+ 389 2 320 8090 contact@lblaw.com.mk

Што треба да направите при повреда на работник на работа

Повредата на работник на работното место ги активира обврските на работодавачот кои произлегуваат од повеќе прописи и тоа: Законот за безбедност и здравје при работа, Законот за работните односи и Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Оваа страница е дел од нашата пракса од областа на работни односи.

 

Во современата работна средина, безбедноста и здравјето на вработените e од исклучително значење. Работодавачите се соочуваат со значителни обврски за да ги заштитат своите вработени од професионални ризици и да обезбедат адекватни услови за работа. Нормативните рамки, како Законот за пензиско и инвалидско осигурување и Законот за безбедност и здравје при работа и Законот за работните односи, предвидуваат јасни дефиниции и процедури за постапување во случај на повреда на работник при работа.

 

Што се смета за повреда на работник при работа?

Според Член 39 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, повреда при работа е онаа која настанува како резултат на непосредно и краткотрајно механичко, физичко или хемиско дејство, промени во положбата на телото, или други промени кои влијаат на физиолошката состојба на организмот, доколку е директно поврзана со извршувањето на работни задачи. Таква повреда може да се смета и заболувањето настанато како исклучителна последица на несреќен случај или виша сила во текот на работата.

 

Односно, согласно законот пропишано е дека: Како повреда при работа, во смисла на овој закон, се смета повредата на осигуреникот причинета со непосредно и краткотрајно механичко, физичко или хемиско дејство, како и повредата причинета со нагли промени на положбата на телото, ненадејно оптоварување на телото или со други промени на физиолошката состојба на организмот, ако таквата повреда причински е врзана со вршењето на работите на работното место.

 

Како повреда при работа се смета и повредата причинета на еден од погоре наведените начини, при што осигуреникот ќе ја претрпи на редовниот пат од станот до местото на работата или обратно, на патот преземен заради извршување на работни задачи и на патот преземен заради стапување на работа, доаѓање на работа од одмор или отсуство прекинати по налог на работодавачот, како и користење право на професионална рехабилитација.

 

Исто така, како повреда при работа се смета и заболувањето на осигуреникот што настанало непосредно и како исклучителна последица на некој несреќен случај или виша сила за време на вршењето на работата или во врска со неа.

 

Обврските на работодавачот за обезбедување безбедни услови за работа

Член 5 од Законот за безбедност и здравје при работа задава обврска на работодавачот да обезбеди безбедност и здравје при работа за своите вработени. Во рамките на неговите обврски спаѓаат преземањето на мерки за заштита од професионални ризици, обезбедување информации, обука и соодветна организација. Работодавачот е должен да избира работни методи кои ќе го подобрат нивото на безбедност и здравје при работа.

 

Обврската за обезбедување прва помош и известување при повреда на работник при работа

Согласно член 24 од Законот за безбедност и здравје при работа, во случај на повреда на работникот, работодавачот е должен веднаш, а најдоцна во рок од 48 часа по настанот, писмено да го извести органот на државната управа надлежен за работите на инспекција на трудот и претседателот на синдикалната организација. Пропуштањето на оваа обврска може да доведе до изрекување на парична казна.

 

Што да проверите во 2026 година — практична насока

При повреда на работник, работодавачот мора итно, на почетокот да постапува според неколку приоритети: (1) обезбедување прва медицинска помош; (2) писмено известување на Инспекторатот за труд и на синдикатот во рок од 48 часа; (3) изготвување извештај за повредата и сите релевантни околностите. Работникот од има право на надомест на плата за време на отсуство поради повредата, што го остварува преку Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а не преку побарување за обештетување кое е директно насочено према работодавачот. 

 

Често поставувани прашања

Во кој рок работодавачот мора да го извести Инспекторатот за труд?

Согласно член 24 од Законот за безбедност и здравје при работа, рокот е 48 часа од настанот на повредата. Пропуштањето на оваа обврска имлицира со парични казни.

 

Дали работникот има право на надомест за време на боледување поради повредата?

Да. Работникот има право на надомест на плата за време на отсуство поради повреда при работа. 

 

Дали повредата на пат до работа се смета за повреда при работа?

Да, доколку повредата се случила на вообичаениот пат до или од работното место. Меѓутоа, истото мора да биде вистинито и да се докаже преку сведоци, евиденција за времето на повредата и дека патот бил поврзан со пристигнување или заминување од работното место.

 

Потребна ви е правна насока?

Доколку сте во постапка поврзана со повреда на работник или сакате да ги знаете вашите права и обврски, тимот на Лаличиќ и Партнери е на располагање за правна насока. Контактирајте не преку нашата веб-страница.


Мартин Бошкоски

Контактирајте го авторот тука:

Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.