+ 389 2 320 8090 contact@lblaw.com.mk

Право на стекнување на државјанство врз основа на брак со Македонец/ка

Странски државјанин во брак со македонски државјанин може да поднесе барање за стекнување на македонско државјанство по пат на натурализација. Законот предвидува два различни основи – еден за оние кои престојувале во Македонија, и еден за оние кои живеат во странство. За целосен преглед на правата за регулирање на престој, видете го нашиот водич за регулирање на престој во Македонија или за други случаи за кои не е потребна дозвола за престој.  

 

Воспоставувањето на правна врска со Република Северна Македонија е единствен чекор кој треба да го преземете за да не мора повеќе да ги броите денови на престој на овие простори, а притоа да поминувате неограничено време во татковината на брачниот другар/ка.

Од друга страна, правото на здравствено осигурување, право да купувате недвижен имот, правото на глас и слобода да патувате, се еден дел од правата кои Ви ги овозможува државјанството.

Сепак, склучувањето на брак со Македонец/Македонка е само предуслов за да се стекнете со законското право да поднесете Барање за стекнување на државјанство на Република Северна Македонија, додека остатокот услови кои треба да ги исполнувате за целите на постапката за стекнување на држвјанство, се дефинирани во зависност од бројот на години поминати во брак.

 

Во таа смисла, Законот за државјанство на Република Северна Македонија предвидува две правни основи, согласно кои можете да се стекнете со Македонско државјанство по пат на олеснета натурализација, а сте во брак со Македонски државјанин.

  • Три години во брак, плус престој во Северна Македонија

Доколку изминале најмалку 3 години од денот откако сте стапиле во брак со Македонски државјанин,
а воедно законски сте престојувале во Република Северна Македонија во период од најмалку една година, значи дека веќе сте стекнале право да поднесете барање за стекнување на државјанство.

Станува збор за правен основ кој е релативно флексибилен, со оглед на тоа што истиот не бара од апликантот да исполнува мноштво услови, ниту пак постапката е обременета со приложување на бројна документација.

Добра вест е што не мора да сте живееле во Република Северна Македонија намалку 7 години, иако сепак, мора најмалку една година непрекинато да сте престојувале во Република Северна Македонија. На ваков начин, овој правен основ го врзува Вашето право на стекнување на државјанство, со обврската законски да сте престојувале на територијата на Република Северна Македонија, односно обврската за регулирање на Вашиот престој преку поседување на Дозвола за привремен престој по основ на брак.

Истовремено, Законот не бара задолжително познавање на Македонскиот јазик, ниту во текот на постапката би биле направени проверки по однос на ова прашање.

Законот, Ве ослободува од обврските да приложувате документи за обезбеден стан и извор на средства за егзистенција, а исто така Република Северна Македониј не Ве обврзува да добиете отпуст од државјанство кое го поседувате, ниту да докажувате дека ќе добиете отпуст.

 

  1. Осум години во брак и законски престој во странство

 

Доколку веќе поминале 8 години, од денот откако сте се венчале со Македонец/Македонка,
а истовремено законски и постојано живеете во странство, во таков случај повторно имате подобен правен основ да аплицирате за стекнување на Македонско државјанство.

Ова законско решение е исто толку флексибилно колку и претходното, затоа што повторно предвидува постапка за стекнување на државјанство по пат на олеснета натурализација.

Според овој правен основ, не мора воопшто да сте живееле во Република Северна Македонија,
но во секој случај потребно ќе биде да презентирате доказ дека имате законски регулиран престој во државата во која живеете.

И во оваа постапка, говерењето на Македонскиот јазик зависи исклучиво од Вашата лична желба. Надлежните органи нема да вршат било какви проверки на Вашите познавања.

Законот, повторно Ве ослободува од обврските да приложувате документи за обезбеден стан и извор на средства за егзистенција. Воедно, Република Северна Македониј не бара од Вас да добиете отпуст од државјанство кое го поседувате во моментот.

 

***

Документи без кои не можеле да аплицирате и во двата случаи

Доколку имате намера да аплицирате, изводот од матична книга на веначните претставува примарен документ кој ќе Ви биде потребен, додека за да се претставите себе си како добар државјанин, документот за неосудуваност мора да обезбедите од државата чие државјанство го поседуватe во моментот!

.

 

Постапка за државјанство во 2026 година – клучни напомени

  • Надлежен орган – Барањата за стекнување на државјанство се поднесуваат до Министерството за внатрешни работи (МВР) на Република Северна Македонија.
  • Рок за одлучување МВР е должен да одлучи по поднесеното барање во законски определениот рок. Препорачуваме да проверите тековните процесни рокови директно со МВР или преку правен застапник.
  • Двојно државјанство – Законот за државјанство на РСМ дозволува двојно државјанство, меѓутоа Ви препорачуваме да го проверите правото на Вашата матична држава во однос на двојното државјанство пред да аплицирате.
  • Постапка по барање – Законот за државјанство е подложен на измени. Пред поднесување на барање, препорачуваме да ги проверите актуелните услови и документацијата со стручно лице.

 

Често поставувани прашања

 

Дали е задолжително да знам македонски јазик?

Не. Законот за државјанство на РСМ не бара задолжително познавање на македонскиот јазик при стекнување на државјанство по пат на олеснета натурализација по основ на брак.

 

Дали треба да се откажам од постојното државјанство?

Не. Република Северна Македонија не Ве обврзува да добиете отпуст од тековното државјанство. Сепак, проверете го законодавството на Вашата матична држава.

 

Кои се основните документи за апликација?

Извод од матична книга на веначните е основен документ. Останатата документација може да се раззликува од случај до случај и Ве упатуваме да консултирате стручно лице.

 

Колку трае постапката за добивање на одлука?

И покрај законските рокови, постапката за одлучување по поднесеното барање најчесто трае и повеќе од една година.

 

Потребна ви е правна насока?

Доколку размислувате за стекнување македонско државјанство по основ на брак или сте во постапка и сакате да ги разберете вашите права, тимот на Лаличиќ и Партнери е на располагање за правна насока. Контактирајте не преку нашата веб-страница.

Ивана Илиеска

Контактирајте го авторот тука:

Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.