#ПравниОдговори: Користење на годишен одмор
Правото на годишен одмор е уредено со Законот за работните односи (ЗРО) — работникот го стекнува по шест месеци непрекината работа и се стекнува со најмалку 20 работни дена во текот на годината. Оваа страница е дел од нашата пракса во областа на работни односи и дава практични одговори на четири најчесто поставувани прашања: кога може да го користите одморот, кога работодавачот може да одбие, кога се исплаќа неискористениот одмор, и колку дена мора да се дадат последователно. За поврзани теми видете и на: регрес за годишен одмор и прекувремна работа.
Годишниот одмор е битен елемент во работниот однос и законското постапување и регулирање на ова прашање е од огромно значење за работниците.
Всушност, многу работници ја губат мотивацијата за допринос кон работата и работните обврски токму заради нефер или незаконската политика на работодавачот.
Меѓутоа, потребно е и работниците да се запознати со своето право со цел да не очекуваат повеќе од тоа што го дава законот како можност.
Од овие причини, одлучивме да дадеме осврт на неколку побитни прашања поврзани со годишниот одмор во смисла на Законот за работнтие односи.
- Кога можам да користам годишен одмор?
Откако работникот се стекнува со правото на користење на годишен одмор по непрекината работа од шест месеци, годишниот одмор може да го користи во календарската година која го стекнал тоа право, односно од 01.01 до 31.12 во дадената година.
Како што знаеме работникот се стекнува со 20 (дваесет) дена годишен одмор и доколку тие денови не ги искористи заклучно со 31.12, истите може да ги искористи најдоцна до 30.06 наредната година.
- Дали работодавачот е должен да ми овозможи користење на годишен одмор во периодот кога јас тоа го барам?
Работодавачот е должен да најде начин и да ги даде потребните денови на годишен одмор во обем пропишан согласно закон и најдоцна до 30.06 наредната година.
Меѓутоа, работодавачот нема должност да го адаптира работниот процес согласно барањето за користење на годишен одмор на работниците. Односно, при определување кој период ќе биде користен годишниот одмор, примарно е да се земат предвид потребите на работниот процес на работодавачот. Законот напоменува и дека во предвид се земаат и можностите за одмор и рекреација на работникот водејќи сметка за неговите семејни обврски но сметаме дека работодавачот има право да го одбие користењето на годишен одмор во определен период за определен работник, доколку работниот процес би се загрозил.
Треба да се има предвид дека годишниот одмор се користи единствено откако ќе биде донесено писмено решение за годишен одмор и додека вакво решение не е донесено, треба да се смета дека годишниот одмор не е одобрен и работникот е должен да се јавува на работа. Согласно на ова, уште еднаш индиректно се упатува на позицијата на работодавачот да одлучува дали за конкретен работник ќе биде доделен годишен одмор во определен период.
Од друга страна, за краток дел од годишниот одмор се дава право на работникот да го користи во денови кога сам ќе определи – меѓутоа ова се однесува само на два дена од годишниот одмор и само доколку посериозно не го загрозува работниот процес.
Согласно на ова, логичен е заклучокот дека определување на периодот кога се користи годишниот одмор е право на работодавачот кое го одлучува врз основа на барањата на работниците.
- Дали треба да се исплати неискористениот годишен одмор?
За да биде исплатен годишниот одмор кој не е искористен, потребно е да се исполнат следните елементи:
- Работниот однос да е во фаза на престанок (да тече отказен рок);
- Да е претходно побарано користење на годишен одмор од страна на работникот, кое е препорачливо да е побарано со писмен допис (вклучувајќи и емаил);
- Таквото барање да е одбиено;
- Работниот однос да престанува не по вина (член 81 или член 82 од ЗРО) или волја на работникот (барање за отказ од работник)
Дококолку овие елементи не се исполнети, не постои основ за да се исплати неикскористениот годишен одмор од работодавачот кон работникот.
- Како се користи годишниот одмор од аспект на број на денови?
Согласно Законот, годишниот одмор може да се користи во повеќе делови, во договор со работодавачот.
Сепак, битно е да се напомене дека еден дел од годишниот одмор мора да трае најмалку две непрекинати работни недели.
Така, во текот на една календарска година, работодавачот мора да обезбеди најмалку 12 работни дена годишен одмор, а остатокот работникот може да го користи до 30 јуни идната година. Напоменуваме дека празниците, саботите и неделите и слободните денови, отсуствата поради боледување и други случаи на оправдано отсуство не се пресметуваат во деновите на платен годишен одмор.
Годишен одмор во 2026 – на што да внимавате
Прописите за годишен одмор не се изменети во 2026 година, но Државниот инспекторат за труд во доменот на својата активност спроведува инспекциски надзор во однос на документирањето и спроведување на законот. Работодавачите и работниците треба да проверат:
- Дали решението за годишен одмор е издадено писмено пред почетокот на одморот — отсуство на решение се смета за прекршок.
- Дали барањата за неискористен одмор се поднесени писмено и навремно — тоа е услов за исплата при престанок на работниот однос.
- Дали е издадено писмено одбивање на барањето за одмор, доколку такво одбивање постои — без одбивање нема основ за исплата.
Потребна ви е правна насока?
Доколку сте во постапка поврзана со повреда на работник или сакате да ги знаете вашите права и обврски, тимот на Лаличиќ и Партнери е на располагање за правна насока. Контактирајте не преку нашата веб-страница.

Ведран Лаличиќ
Контактирајте го авторот тука:
Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.