите финансиски обврски, препорачливо е веднаш да се преземат соодветни мерки за да се избегнат понатамошни компликации. Брзата реакција е клучна за минимизирање на ризикот од наталожување на долгови кои можат да ја загрозат финансиската стабилност на доверителот.

Според Комерцијалната агенција за собирање долгови (CCAA), веројатноста за наплата на задоцнети сметки значително се намалува: по 3 месеци, веројатноста паѓа на 73%, по 6 месеци на 57%, а по 12 месеци на само 29%. Така, произлегува дека брзаата реакција при наплата помага во одржување на паричниот тек, ги намалува трошоците поврзани со продолжените напори за наплата и ги зачувува деловните односи.

Опомена и потсетување

Писмена Опомена

Писмена опомена пред тужба не е задолжителен законски чекор кој мора да го превземе доверителот при наплата на побарувањето. Меѓутоа, ваквата опомена доколку е пратена брзо и навремено, може често да помогне со наплатата и да се избегне судска постапка.

Телефонско јавување или е-пошта

Покрај писмените опомени, телефонските јавувања и е-поштата се дополнителни средства кои можат да се користат за потсетување на должниците за нивните обврски. Овие методи овозможуваат директна комуникација и потенцијално побрзо решавање на проблемите.

Наплата на долг по фактура

Доколку побарувањето произлегува од фактура, согласно Законот за нотаријат наплатата се врши преку нотар преку доставување на предлог за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа. Овој предлог го поднесува доверителот на кого долгот по фактура или друга веродостојна испава не му е исплатен, до до нотарот на чие подрачје е живеалиштето, односно престојувалиштето на должникот-физичко лице, односно седиштето на должникот-правно лице.

Ако нотарот оцени дека предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа е допуштен и основан, ќе донесе решение со кое го усвојува предложениот платен налог. Решението за издавање на нотарски платен налог се доставува до доверителот или адвокатот како полномошник на доверителот и до должникот. На должникот со решението му се доставува и примерок од предлогот за издавање на нотарски платен налог заедно со прилозите.

Нотарот не смее и не навлегува во содржината на веродостојната исправа (фактура), согласно на тоа, доколку предлогот е уреден, истиот ќе донесе вакво решение кое го доставува до должникот и тој има 8 дена за приговор од денот на приемот на истото. Во случај на приговор, постапката продолжува пред суд, а во случај да не е приговарано, тогаш нотарот го потврдува ваквото решение со клаузули за правосилност и извршност, по што доверителот може да ја продолжи постапката пред надлежен извршител.

***

Во постапката за наплата секој доверител треба да го има предвид времето на реагирање. Статистички, заостанатите долгови од временски аспект потешко се наплаќаат затоа што должникот кој не реагирал навреме, има уште помали шанси да реагира по истек на неколку години. Дополнително на ова, доколку долгот заостане, постои и можноста истиот да застари во зависност од видот на долгот и основот.

Вонсудскиот обид за наплата е често успешен доколку биде превземен навремено и професионално. Од друга страна, преоптовареноста на судовите е дополнителен мотив за доверителите да пристапат кон вонсудска наплата наместо да се отпочне со формална постапка како прв чекор.

Практична проверка во 2026 година

Доверителите треба да проверат: (1) Дали побарувањето е застарено – за трговски договори рокот е 3 години. (2) Дали е испратена писмена опомена – иако не е задолжителна. (3) Дали постои веродостојна исправа  – без неа нотарскиот платен налог не е pravna opcija. За повеќе информации за застареност на побарувањата и роковите кои се применуваат, видете ја нашата посебна страница.

Често поставувани прашања

Каков е најбрзиот начин за наплата на долг по фактура?

Нотарскиот платен налог врз основа на фактура е најбрзата опција — ако должникот не поднесе приговор во 8 дена, решението станува извршно и може директно да се пристапи кон извршна постапка.

Дали морам да испратам опомена пред да поведам постапка?

Не, писмената опомена не е задолжителна по закон. Меѓутоа, таа е препорачлива бидејќи честопати води до вонсудска наплата и ги намалува трошоците за двете страни.

Дали побарувањето може да застари во текот на наплатата?

Да, ако не преземате никакви правни чекори. Поднесување тужба / нотарски платен налог или вонсудска спогодба го прекинуваат течењето на застареноста.

Потребна ви е правна насока?

Доколку имате прашања за наплата на долг или за правните механизми на присилна наплата, тимот на Лаличиќ и Партнери Ви стои на располагање. Контактирајте не преку нашата веб-страница.

 

 

Ведран Лаличиќ

Контактирајте го авторот тука:

Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.