+ 389 2 609 0218 contact@lblaw.com.mk

Нови предизвици со новиот закон за заштита на потрошувачите

Што треба да знаат трговците?
ДЕЛ 2

Текстот подолу е продолжение на насловот “Нови предизвици со новиот закон за заштита на потрошувачите Што треба да знаат трговците? ДЕЛ 1

Законот за заштита на потрошувачите не само што ќе ги консолидира, туку и значително ќе ги подобри и модернизира правата на потрошувачите и ќе ги усогласи со регулативата што важи во ЕУ. Заштитата на потрошувачите е проширена на дигитални добра и услуги, така што потрошувачите се заштитени кога користат услуги базирани на “cloud” или купуваат стоки и услуги што може да се преземаат или проследуваат, како што се игри, филмови, музика и софтвер. Новиот закон исто така предвидува постапување со продажните поволности на трговците, како и максимална транспарентност и информирање на потрошувачите, како за условите на продажбата, така и за нивните права по настанување на потрошувачкиот однос.

Ваквите измени создаваат нови предизвици за трговците и нивна потреба од дополнително усогласување со законот, од призма на насоки и обука на вработените за постапување со потрошувачите, создавање на база на документација за употреба во потрошувачките односи, така и транспарентност и максимална информираност на потрошувачите, пред и за време на траење на потрошувачкиот однос.

ШТО ТРЕБА ДА ЗНААТ/ПРАВАТ ТРГОВЦИТЕ?

Сервис, поправка и замена на производи

Новиот закон предвидува дека трговецот е должен на потрошувачот да му обезбеди сервис за стоките што му ги испорачал, од негова страна или од страна на трет субјект, додека потрошувачот е овластен да бара трговецот  бесплатно да ја поправи потрошувачката стока или да бара бесплатна замена на потрошувачката стока, освен ако поправката или замената е невозможна или несоодветна. Ова може да се гледа и како право на трговецот да не пристапува кон враќање на уплатената купопродажна цена (како што досега беше случај). Притоа, законот предвидува дека за извршените услуги на поправка и/или сервис на стоките чијашто вредност е повисока од 5.000 денари, трговецот е должен на потрошувачот да му достави понуда во пишана форма (наместо досегашните пресметка и работен налог),

Потрошувачки приговор

Со воведување на правото на Потрошувачки приговор со новиот закон, трговецот има обврска да му овозможи на потрошувачот поднесување потрошувачки приговор и соодветно да постапува по истиот, без оглед дали потрошувачкиот приговор е именуван како таков. Притоа, овозможувањето на поднесување на потрошувачки приговор задолжително се врши во просториите на трговецот, на неговата веб страна, како и на сите други канали на коресподенција со потрошувачите, вклучително и поднесување н потрошувачкиот приговор усно и на хартија, за што трговецот е должен да состави и да му достави на потрошувачот потврда за прием на потрошувачкиот приговор.

Транспарентност

Со новиот закон подробно е пропишана и проширена на обврската за преддоговорно информирање и информирање на потрошувачите за времетраење на потрошувачкиот однос. Колку и да звучи тоа општо, сепак трговецот е должен на потрошувачот да му ги даде, на јасен, видлив и читлив начин, а преку амбалажа, приврзок, налепница, упатство, декларација, изјава, сертификат и/или на друг соодветен документ, сите корисни информации за производите и услугите и нивните белези, квалитет и начин на употреба, нивното влијание према животот на луѓето и животната средина, како и идентификационите податоци на трговецот. Притоа, објавувањето на овие информации, покрај на македонски јазик и неговото кирилско писмо, трговецот е должен да ги даде и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо.

Политика за усогласеност

Запознавајќи се со новите законски решенија за правата на потрошувачите, станува неизбежно, па дури и задолжителна обврска за трговците, да преземат соодвени дејствија за целосно усогласување со законот. Посебен акцент ќе треба да биде ставен на евидентните новитети во законот кои се однесуваат на потребата од информирање на потрошувачите и максимално овозможување за користење на нивните потрошувачки права. Покрај главната цел за пласман и продажба на своите производи и услуги, трговците ќе имаат обврска да ги разберат новите законски решенија и истите соодветно да ги имплментираат во секојдневните деловни практики. Паралелно, трговците ќе мораат да бидат подготвени со правна логистика и подготвена „потрошувачка документација“ како би можеле да одговорат на предизвиците кои им ги наметнува новото законско решение. Зависно од природата и обемот на бизнисот, трговците ќе треба со сериозен и прецизен пристап да преземат соодветни мерки за усогласување со новиот Закон за заштита на потрошувачите, преку спроведување на целосна Програма за усогласување, која ќе има крајна цел правна покриеност на компанијата и пренесување на новите деловни практики на вработените лица, преку нивна континуирана едукација..

Ведран Лаличиќ

Контактирајте го авторот тука:

Контактирајте не за консултација во однос на Законот за заштита на потрошувачите

Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.

Канцеларија

Ул. Македонија бр. 26/1-5,

Скопје – Центар

Контакт

contact@lblaw.com.mk
+ 389 2 609 0218

Lalicic & Boskoski Law Firm

str. Makedonija no. 11/1-5